Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на РМ“ бр.70/92), по моето гласање против Решението У.бр.40/2008 од 7 мај 2005, со кое Судот ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката на Судскиот совет на Република Македонија за одложување на заминување во пензија на Претседателот на Судскиот совет, го издвојувам и писмено го образложувам следното
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Оспорената одлука носи назив “Одлука за одложување заминување во пензија на Претседателот на Судскиот совет на Република Македонија“ и има еден став којшто гласи: “Се одложува заминувањето во пензија на Претседателот на Судскиот совет на Република Македонија до навршување 65 години возраст“. Следи потпис.
Мозинството судии на Уставниот суд сметаат дека означената одлука “независно од нејзиниот назив што е вообичаен и за одлуките како посебен вид на нормативни акти, … е поединечен, односно конретен акт затоа што со неа Судскиот совет на Република Македонија одлучил за одложување на заминување во пензија на актуелниот претседател на Судскиот совет до навршување на 65 години возраст, а не уредува определени односи на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, што е карактеристика за секој вид на пропис“.
Јас се согласувам само со тоа дека називот на еден акт не е релевантен за определувањето на неговата правна природа. Тој став е исклучително значаен за суштинското разбирање на надлежноста на Уставниот суд низ неговата не така кратка историја и служел како основ за надминување на стерилниот формализам и концентрирање кон одлучување за принципиелни прашања со далекусежни практични и теориски последици. Во согласност со тој став, Судот прифаќал надлежност за оценување на уставноста или уставноста и законитоста на акти кои не изгледале како прописи или општи акти ниту по својот назив, ни по својата форма, туку имале таков карактер поради нормативното значење на нивните одредби, дури и кога тие се однесувале на конкретен настан: актот на Собранието на РМ за изгласување недоверба на Владата; известувањето (по факс) на Министерството за образование за одржување богослужба во училиштата на првиот училишен ден; инструкција за правата од пензиско и инвалидско осигурување; позитивната листа на лекови – да наведам само некои. Тој став, според тоа, налага Судот во секој случај грижливо да испита која е вистинската природа на еден акт независно од неговата форма и појавни карактеристики. Контекстот, или односите на кои се однесува, нужно е тежишна точка на секоја анализа.
Меѓутоа, нормативниот карактер на Одлуката е видлив дури и на формално и појавно ниво, а моето несогласување со мнозинството судии, за жал, започнува уште на теренот на идентификација на нејзината содржина. Имено, во Одлуката воопшто не се споменува име и презиме на некое лице кое е претседател на Судскиот совет, ниту се употребува зборот “актуелниот“, па останува нејасно врз што се темели тврдењето дека Одлуката се однесува на актуелниот претседател. Ова е дотолку попроблематично ако се има предвид дека тоа тврдење се издига на ниво на факт и е клучниот аргумент во Решението на Судот за третманот на Одлуката како поединечен акт. Се разбира, можно е да се идентификува времето на донесување на Одлуката, како и тоа кое лице било претседател на Судскиот совет во тоа време, но од тоа само може да се заклучи кое лице било претседател на Судскиот совет во време на донесување на Одлуката и дека таа се однесува и на него, но не и да се изведе заклучок дека поимот “Претседателот“ употребен во Одлуката се однесува само на тој претседател. Таков заклучок може да се изгласа, но не може да се изведе. Оспорената одлука, според тоа, дури и од формална точка на гледиште, прифаќајќи го објективното значење на употребените термини, се однесува на “Претседателот на Судскиот совет“, т.е. на секој претседател на Судскиот совет кој ќе ги исполни условите за старосна пензија додека е на таа функција.
Понатаму, Одлуката пропишува дека заминувањето во пензија на претседателот на Судскиот совет се одложува до навршување на 65 години возраст, а не решава поединечна ситуација во која би морало да се изнесе уставен или законски основ за таков поединечен акт, да се наведе точниот датум до кога му се одложува заминувањето во пензија на дотичното лице и да се наведе како факт дека тоа лице наполнило 64 односно 62 години возраст, за да има смисла одлагањето на заминувањето во пензија во неговиот/нејзиниот случај над таа возраст. Очигледно, во одлуката нема ниту еден од овие елементи и сосема е јасно дека таа објективно пропишува услов што важи како норма за функцијата претседател на Судскиот совет. Според тоа, не само по називот, туку и по изразот, оспорената одлука многу повеќе има карактеристики на акт со кој се воспоставува општо правило, отколку како поединечен акт со кој се решава поединечна ситуација. Нејзиното општо дејство нема да престане со заминувањето на актуелниот претседател, туку ќе продолжи да важи се додека не биде изречно дерогирана, а се дотогаш секој нов претседател на Советот ќе може да се повика на неа, тоа е несомнено. Поединечните акти, се разбира, не престануваат на таков начин. Согледувањето и прифаќањето на овие очигледни карактеристики беше доволно за воспоставување на надлежноста на Уставниот суд.
Да се вратам на суштинскиот аспект, на контекстот. Според точка 1 ставови 8 и 9 од Амандманот XXVIII на Уставот, мандатот на избраните членови на Судскиот совет трае шест години, со право на уште еден избор, а основите и постапката за престанок на функцијата или разрешување на член на Советот се уредуваат со закон. Претпоставувам дека за никого не е спорно, прво, дека одредбите од Уставот што се однесуваат на мандатот на членовите на Судскиот совет се однесуваат и на оние членови што ќе бидат избрани за претседатели на тој орган, второ, дека Уставот не пропишува можност на кој било член, па и на претседателот на Судскиот совет, да му биде продолжен мандатот, и трето, дека престанокот на функцијата и разрешувањето на член на Советот (и на претседателот) може да се уредуваат само со закон и имаат смисла само пред истекот на мандатот утврден со Уставот и дека значат истовремено престанок на мандатот за вршење на функцијата (и тогаш кога не изминале шест години).
Во членот 31 став 1 точка 3 од Законот за Судскиот совет е предвидено дека на член на Советот му престанува мандатот со исполнување на условите за старосна пензија согласно со законот. Согласно со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, условите за старосна пензија се исполнети кога осигуреникот ќе наполни 64 години возраст (маж) односно 62 години возраст (жена).
Според тоа, Уставот и означените закони, земени во целина, го поставуваат правилото, односно нормата дека на кој и да е член на Судскиот совет кој наполнил 64 години (маж), односно 62 години (жена), му/и престанува мандатот во Советот (тука го оставам настрана проблемот на половата нееднаквост). Што прави оспорената одлука? Таа вели дека не е точно дека на членот на Судскиот совет што е негов претседател ќе му престане функцијата, односно мандатот во Советот кога ќе наполни 64 односно 62 години возраст, туку кога ќе наполни 65 години возраст, т.е. ги менува условите за престанок на мандатот, со оглед на тоа што “одложувањето на заминувањето во пензија“ значи само тоа дека лицето продолжува да ја врши таа функција. Таа не е акт што е донесен заради примена на правилото од член 31 став 1 точка 3 од Законот за Судскиот совет или на некое друго правило што се однесува на мандатот на членовите на Советот во конретен поединечен случај, напросто затоа што ни во Уставот, ни во Законот за судскиот совет кои единствено го регулираат мандатот, не постои правило за продолжување на мандатот над означените старосни граници. Напротив, таа одлука создава ново правило за статусот на една јавна функција, односно нова норма што ја дерогира претходната и, со оглед на положбата на Судскиот совет како “самостоен и независен орган на судството“ (т.1 на Амандман XXVIII на Уставот), настапува со неприкосновена правна сила во правниот поредок. Во оваа смисла се согласувам со мнозинството судии дека Одлуката не е подзаконски пропис во смисла на член 110 од Уставот, – таа, напротив, има сила на закон, ако не поголема. По една ваква одлука, дури и кога таа би се однесувала на конкретно лице, веќе не е важно што велат Уставот и законите за престанокот на мандатот на членовите или претседателите на Советот, туку што вели за тоа Судскиот совет со свој акт. Според тоа, прашањето врзано за оваа одлука не е дали со неа бил погрешно применет или бил повреден законот (последново не е исклучено), туку дали Судскиот совет има уставно овластување да ги определува условите за траењето на мандатот на својот претседател; проблемот не е нејзината законитост, туку нејзината уставност. Оваа одлука задира во сржта на принципот на поделбата на власта на законодавна, извршна и судска како темелна уставна вредност. Ако претходно многу лесно се покажа дека според Уставот не постои можност за продолжување на мандатот, а условите за неговиот престанок, исто така според Уставот, може да се пропишат само со закон, тогаш не би требало да биде така тешко да се оцени дека оспорената одлука, не само по формата и изразот, туку и по својата правна природа и суштина, е од најопшт, темелен уставен карактер затоа што поставува прашања за уставните овластувања во системот на поделбата на власта и таа објективно не може да остане надвор од надлежноста на Уставниот суд.
За жал, ефектот од пристапот на мнозинството судии во овој предмет е што Уставниот суд уште еднаш се доведува во положба, според моето мислење без добри разлози, да не каже ништо за темелни прашања на уставноста за коишто треба да го има последниот збор. Со таква маргинализирана положба на Уставниот суд трајно не можам да се согласам.
Судија
на Уставниот суд на Република Македонија
Игор Спировски
Скопје,14 мај 2008