Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.213/2008 година од 6 мај 2009 година, писмено го приложувам следното
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Суштинските наводи во инцијативата се однесуваат на проблемот на државната интервенција, во случајот регулиран во амандманите на Законот за енергетика член 51 ставовите од 2 до 10 (Службен весник на Република Македонија бр.106/08) кои беа разгледувани заеднички од причина што се во взаемно содејство. Конкретно, државната интервенција се остварува преку времено одземање на системот на пренос на електрична енергија или природен гас од претходниот носител на лиценца и предавање на времено користење на операторот на енергетскиот систем (став 4); врз база на барање од страна на новиот носител на лиценца да му се предаде веднаш владението и користењето на системот нему (став 6); принудувајќи го да склучи договор најдоцна во рок од шест месеца за уредување на взаемните права и обврски (став 7); и на крај, воколку не се постигне взаемна спогодба, на предлог на новиот носител на лиценца државата ќе изврши експропријација на системот за пренос на електрична енергија, односно пренос на природен гас, согласно Законот за експропријација (став 8).
Бездруго, на самиот почеток се поставува едно круцијално прашање а тоа е дали државата со цел да обезбеди непречено и континуирано снабдување со електрична енергија и гас, која дејност е од јавен интерес и е од стратешко значење, би требала да обезбеди некои заштитни одредби за таа цел? Одговорот несоменено е потврден, со оглед на значајноста на ова прашање, но сепак, во конкретниот случај, имајќи ја предвид понудената законска солуција, евидентно е дека тоа е сторено на несоодветен и недоволно операционализиран начин. Притоа длабоко верувам дека се кршат определени уставно загарантирани темелни вредности како што се:
– владеењето на правото и правната заштита на сопственоста (член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот), со оглед на тоа дека правото на сопственост го сочинува правото на владеење, користење и располагање со стварите
– уставно гарантираното право на сопственост (член 30 од Уставот)
– слободата на пазарот и претприемништвото како и слободното креирање на конкурентските услови (член 55 од Уставот)
– сопственоста и трудот претставуваат основа за управување и учество во одлучувањето (член 58 од Уставот)
Според спорните ставови од Законот, е евидентно дека државата се инволвира во решавањето на имотно-правните односи помеѓу сопственикот на системот и новиот носител на лиценца, но практично од самиот почеток новиот носител на лиценца веќе го поседува, владее и користи имотот (системот) кој е во туѓа сопственост. Во таква состојба, сопственикот е ставен во позиција по сила на закон да преговара и да си ги разрешува имотно-правните односи за сопствениот систем со новиот носител на лиценца. Притоа, факт е дека со ова законско решение сопственикот уште пред разрешување на имотно-правните односи останал по сила на закон без трите елементи на сопственоста (и тоа располагање, владеење и користење) без своја волја, и тоа без спроведување на претходна постапка на која имплицира и член 30 став 4 од Уставот. А всушност би требало дури по завршувањето на законски предвидената постапка, практично со денот на исполнувањето на спогодбата односно одлуката на судот за надомест, корисникот на експропријацијата да се стекне со владение и сопственост врз експроприраната недвижност.
Друго суштинско и принципиелно прашање е дали експропријацијата е единствениот легален инструмент според кој државата може да го реши прашањето за евентуално нефункционирање на системот (тоест да обезбеди континуитет). Во овој случај, таа се употребува како правен инструмент за единствено да се промени сопственикот на постојниот објект, што претставува класично одземање на веќе постојни и изградени објекти и постројки со цел истите да се пренесат на нов носител на права со помош на државната интервенција во промена на тие права. Оваа констатација се должи на тоа дека во однос на тоа што и за која цел се експроприира, Законот за експропријација (Службен весник на Република Македонија бр.33/95, 20/98, 40/99, 31/2001, 46/2005, 10/2008) определува дека се работи за одземање и уривање на постојното урбано подрачје заради нова и поинаква идна изградба на други објекти и/или постројки на терен а не за веќе изграден објект или инсталација. Во овој случај не се создава нова вредност, туку едноставно се превзема постојната, па токму затоа сметам дека ваквото експроприирање е уставно и законски неосновано.
Истп така се поставува прашање дали е ваков чин дозволив да се прави во име на вршење на дејност, дури и во случај таа да се определува како јавен интерес (јавниот интерес,
со Законот за експропријација се врзува за „изградба“ а со Законот за енергетика со „дејност“) со оглед на тоа дека експропријацијата овде веќе не се употребува во дефиниција и односи уредени со Законот за експропријација, туку таа сега се изместува со новодефинирана цел. Ако е тоа случај, ваквиот преседан може многу лесно да се прошири и на други области.
Затоа, сметам дека со овие одреби не би смеело да се повредува уставно загарантираното право на сопственост, особено од причина што експропријацијата не е единствениот легален инструмент за решавање на имотно-правните односи дури и во вакви случаи, имајќи предвид дека законодавецот можел да нормира и поинаков начин на обезбедување на конинуираната работа на енергетскиот систем преку поразработени облигаторни односи, каде за обете страни ќе има прифатлив економски интерес, а едновремено би се обезбедил и јавниот интерес. Така регулираниот за обете страни прифатлив економски интерес ќе обезбеди непропаѓање, одржување и постоење на системите како и обавување на дејностите, што има единствена економска логика. Не може подносителот на барањето за добивање на лиценца да очекува дека ќе има партнер во државата, која не само што ќе му издаде лиценца туку и ќе му обезбеди имот за тоа, и дека ова ќе функционира со секое наредно издавање на лиценца.
Според членот 3 од Законот за експропријација, експропријацијата може да се врши за државата и општините и Градот Скопје. Имено, правните и физичките лица ниту можат да бидат корисници ниту можат да предлагаат експропријација согласно постапката од Законот за експропријација и Одлуката У.бр.200/2007 на Уставниот суд на Република Македонија. Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.200/2007 од 11 февруари 2009 година (Службен весник 23/09) меѓу другото, го укина членот 3 став 1 точка 3 од Законот за експропријација според кој: „Експропријацијата може да се врши и за потребите на правни и физички лица за изградба на објекти и изведување на други работи од јавен интерес предвидени во членот 2 на овој закон“. Како резултат на ова, член 13 став 4 од истиот Закон кој гласи „Кога експропријацијата се врши за потребите на правни и физички лица, предлогот за експропријација го поднесуваат тие лица“ е практично неприменлив.
Според Одлуката, ставот на Уставниот суд е дека “оспорената одредба според која експропријацијата како присилна мерка која ја спроведува државата, може да се изврши и за потребите на физички и правни лица за изградба на станбени, деловни и стопански објекти заради стекнување на предимствено право на градба, со право го поставува прашањето дали со неа не се доведува во прашање правото на сопственост во интерес на овие лица кои бараат одредена недвижност да се експроприира. Со оспорените одредби се овозможува под закрилата на општ – јавен интерес секогаш и во секој случај одредена недвижност да биде одземена во корист на економски моќните корисници, а интересот на носителот на правото на сопственост да биде миноризиран.“ Со оглед дека експропријацијата нема законска регулатива да се спроведува за потребите на правни и физички лица, тоа значи ниту постапката не може да се поведе по нивни предлог и за нивни потреби, според ставот 4 од членот 13 од наведениот закон.
Врз основа на изнесеното, а имајќи предвид дека исходот на овој предмет значајно придонесува во формирањето на импресија за начинот на кој нашата држава ги третира крупните сопственички права и оперирањето со ресурсите, ценам дека аргументацијата позади која застанаа мнозинството судии е неиздржана како и спротивна на веќе завземените ставови по однос на прашањата за експропријација на Уставниот суд на Република Македонија во цитираната Одлука.
Скопје, 7 мај 2009 годинa
Судија на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Наташа Габер-Дамјановска