Издвоено мислење по предметот У.бр.55/2013

Врз основа на член 28 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен Весник на Република Македонија“ бр.70/1992 ) по моето гласање против Решението У.бр.55/2013, донесена од 04 декември 2013 година за неповедување на постапка за оценување на уставноста на член 18 став 2 алинеја 7 од Законот за политичките партии („Службен весник на Република Македонија“ бр.76/2004, 5/2007, 8/2007, 5/2008 и 23/2013) го издвојувам и писмено го образложувам следното:

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со означеното Решение, Уставниот суд на Р.Македонија, со мнозинство гласови одлучи да не се поведува постапка за оценување на уставноста на член 18 став 2 алинеја 7 од Законот за политичките партии („Службен весник на Република Македонија“ бр.76/2004, 5/2007, 8/2007, 5/2008 и 23/2013) со образложение дека: ,,Судот смета дека предвидувањето на обврската на основачите да достават уверение за државјанство или фотокопие на уверението заверено кај нотар нема за цел да ја ограничи слободата на здружувањето и одвраќање и обесхрабрување на граѓаните да се јават како основачи на партија туку проверување на веродостојноста на изјавите дека политичка партија основаат граѓани на Република Македонија, што подразбира државјани на Република Македонија кои имаат државјанство стекнато согласно Законот за државјанство,, со овој искажан став, мнозинството од судии сметат дека не постојат основи за изразување на сомнение дека оспорениот член не е во согласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Наспроти наведените аргументи, а особено спротивно на донесената одлука сметам дека наведената одредба не треба да остане во правниот поредок.

Судската пракса на која се повикува во рефератот е далеку од очекувањата во овој предмет. Од Анализите на судската пракса и тоа У.бр.35/2001 и У.бр.173/11 искрено кажано не се гледаат допирни точки со иницијативата односно со овој предмет.

Имајќи во предвид дека согласно со член 1 став 1 од Законот за личната карта ( Службен весник на Република Македонија ,, број 8/1995, 38/2002, 16/2004, 12/2005, 19/2007, 10/2010, 51/2011 и 13/2012) е утврдено дека личната карта е јавна исправа со која се докажува идентитетот, државјанство на Република Македонија, живеалиште и адреса на граѓанинот на Р. Македонија. Исто така, според член 23 став 1 од Законот за државјанство на Република Македонија ( Службен весник на Република Македонија,, број 67/1992, 8/2004, 98/2008 и 158/2011) државјанство на Република Македонија се докажува со важечка ЛИЧНА КАРТА ИЛИ ПАТНА ИСПРАВА,лич,

Сметам дека при ваква состојба на работите, законодавецот немал основ да ја прoпише оспорената законска одредба поинакu од наведените одредби бидејќи наведените одредби се многу јасни, децидни и токму со нив се регулира со кои исправи граѓаните во правниот промет се докажуваат дека се државјани на Р.Македонија.

Уверение за државјанство преставува основен документ со кој граѓаните ја стекнуваат лична карта или патната исправа. А согласно со член 1 од Законот за лична карта ,,личната карта е јавна исправа со која се докажува идентитетот, државјанство на Република Македонија…,, а со тоа по стекнување на лична карта или патна исправа истите преставуваат првенствен доказ за државјанство, а тоа се потврдува токму и со член 23 став 1 од Законот за државјанство на Република Македонија ,,основна исправа за докажување на државјанство на Република Македонија е важечка лична карта или патна исправа,,

Од друга страна во разни постапка при регистрација пред надлежни органи како доказ за државјанство во прилог се доставува лична карта или патна исправа. Согласно со член 183 од Законот за трговски друштва при регистрација на разни видови на друштва како доказ за домашно или странско друштво во прилог се доставува лична карта или патна исправа на домашното или странското физичко лице. Со наведените исправи се докажува дали одредени основачи се домашни или пак странски основачи. Исто така при регистрација на здружение на граѓани и фондации како основачи можат да се јавуваат домашни и странски физички или правни лица. Согласно со член 42 од истиот закон во прилог се доставува лична исправа на основачот.

Со оспорената законска алинеја, противуставно се ограничуваат слободите и правата на човекот и граѓанинот, што не е во согласност ниту со член 20 став 1 и 2 од Уставот, според кој (1) На граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. (2) Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат,, со наведената одредба се ограничува правото на ,, слободата за здружување,, на граѓаните, исто така оспорената одредба не е во согласност и со член 54 став 1 од Уставот, според кој ,,слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случај утврдени со Уставот, а не со закон, како што е сторено во овој случај и дека токму цел на оспорената одредба е да ја ограничи слободата на здружувањето и одвраќање и обесхрабрување на граѓаните да се јават како основачи на партија.

Од изнесеното сметам дека оспорената одредба од член 18 став 2 алинеја 7 од Законот за политичките партии, не е во согласност со одредбите на член 8 става 1 алинеите 1, 3 и 5, член 9, член 20 став 1 и 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија и од наведените аргументи Уставниот суд требаше да поведе постапка за оценување на уставноста на оваа одредба.

Судија на Уставен суд
на Република Македонија
Сали Мурати

Решение У.бр.55/2013