Издвоено мислење по предметот У.бр.134/2008

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), после моето гласање против точката 1 под а) од Одлуката, го изнесувам и писмено го образложувам своето

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

на Одлуката У.бр.134/2008 од 17 декември 2008 година, во делот на точката 1 под а), со кој се укинува член 29 од Правилникот за издавање на документ касова сметка за сторна ттрансакција и за функционалните и техничките карактеристики кои треба да ги имаат фискалните апарати и интегралниот автоматски систем за управување („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2001) донесен од министерот за финансии на Република Македонија

Уставниот суд на Република Македонија постапувајќи по иницијатива на Драган Коровешовски адвокат од Скопје, со наведената одлука во делот на точката 1 под б) укина повеќе одредби од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот, за кои и јас гласав за нивно укинување, бидејќи Судот оцени дека тие не се во согласност со одредбите на член 8 став 1 алинеи 3 и 7 и член 55 од Уставот и со одредбите на Законот за регистрирање на готовинските плаќања. Меѓутоа, во однос на укинувањето на одредбата на член 29 од Интегралнииот текст на Правилникот, изразив несогласност, гласав против и го издвојувам своето мислење, според кое сметам дека оспорената одредба е во согласност со Уставот на Република Македонија и со Законот за регистрирање на готовинските плаќања и истата не требаше да биде укината, односно Уставниот суд не требаше да донесе таква одлука во овој дел.

Најнапред, одредбата на член 29 од Правилникот не беше предмет на барање со иницијативата, иако Судот со Решението за поведување на постапка од 29 октомври 2008 година по мое мислење, без посебна оправдана причина, оценката на уставноста во овој предмет ја прошири и на таа одредба. Мислам дека во оценката на уставноста и законитоста на оваа одредба мораше да се појде од карактерот и содржината на одредбата во целината на функционалниот систем на регистрирање на готовинските плаќања.

Според член 19 од Законот, министерот за финансии ги пропишува функционалните и техничките карактеристики кои треба да ги имаат фискалните апарати и интегралниот автоматски систем за управување, постапката и документацијата за нивно одобрување за користење, елементите на фискалната сметка, начинот на проверка и контрола на фискалните апарати и правила за техничко одржување и сервисирање на истите. Во утврдените законски рамки, со член 29 од Правилникот, како елемент на фискалната сметка се утврдува фискалното лого. Имено се опишува дека тоа е идентификациона ознака отпечатена на секоја фискална сметка, дека е формирано со ознаките сонце и пораките „ДА КУПУВАМЕ МАКЕДОНСКИ ПРОИЗВОДИ“, „ЗА НАШЕ ДОБРО“, „Made in Macedonia“ и се даваат димензиите на логото.

Тргнувајќи од дескриптивниот карактер на содржината на оваа одредба, која во никој случај не создава правна обврска за купувачот, односно корисникот на услугата, дека нема санкција за непридржувањето на пораката, дека е тоа само порака која може, но и не мора да има влијание на поведението на консументот, дека таа содржина на логото едноставно не евидентира ниту пак регистрира сама по себе, понатаму дека, логото содржи пропагандна содржина но која е наменета на слободната волја на купувачот на стоки или корисник на услуги и нема никакви правни косенквенции, односно логото само по себе не значи воспоставување на правен однос и слични атрибути, неспорно е дека со таквата содржина не се повредуваат уставните принции за владеењето на правото, правната заштита на сопственоста, слободата на пазарот и еднаквата правна положба на субјектите на пазарот.

Тргнувајќи од горенаведениот карактер на одредбата, што мнозинството судии на Уставниот суд не го респектираше, според моето мислење може да има подалекусежни штетни последици, искривувајќи ја пропагандната порака и нејзината намера во афирмирање на вредностите, поради што и моето убедување е дека одредбата на членот 29 од Правилникот не требаше да се укине бидејќи е во согласност со напред наведените одредби од Уставот и Законот за регистрирање на готовинските плаќања.

17 декември 2008 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Одлука У.бр.134/2008