Издвоено мислење по предметот У.бр.260/2009

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.260/2009 од 26 мај 2010, го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Гласав против решението во деловите што се однесуваат на членот 8 и членот 27 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, затоа што сметам дека со нив се изигрува императивниот карактер на ставот 4 на член 73 од Уставот според кој одлуката донесена на референдумот, распишан во согласност со овој член, е задолжителна (обврзувачка за Собранието).

Уставот регулира два облика на референдум за прашања од сферата на остварувањето на власта и суверенитетот во Република Македонија, со други зборови – референдум на државно ниво: 1. задолжителен (по сила на Уставот, без овластување дополнително да се одлучува за тоа дали ќе се распише референдум или не), и 2. факултативен.

Првиот облик е предвиден во членовите 74 и 120 од Уставот, односно за донесување одлука за менување на границите на Република Македонија, како и за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави. Во овие случаи, по сила на Уставот, одлуките мора да се стават на референдум и се сметаат за донесени само ако за нив гласало мнозинството од вкупниот број на избирачи.

Вториот, факултативниот облик на референдум, е уреден со членот 73 од Уставот. За разлика од задолжителниот референдум, факултативен референдум од член 73 може да се распише доколку за тоа така се одлучи под условите и на начин утвредени во тој член. А тие се следниве : 1. надлежен орган за распишување на референдум е Собранието на Република Македонија, 2. прашањето за кое се распишува референдум мора да биде од надлежност на Собранието на Република Македонија, 3. Собранието ќе распише референдум ако а) така одлучи мнозинството од вкупниот број пратеници или б) ако предлог за тоа поднеле најмалку 150 000 избирачи. Должноста Собранието во последниов случај да распише референдум не го менува неговиот факултативен карактер: Собранието не е помалку должно да го распише референдумот кога за тоа самото донело одлука со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Било референдумот да се одржува по одлука на Собранието, било по предлог на 150 000 избирачи, одлуката на референдумот е усвоена ако за неа гласало мнозинството од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број избирачи (забележете го различното мнозинство во однос на задолжителниот референдум од членовите 74 и 120 од Уставот). Конечно, ставот 4 од овој член на Уставот, којшто е клучен за разбирање на членот 73 од Уставот и за одлучувањето во конкретниот предмет, пропишува дека одлуката донесена на референдумот е задолжителна (обврзувачка за Собранието во нејзината содржина). Императивниот карактер на оваа одредба е очигледен.

Според тоа, Уставот јасно пропишува кој, кога и за кои прашања може да распише референдум, како и тоа со каков ефект е одлуката донесена на референдумот. Членот 73 на заокружен начин регулира две темелни прашања на уставното уредување: прво, го регулира односот помеѓу граѓаните и нивното претставничко тело, како уставно прашање par excellence, воспоставувајќи услови под кои граѓаните ја вршат власта непосредно (во смисла на член 2 од Уставот). На тој начин не само што ја уредува вертикалната поделба на власта, туку истовремено воспоставува уставно право на граѓаните да одлучат за прашањата што се поставени пред нив, како посебен облик на правото на политичко дејствување. Обврзувачкиот карактер на одлуката донесена на референдум експлицитно и императивно ја дефинира таа положба на граѓаните во однос на Парламентот и ја открива концепцијата на тој член од Уставот. Тој член тврди дека ако граѓаните се повикани да се изјаснат на референдум, тогаш нивната одлука е задолжителна за Собранието. Можело да биде поинаку, но не е. Второ, тој член ја регулира и хоризонталната поделба на власта во врска со референдумот во Република Македонија, на тој начин што спречува која и да било од властите да го користи референдумот за контрола врз другата. Имено, според конзистентна интерпретација на членот 73 од Уставот, само по волја на Собранието и на 150 000 граѓани може да се распише референдум и тоа само за прашања од надлежност на Собранието: Собранието не може да распише референдум за прашања од уставна надлежност на Владата или на претседателот на Републиката, ниту тие можат да распишуваат референдум за кое било прашање од своја или од уставна надлежност на друг носител на власт. И ова е уставно прашање par excellence.

Законодавецот, според тоа, овие прашања не смее да ги преуреди, ниту да засегне во нивната суштина, дури и кога може да уредува прашања во врска со нив, како што тоа се прави со Законот во поглед на постапката, видовите референдум (претходен и дополнителен) и слично. Законодавецот не може самиот, како создадена власт (pouvoir constitue’), да го уредува сопствениот однос кон граѓаните и другите носители на власта по прашањата што веќе ги уредила уставотворната власт (pouvoir constituant)

. Со членот 8 став 3 и со членот 27 од Законот, се урива носечкиот столб на членот 73 од Уставот, имено задолжителноста на одлуката донесена на референдум, а со тоа и целата конструкција на членот 73 и неговото уставно значење. Уставната релација помеѓу граѓаните и Собранието се релативизира и деконституционализира, преку создавање основ одлуката на граѓаните на референдум да биде обврзувачка за Собранието само ако Собранието одлучи така, а не по сила на Уставот како што предвидува членот 73. Собранието, според тоа, со распишување на консултативен референдум за прашањата од негова надлежност, им ја одзема одлучувачката позиција на граѓаните што во случај на излегување на референдум им ја дава и гарантира Уставот. Членот 27 од Законот, пак, покрај оваа основна слабост, ја има и таа што консултативниот референдум што самиот го воведува, не го врзува за прашања од надлежност на Собранието, туку за “прашања од пошироко значење за Република Македонија“. Ова подразбира распишување на референдум и за прашања за кои не е надлежно само Собранието, туку и други органи, ако тие прашања се “од пошироко значење за Република Македонија“, што е спротивно на поделбата на власта извршена со Уставот. Се разбира, можна е потесна интерпретација во примената на оваа одредба во врска со член 2 од Законот и член 73 од Уставот, имено дека и тие прашања може да бидат само од надлежност на Собранието, на која може само да се надеваме, но тоа не го исклучува крајно сериозниот недостаток на прецизност во оваа смисла.

Врз основа на изнесеното, не можам да се согласам со мислењето на мнозинство судии дека Собранието може со закон да определи дека одлуката донесена на референдум распишан во смисла на член 73 од Уставот, сепак, не мора да е задолжителна, односно обврзувачка за Собранието, особено не ако тоа се образложува со природата на консултативниот референдум и наводната слобода на Собранието да уредува нешто за што во Уставот нема изречна забрана или ограничување. Јасно е, се разбира, дека таму каде што може да постои, консултативнот референдум не води кон задолжителност на одлуката на граѓаните, меѓутоа во случајов не се работи за тоа незадолжителноста на одлуката на референдумот да се оправда со природата на консултативниот референдум, туку, обратно, да се оправда релативизирањето и деконституционализацијата на задолжителното дејство на одлуката донесена на референдум, што понатаму би го оправдало консултативниот референдум како допуштен облик. Според она што досега го изнесов, сметам дека тоа не е можно. Законодавецот не може да се смета за слободен да регулира прашања по свое наоѓање секогаш кога за тоа нема да најде изречна забрана во Уставот. Уставот не содржи список на забрани и дозволи, туку норми со кои се уредуваат односите на определен начин, а не на некој друг. Во Уставот, на пример, нема забрана Уставот да се донесе или измени на референдум: меѓутоа, Уставот го уредил тоа прашање на точно определен начин што го исклучува референдумот. Членот 73 од Уставот, исто така, со она што го уредил, ја исклучил можноста одлуката на граѓаните донесена на референдум да нема задолжително дејство, а со самото тоа и можноста од постоење на консултативен референдум за прашањата од член 73.

Скопје, 7 јуни 2010

Судија
на Уставниот суд на Република Македонија
Игор Спировски

Решение У.бр.260/2009