У.бр.72/2017-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 2 мај 2018 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ПОНИШТУВААТ: Одлуката за распишување на референдум на локално ниво бр. 08-51/1, донесена од Советот на Општина Валандово на 3 јули 2017 година и Одлуката за распишување на референдум на локално ниво број 08-54/3 донесена од Советот на Општина Валандово на 10.07.2017 и објавена во „Службен гласник на Општина Валандово“ бр.5/2017.

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата поднесена од Николче Чурлиновски во својство на тогашен градоначалник на Општина Валандово, со Решение У. бр.72/2017 од 7 март 2018 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуките означени во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.  4. Судот на седницата утврди дека првооспорената Одлука за распишување на референдум на локално ниво бр. 08-51/1, Советот на Општина Валандово ја донел на 3 јули 2017 година, и откако таа била запрена со решение на градоначалникот, на 10 јули 2017 година ја потврдил истата со донесување на Одлуката за распишување на референдум на локално ниво, бр. 08-54/3, која била објавена во „Службен гласник на Општина Валандово“ бр.5/2017 од 11 јули 2017 година.

Според членот 1 од Одлуката, Советот на Општина Валандово распишува референдум за подрачјето на Општина Валандово заради изјаснување на граѓаните околу отворањето на рудници за металични минерални суровини на територијата на Општина Валандово. Советот на Општина Валандово го распишува референдумот од претходниот став по иницијатива на 20% од регистрираните гласачи на Општина Валандово.

Во членот 2 од Одлуката е утврдено дека на референдумот на локално ниво граѓаните на Општина Валандово ќе се произнесат по однос на две прашања, и тоа:„Прашање 1: Дали сте ЗА или ПРОТИВ продолжување со работа на рудникот и рударскиот комплекс „Казандол”?Прашање 2: Дали сте ЗА или ПРОТИВ отварање на рудници и рударски комплекси за металични минерални суровини на територијата на Општина Валандово?“

Согласно членот 3 од Одлуката, изјаснувањето по првото референдумско прашање од членот 2 на оваа одлука се спроведува со цел граѓаните на Општина Валандово да одлучат дали да продолжи со работа рудникот и рударскиот комплекс „Казандол” кој се наоѓа на територијата на Општина Валандово во близина на многу населени места, градот Валандово и на територијата на соседните општини Богданци и Дојран. Изјаснувањето по второто референдумско прашање од членот 2 на оваа одлука се спроведува со цел граѓаните на Општина Валандово да се изјаснат дали ќе дозволат да се отвораат рудници и рударски комплекси за експлоатација на металични минерални суровини на компаниии коишто на територијата на Општина Валандово вршат или ќе вршат детални геолошки истражувања.

Според членот 4, одлуката за референдум се смета за донесена доколку за неа гласале мнозинството од вкупниот број гласачи коишто гласале, но само доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список на Општина Валандово.

Во членот 5 од Одлуката е предвидено дека доколку на референдумот граѓаните се изјаснат против продолжување со работа на рударскиот комплекс „Казандол”, Советот на Општина Валандово ќе ги извести надлежните државни органи за донесената одлука и за поништување на даденото позитивно мислење за доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини бакар, злато и сребро на локалитетот „Казандол”, Општина Валандово, Општина Дојран и Општина Богданци. Доколку на референдумот граѓаните се изјаснат против отворање на рудници за металични минерални суровини на територијата на Општина Валандово, Советот на Општина Валандово ќе ги извести надлежните државни органи за донесената одлука при одлучување за идните постапки за добивање на концесија за експлоатација на металични минерални суровини на територијата на Општина Валандово.

Според членот 6 од Одлуката, референдумот на локално ниво ќе се одржи на ден 20 август 2017 година. Гласањето ќе се спроведе во периодот од 07:00 до 19:00 часот.

Во членот 7 од Одлуката е определено дека референдумот на локално ниво ќе го спроведе Општинската изборна комисија на Општина Валандово и избирачките одбори.

Во членот 8 од Одлуката е определено дека средствата за спроведување на референдумот ќе се обезбедат од Буџетот на Општина Валандово за 2017 година во висина од 1.200.000 денари.

Според членот 9, одлуката донесена на референдумот е задолжителна за Советот. Советот е должен во рок од 60 дена по објавувањето на резултатите од референдумот да ги уреди прашањата по кои се одлучувало на референдумот во согласност со резултатите на референдумот.

Во членот 10 од Одлуката е предвидено по еден примерок од одлуката да се достави до Општинската изборна комисија во Валандово и до Државната изборна комисија.

Согласно членот 11 од Одлуката, Советот за донесената одлука ќе ги информира граѓаните преку локалните, регионалните и националните средства за јавно информирање, преку објавување на огласна табла на Општина Валандово и преку објавување на веб и фејсбук-страната на општината.

Во членот 12 од Одлуката е предвидено дека оваа одлука стапува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Валандово“, а ќе се објави и на огласната табла на Општина Валандово.

5. Според член 2 став 2 од Уставот, граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 9 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 56 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Согласно ставот 3 на овој член од Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Според член 57 од Уставот, Републиката го поттикнува економскиот напредок и се грижи за порамномерен просторен и регионален развој, како и за побрз развој на стопански недоволно развиените подрачја.

Според член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт. Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Според Амандман XVII на Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Надлежноста на општините е уредена со Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002), кој во членот 20 определува дека општините, во рамките на законот, во согласност со начелото на супсидијарност, имаат право на своето подрачје да ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт.

Во членот 22 од Законот за локална самоуправа е утврдена листата на надлежностите на општината. Тука спаѓаат:
„1. Урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште;
2. Заштитата на животната средина и природата – мерки за заштита и спречување од загадување на водата, воздухот, земјиштето, заштита на природата, заштита од бучавата и нејонизирачкото зрачење;
3. Локалниот економски развој – планирање на локалниот економски развој; утврдување на развојните и структурните приоритети; водење на локална економска политика; поддршка на развојот на малите и средните претпријатија и на претприемништвото на локално ниво и во тој контекст, учество во воспоставувањето и развојот на локалната мрежа на институции и агенции и промовирање на партнерство;
4. Комуналните дејности – снабдувањето со вода за пиење; испораката на технолошката вода; одведувањето и пречистувањето на отпадните води; јавното осветлување; одведувањето и третманот на атмосферските води; одржувањето на јавна чистота; собирање, транспортирање и постапување со комуналниот цврст и технолошки отпад; уредувањето и организирањето на јавниот локален превоз на патници; снабдувањето со природен гас и топлинска енергија; одржувањето на гробовите, гробиштата, крематориумите и давањето погребални услуги; изградбата, одржувањето, реконструкцијата и заштитата на локалните патишта, улици и други инфраструктурни објекти; регулирање на режимот на сообраќајот; изградбата и одржувањето на уличната сообраќајна сигнализација; изградбата и одржувањето на јавниот простор за паркирање; отстранувањето на непрописно паркираните возила; отстранување на хаварисаните возила од јавните површини; изградбата и одржувањето на пазарите; чистењето на оџаците; одржувањето и користењето на парковите, зеленилото, парк-шумите и рекреативните површини; регулацијата, одржувањето и користењето на речните корита во урбанизираните делови; определувањето на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти;
5. Културата – институционалната и финансиската поддршка на културните установи и проекти; негувањето на фолклорот, обичаите, старите занаети и слични културни вредности; организирањето културни манифестации; поттикнувањето на разновидни специфични форми на творештво;
6. Спортот и рекреацијата – развојот на масовниот спорт и рекреативните активности; организирањето на спортски приредби и манифестации; одржувањето и изградбата на објекти за спорт; поддршка на спортски сојузи;
7. Социјалната заштита и заштита на децата – детски градинки и домови за стари (сопственост, финансирање, инвестиции и одржување); остварување на социјална грижа за инвалидните лица; децата без родители и родителска грижа; деца со воспитно-социјални проблеми; деца со посебни потреби; децата од еднородителски семејства; децата на улица; лицата изложени на социјален ризик; лицата засегнати со злоупотреба на дрога и алкохол; подигање на свеста на населението; домување на лица со социјален ризик; остварување на право и воспитување на децата од предучилишна возраст. Вршењето на овие надлежности се во согласност со Националната програма за развој на социјалната заштита;
8. Образование – основање, финансирање и администрирање на основни и средни училишта, во соработка со централната власт, во согласност со закон, организирање на превоз и исхрана на ученици и нивно сместување во ученички домови;
9. Здравствената заштита – управување со мрежата на јавни здравствени организации и објекти од примарна здравствена заштита кои треба да вклучат застапеност на локалната самоуправа во сите одбори на сите здравствени организации во јавна сопственост, здравственото воспитување; унапредување на здравјето; превентивни активности; заштита на здравјето на работниците и заштита при работа; здравствен надзор над животната средина; надзор над заразните болести; помош на пациенти со специјални потреби (на пример, ментално здравје, злоупотреба на деца итн.) и други области кои ќе бидат утврдени со закон;
10. Спроведување на подготовки и преземање мерки за заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра од воени разурнувања, природни непогоди и други несреќи и од последиците предизвикани од нив;
11. Противпожарна заштита што ја вршат територијалните противпожарни единици;
12. Надзор над вршењето на работите од нејзина надлежност и
13. Други работи определени со закон“.

Непосредното учество на граѓаните во одлучувањето во општините е уредено со повеќе одредби од Законот за локалната самоуправа во кои се уредени облиците на учество на граѓаните.

Според член 25 од Законот, граѓаните непосредно учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење преку граѓанска иницијатива, собири на граѓаните и референдум, на начин и постапка утврдени со закон.
Според член 28 од Законот за локалната самоуправа, граѓаните преку референдум можат да одлучуваат за прашањата од надлежност на општината, како и за други прашања од локално значење. Според ставот 3 на овој член, советот може да распише референдум за прашања од негова надлежност, по сопствена иницијатива. Одлуката донесена на референдумот е задолжителна за советот (став 4).

Надлежностите на советот се утврдени во членот 36 од Законот, според кој советот:
„1. Го донесува статутот на општината и други прописи;
2. Донесува буџет на општината и годишна сметка на општината;
3. Ја утврдува висината на сопствените извори на приходи за финансирање на општината, во рамките утврдени со закон;
4. Основа јавни служби во рамките на надлежноста на општината и врши надзор над нивната работа;
5. Именува членови во управните одбори на јавните служби, кои ги основа;
6. Усвојува програми за работа и финансиски планови за финансирање на јавните служби, кои ги основала општината;
7. Ги усвојува извештаите за извршување на буџетот и годишната сметка на општината;
8. Одлучува за давање дозвола за вршење дејност од јавен интерес од локално значење, во согласност со закон;
9. Ги усвојува извештаите за работата и годишните сметки на јавните служби, кои ги основала општината;
10. Одлучува за начинот на располагање со сопственоста на општината;
11. Одлучува за начинот на вршење на финансиска контрола на буџетот на општината, во согласност со закон;
12. Го избира лицето кое раководи со подрачната единица на Министерството за внатрешни работи во општината, во согласност со закон;
13. Го разгледува и усвојува годишниот извештај за јавната безбедност на подрачјето на општината, кој го доставува до министерот за внатрешни работи и народниот правобранител;
14. Може да дава препораки на раководното лице на подрачната единица на Министерството за внатрешни работи од областа на јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот и
15. Врши и други работи утврдени со закон“.

Предметната иницијатива подносителот во својство на тогашен градоначалник на Општина Валандово, ја поднел постапувајќи според член 51 од Законот за локалната самоуправа, односно врз основа на своите надлежности да врши контрола на законитоста на прописите на советот пред нивното објавување.

Имено, согласно овој член од Законот, ако градоначалникот смета дека прописот на советот не е во согласност со Уставот и законите, должен е во рок од седум дена од денот на доставувањето со решение да го запре неговото објавување, со кое ќе ги образложи причините за запирањето. Советот е должен, во рок од 15 дена од денот на објавувањето на решението од ставот 1 на овој член, да го разгледа решението и да одлучи по него. Ако советот го потврди прописот, градоначалникот е должен да го објави и истовремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Македонија. За иницијативата од ставот 3 на овој член градоначалникот е должен да го информира министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа.

Референдумот како облик на учество на граѓаните во одлучувањето е уреден и со Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните („Службен весник на Република Македонија” бр. 81/2005). Според член 2 од наведениот закон, референдумот е облик на непосредно изјаснување на граѓаните во одлучувањето за одделни прашања од надлежност на Собранието на Република Македонија, за прашања од надлежност на општините, на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје, како и за други прашања од локално значење.

Референдумот на локално ниво е уреден со посебни одредби од Законот (членови 36 – 44):
Според член 36 од Законот, референдум на локално ниво распишува советот на општината, на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје (во натамошниот текст: советот), по сопствена иницијатива и на предлог од најмалку 20% од граѓаните од општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје. Според ставот 2 на овој член, Советот може да распише референдум на локално ниво за прашања од негова надлежност за кои со закон е овластен да одлучува.

Согласно член 37 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, одлуката за распишување на референдум на локално ниво се објавува во службеното гласило на општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје и преку средствата за јавно информирање на начин утврден со статутот. Од денот на објавувањето на одлуката за распишување на референдум во службеното гласило на општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје до денот на одржувањето на референдумот на локално ниво не можат да поминат помалку од 25 ниту повеќе од 40 дена.

Во членот 38 од Законот е определено дека референдум на локално ниво може да се распише за донесување пропис, за прашања што треба да се уредат во општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје (претходен референдум) или за преоценување на пропис што претходно е донесен (дополнителен референдум).

Во членот 40 од Законот се определени прашањата за кои не може да се распише референдум. Според ставот 1 на овој член од Законот, референдум на локално ниво не може да се распише за прашања што се однесуваат на буџетот и завршната сметка на буџетот на општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје и за организацијата на општинската администрација. Согласно ставот 2 на истиот член од Законот, референдум на локално ниво не може да се распише за прашања за кои советот одлучува со мнозинство гласови од присутните членови на советот при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинско население во општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје.

Минералните суровини се предмет на уредување на Законот за минералните суровини („Службен весник на Република Македонија“ бр. 136/2012, 25/2013, 93/2013, 44/2014, 160/2014, 129/2015, 192/2015, 39/2016, 53/2016, 120/2016, 189/2016).

Според член 4 од Законот, минералните суровини се добра од општ интерес, сопственост на Република Македонија, без оглед на сопственоста на земјиштето на кое се наоѓаат.

Согласно ставот 3 на овој член, од јавен интерес е:- вршењето на детални геолошки истражувања и експлоатација на енергетските металични, техногените минерални суровини и термоминералните и термалните води и- кога експлоатацијата на минералната суровина е од стратешко значење и е неопходна за реализација на проекти од јавен интерес утврден со друг закон. Минералните суровини од ставот 3 алинеја 2 на овој член ги определува Владата на Република Македонија.

Во членот 5 од Законот за минерални суровини е определено дека за остварување на целите и насоките за усогласено вршење на геолошките истражувања, експлоатацијата и одржливото искористување на минералните суровини, Владата на Република Македонија (во натамошниот текст: Владата) на предлог на министерот за економија донесува стратегија за геолошки истражувања, одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини (во натамошниот текст: стратегијата) за период од 20 години. Со стратегијата се определува обемот и начинот на реализација на основните геолошки истражувања, одржливото искористување и потребите за експлоатацијата на минералните суровини кои се од битно значење за развојот на стопанството на Република Македонија.

Согласно членот 36 од Законот за минералните суровини, право за вршење на експлоатација на минерални суровини се стекнува со добивање на концесија за експлоатација на минерални суровини. Концесија за експлоатација на минерални суровини доделува Владата на Република Македонија (во натамошниот текст: концедент). Право за добивање на концесија за експлоатација има секое правно лице, вклучувајќи ги и странските правни лица со подружница запишана во Централниот регистар на Република Македонија, а кои ги исполнуваат условите пропишани со овој или со друг закон.

Одредбата од членот 36 понатаму е разработена во членот 45 од Законот, согласно кој, одлуката за доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини ја донесува Владата на предлог на органот на државната управа надлежен за работите од областа на минералните суровини.

Во членот 46 од Законот за минерални суровини е определено дека врз основа на одлуката за доделување на концесијата за експлоатација на минерални суровини, концедентот и концесионерот склучуваат договор за концесија за експлоатација на минерални суровини. Во име на концедентот, договорот за концесија за експлоатација на минерални суровини го склучува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на минералните суровини во рок од 15 дена, сметано од денот на влегувањето во сила на одлуката за доделување на концесијата.

Согласно членот 50 од Законот за минерални суровини, во случаите на престанок на важење на концесијата за експлоатација (поради истекот на рокот за кој била дадена концесијата, како и во случај на стечај или ликвидација на концесионерот) Владата на предлог на органот на државната управа надлежен за работите од областа на минералните суровини донесува одлука за престанок на важење на концесијата за експлоатација.

Владата исто така, одлучува за еднострано раскинување на договорот за експлоатација на минерални суровини согласно членот 51 од Законот.

Според член 53 од Законот, со експлоатација на минерални суровини и изведување на рударски работи може да се започне откако концесионерот ќе добие дозвола за експлоатација на минерални суровини. Дозволата од ставот 1 на овој член ја издава органот на државната управа надлежен за работите од областа на минералните суровини.

Во сите постапки уредени со Законот за минерални суровини, определено учество имаат и единиците на локалната самоуправа и тоа учество се состои во давање мислење до органот на државната управа надлежен за работите од областа на минералните суровини, кој согласно законот, е должен пред донесување на конечната одлука задолжително да побара мислење и од единицата на локалната самоуправа на чија територија се наоѓаат минералните суровини. Таква обврска е предвидена во член 14 став 4 (Постапка за доделување на концесија за вршење на детални геолошки истражувања), член 19 став 12 (Проширување на концесија за вршење детални геолошки истражувања), член 26 став 8 (Постапка за издавање на дозвола за вршење на детални геолошки истражувања) член 41 став 4 (Доделување на концесија за експлоатација по пат на јавен повик), член 42 (Доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини по барање од заинтересирано лице), член 43 став 9 (Доделување на концесија за експлоатација на песок и чакал) итн.

Во однос на надлежностите на локалните власти vis-a-vis централната власт, релевантна е одредбата од членот 4 на Европска повелба за локалната самоуправа, според која локалните власти во рамките на законот, имаат целосна слобода да ја остваруваат својата иницијатива во поглед на работите кои не се исклучени од нивната надлежност и кои не се дадени во надлежност на некоја друга власт.

6. Од наведените одредби на Уставот на Република Македонија произлегува дека референдумот е еден од облиците на остварување на власта на граѓаните и дека локалната самоуправа е темелна вредност на уставниот поредок. Уставната положба на локалната самоуправа понатаму е уредена со Амандманот XVII на Уставот, кој ги утврдува областите за кои е надлежна локалната самоуправа, дефинирајќи претходно дека станува збор за прашања од локално значење за кои граѓаните можат да одлучуваат непосредно и преку претставници.

Уставните надлежности на локалната власт понатаму се разработени во Законот за локалната самоуправа кој јасно го утврдува принципот на супсидијарност, определувајќи дека општините ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт. Поаѓајќи од оваа општа определба дека општините се надлежни за прашања од локално значење, а не и за оние за кои е надлежна централната власт, и одредбите од Законот за локална самоуправа и Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, произлегува дека правото на граѓаните да одлучуваат преку референдум е лимитирано на прашања од надлежност на општината, односно на прашања од локално значење за кои советот на општината е овластен да одлучува.

Во однос на прашањето за експлоатација на минерални суровини, од наведените одредби од Уставот и Законот за минерални суровини произлегува дека минералните суровини како природно богатство претставуваат добра од општ интерес за Републиката кои се во сопственост на Републиката, без оглед на тоа на територијата на која општина се наоѓаат. Значи независно од фактот што минералните суровини се наоѓаат на земјиште што се наоѓа на територијата на единицата на локалната самоуправа, тие се во сопственост на државата, односно Републиката. Токму од тие причини, имајќи го предвид фактот што одделни минерални суровини можат да имаат и стратешко значење за развојот на стопанството, за нивната експлоатација согласно наведените одредби од Законот за минералните суровини, одлучува Републиката односно органите на државната власт, а не органите на локалната самоуправа. Владата е таа која ги определува минералните суровини што се од стратешко значење, таа донесува стратегија за геолошки истражувања и за искористување и експлоатација на минерални суровини, доделува концесија за нивно искористување, дава дозвола за експлоатација на минерални суровини и одлучува за раскинување на договорот за концесија.

Во конкретниот случај Советот на Општина Валандово со оспорените одлуки распишал референдум за подрачјето на Општината заради изјаснување на граѓаните по прашањето за отворање на рудници за металични минерални суровини на територијата на Општина Валандово, врз основа на иницијатива на 20% од регистрираните гласачи. На референдумот биле поставени две прашања: „1. Дали сте ЗА или ПРОТИВ продолжување со работа на рудникот и рударскиот комплекс „Казандол“? и 2. Дали сте ЗА или ПРОТИВ отворање на рудници и рударски комплекси за металични минерални суровини на територијата на Општина Валандово?“

Иако во двете одлуки како правен основ за нивното донесување се наведени одредбите од членовите 25, 26 и 28 од Законот за локалната самоуправа и членовите 6, 37 и 81 од Законот за референдум и други облици на непосредно одлучување на граѓаните, од наведените одредби од двата закони неспорно произлегува дека локален референдум може да се распише само за прашања од надлежност на општината, односно за прашања од локално значење. Притоа, согласно постојната законска регулатива прашањето за експлоатација на минерални суровини не спаѓа во прашања за кои е надлежна општината, туку за тоа одлучуваат органите на централната власт, односно Владата и надлежното министерство за прашања од областа на минералните суровини.

Уставот го гарантира правото на граѓаните на локална самоуправа, издигајќи го на ниво на темелна вредност на уставниот поредок. Меѓутоа, Судот смета дека правото на граѓаните на локална самоуправа, односно правото на граѓаните да ја остваруваат власта на локално ниво преку форми на непосредно одлучување како што е референдумот, не е неограничено по својот предмет. Граѓаните во единиците на локалната самоуправа по пат на референдум можат да одлучуваат само за прашања што се од надлежност на општината, во коишто не спаѓа прашањето за експлоатација на минералните суровини и отворање на рудници за нивна преработка. Законското решение за овие прашања да одлучуваат органите на централната власт, односно Владата и надлежното министерство, според оценката на Судот, е оправдано ако се има предвид дека минералните суровини, независно од тоа каде се наоѓаат, се во сопственост на државата, односно Републиката и тие имаат стратешко значење за нејзиниот развиток. Иако конечното одлучување по овие прашања е во надлежност на централната власт, според Судот, постојната законска регулатива од областа на минералните суровини дава можност во целата постапка за доделување на концесии за геолошки истражувања и за експлоатација на минерални суровини да биде вклучена, односно консултирана и општината која дава мислење на барање на надлежното министерство. Во мислењето што според Законот општините се должни да го дадат, тие можат да ги изнесат своите ставови имајќи ги предвид мислењата и интересите на локалната заедница односно локалното население. На овој начин се овозможува државата да го задржи правото за конечно одлучување по прашањата за експлоатација и ископување на минералните суровини, земајќи ги во предвид легитимните интереси на локалното население, а истовремено на општината и се дава посилна заштита на нејзиното право на самоуправување.

Од наведеното несомнено произлегува дека со оспорените одлуки, Советот на Општина Валандово, спротивно на Уставот и на наведените закони, распишал локален референдум за прашање што не е во негова надлежност, односно за прашање за коешто тој не е овластен со закон да одлучува, со што постапил спротивно на Амандман XVII од Уставот и спротивно на членовите 20, 28 и 36 од Законот за локалната самоуправа и на членовите 2, 36 и 38 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.72/2017
2 мај 2018 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски