Издвоено мислење по предметот У.бр.41/2010

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.41/2010 од 26 септември 2012 година, го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со наведеното решение, Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за плаќање на рати на даночни долгови на јавните претпријатија и трговски друштва основани од Република Македонија, односно од општините или градот Скопје („Службен весник на РМ“ бр. 18/2010).

Со оспорениот Закон е предвидено даночниот долг (по основ на данок на додадена вредност, данок на добивка и персоналниот данок на доход) што го имаат даночните должници јавни претпријатија основани од Република Македонија, општините или градот Скопје, со состојба на 31 декември 2009 година да можат да го платат на рати, на најмногу 120 месечни рати, со грејс период од најмногу 36 месеци. Законот понатаму предвидува право на отпис на камата на даночниот долг што овие даночни должници го исплатиле на рати, како и запирање на постапката за присилна наплата на даночниот долг.

Не се согласувам со ставот на мнозинството судии кои што сметаат дека: „оспорениот закон всушност пропишува обврски за правните субјекти основани од Република Македонија, општините и градот Скопје во врска со исполнувањето на нивните даночни обврски утврдени на 31 декември 2009 година“ и дека: „со тоа законодавецот ги доведува тие правни субјекти во еднаква правна положба со другите правни субјекти во врска со плаќањето на даноците, а не ги става во привилегирана положба“. Ова од причина што даночните обврски и должноста за нивно исполнување се утврдени во други важечки закони, а со овој конкретно оспорениот Закон е дадена можност, само на наведените претпријатија, оние основани од државата, општините и градот Скопје, а не и на сите претпријатија даночни должници, да ги исплатат даночните обврски на рати, што е претставува очигледна привилегија и нерамноправен третман на претпријатијата. Ова законско решение е спротивно на членот 8 став 1 алинеја 7 од Уставот според кој слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Оваа темелна вредност понатаму е преточена во одредбата од членот 55 од Уставот кој ја гарантира слободата на пазарот и претприемништвото и предвидува дека Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот, која што одредба според моето мислење е исто така повредена со оспорениот Закон, од причина што од неа јасно произлегува обврската на државата да се грижи да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти, независно од нивната сопственичка структура односно од нивниот основач – дали е тоа државата или пак приватно лице.

Исто така не можам да се согласам со ставот на мнозинството кое спорната мерка ја оправдува со специфичната дејност што ја вршат јавните претпријатија основани од Република Македонија, општините или градот Скопје што е од јавен интерес, од едноставна причина што таа не одговара на реалноста во која и претпријатија во приватна сопственост можат да вршат и вршат дејности од јавен интерес.

За мене е сосема прифатлива и легитимна целта што законодавецот сакал да ја оствари со наведената мерка – надминување на тешката финансиска состојба, неликвидноста и акумулираните даночни долгови на јавните претпријатија и трговските друштва основани од Република Македонија, општините и градот Скопје и потребата да се спречи блокадата на нивната работа која има поширок општествен интерес и значење. Меѓутоа сметам дека оваа цел законодавецот не може да ја остварува со противуставни мерки кои ја нарушуваат еднаквата правна положба на субјектите на пазарот, односно кои се дискриминаторски во однос на другите претпријатија кои исто така се соочуваат со финансиски потешкотии во исполнувањето на нивните даночни обврски.

Поради наведените причини кои според моето мислење доволно ја покажуваат очигледната несогласност на оспорениот Закон со член 8 став 1 алинеја 7 и членот 55 од Уставот, сметам дека Уставниот суд требаше да поведе постапка за оценување на целината на Законот за плаќање на рати на даночни долгови на јавните претпријатија и трговски друштва основани од Република Македонија, односно од општините или градот Скопје.

Претседател
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Решение У.бр.41/2010