Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 18 април 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 13 став 2 во делот: „Доброволно истапување не важи ниту во случаите кога членот користел право што е обезбедено со колективен договор, потпишан од страна на СОНК” и член 14 во делот: „3 години” од Статутот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија, бр.0801-30/5 од 15.10.2016 година.
2. Влатко Секулоски од Прилеп и други, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на делови од одредбите на членовите од актот, означен во точката 1 од Решението.
Според наводите од иницијативата СОНК бил потписник на колективните договори за основно и средно образование кој важел за сите граѓани, а правата што произлегувале од законите и колективните договори не можеле да бидат ограничени со статутот на било кое здружение, бидејќи остварувањето на правата на вработените и нивната положба според член 32 од Уставот се уредувале со закон и со колективни договори, а не со статут на граѓански здруженија. Со членот 20 од Уставот се гарантирало правото на граѓаните да можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат. Според член 185 став 1 од Законот за работните односи работникот, односно работодавачот слободно одлучувал за своето стапување и истапување од синдикатот, односно здружението на работодавачите, а согласно член 188 став 1 од Законот, статутот морал да биде заснован на демократско почитување на волјата на членовите. Од наведените причини со иницијативата се бара Уставниот суд да ја испита уставноста и законитоста на оспорените делови од одредбите на членовите од Статутот на СОНК.
3. Судот на седницата утврди дека предмет на оспорување со иницијативата се член 13 став 2 во делот: „Доброволно истапување не важи ниту во случаите кога членот користел право што е обезбедено со колективен договор, потпишан од страна на СОНК” и член 14 во делот: „3 години”, содржани во Статутот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија.
4. Според член 110 алинеја 7 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Со иницијативата се бара оцена на уставноста и законитоста на делови од одредбите на членовите од Статутот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија.
Во делот од Уставот посветен на економските, социјалните и културните права на човекот и граѓанинот, се уредени одредбите од член 32 став 5 од Уставот според кој, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор, како и одредбите од член 37 став 1 на Уставот, со кој се уредува правото на граѓаните да основаат синдикати, заради остварување на своите економски и социјални права.
Членот 37 од Уставот е посветен на правото на граѓаните вработени да се здружуваат во синдикални организации кои работниците ги основаат заради остварување на нивните права што произлегуваат од работен однос, а кои согласно член 32 став 5 од Уставот, мора да бидат утврдени со закон и со колективен договор. За разлика од организирањето на вработените во синдикални организации, во делот од Уставот посветен на граѓанските и политичките слободи и права, е уреден членот 20 со кој на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, културни и други права и уверувања (став 1), како и правото на граѓаните да можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат (став 2).
Според тоа, Уставот утврдува право на граѓаните да се здружуваат во синдикални организации кои се организираат и ја вршат својата функција согласно одредбите од Законот за работни односи, а исто така Уставот гарантира слобода на граѓаните да се здружуваат во здруженија на граѓани и во политички партии, кои се организираат според Законот за здруженија на граѓани и фондациите и Законот за политичките партии. Здруженијата на граѓани и политичките партии, согласно ставот 3 на членот 20 од Уставот, се обврзани нивните акти (програми и статути), како и нивните дејствувања, да не бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.
Во оваа смисла, со Уставот на Република Македонија е утврдена надлежност на Уставниот суд да врши уставна контрола над актите кои ги донесуваат политичките партии и здруженијата на граѓаните, односно да ја оценува нивната согласност со одредбите на Уставот, како што произлегува од член 110 алинеја 7 од Уставот, според кој Уставниот суд, одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.
Што се однесува до здружувањата на граѓаните во синдикалните организации, треба да се има во предвид дека работниците истите ги основаат заради остварување на нивните економски и социјални права од работен однос. При ова, вработените своите права ги остваруваат, исклучиво согласно со закон и со колективен договор, за кои Уставниот суд согласно своите надлежности од член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на колективните договори со Уставот и со законите.
5. Имајќи предвид дека во конкретниот случај, актот во кој се содржани оспорените делови од одредбите, не можат да се подведат под акти од член 110 алинеја 7 од Уставот, за чија уставност, Уставниот суд има надлежност да одлучува, Судот утврди дека во конкретниот случај, се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата, поради ненадлежност.
6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.104/2017
18 април 2018 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски