Издвоено мислење по предметот У.бр.97/2012

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по нашето гласање против Решението У.бр.97/2012 од 13 јуни 2013 година, во делот за неповедување на постапка за оценување на законитоста на Одлуката за определување и промена на имиња на улици, мостови и други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје, број 07-2555/1 донесена од Советот на Град Скопје на шеесет и шестата седница, одржана на 14 јуни 2012 година и објавена во „Службен гласник на Град Скопје“ бр.8/2012, го издвојуваме и писмено го образложуваме следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со означеното Решение, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на законитоста на Одлуката за определување и промена на имиња на улици, мостови и други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје, број 07-2555/1 донесена од Советот на Град Скопје на шеесет и шестата седница, одржана на 14 јуни 2012 година и објавена во „Службен гласник на Град Скопје“ бр.8/2012.

Со оглед на тоа што не се согласуваме со аргументите изнесени во Решението за неповедување на постапка за наведената Одлука, особено со образложението на Судот дека “според Законот за локална самоуправа е предвидено дека органи на општината се: советот и градоначалникот со точно утврдени надлежности да ги претставуваат и застапуваат општините и Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа“ и дека од тие причини постапката била валидна, што значи за повеќето од судиите воопшто не е битно што само дел од мислењата на општините се дадени од градоначалници, а дел од комисии за кои исто така има неутврдени факти, го изнесуваме нашиот став по ова прашање:

Според член 31 од Законот за локалната самоуправа органи на општината се советот и градоначалникот.

Според член 32 став 1 советот е претставнички орган на граѓаните кој одлучува во рамките на надлежностите на општината. За разгледување на прашања и утврдување предлози од одредена област, советот од својот состав може да формира постојани и повремени комисии (став 2), составот и начинот на изборот на членовите на комисиите од ставот 2 на овој член се уредуваат со статутот (став 3).

Според член 4 став 1 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти („Службен весник на РМ„ бр. 66/2004, 55/2007 и 145/2010) определување име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект на подрачјето на општината се врши со одлука донесена од советот на општината, а за подрачјето на градот Скопје, со одлука донесена од Советот на градот Скопје.

Одлуката од ставот 1 на овој член се усвојува со мнозинство гласови од присутните членови на советот на општината, односно на Советот на градот Скопје, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината, односно во градот Скопје.(став 2)

Со член 5 став 1 од овој Закон, се определува дека името на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект на подрачје на општина, односно на подрачје на градот Скопје може да биде определено со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личност од областа на историјата, науката и културата, други погодни имиња, како и име на значаен настан и датум, врз основа на листа на имиња.

Листата од ставот 1 на овој член ја утврдува советот на општината, односно Советот на градот Скопје, по претходно добиена согласност од Владата на Република Македонија. (став 2)

При утврдувањето на листата на имиња од страна на Советот на градот Скопје, општините од подрачјето на градот Скопје даваат мислење по истата.(став 3)

Бидејќи согласно член 4 од Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, листата на имиња ја утврдува Советот на Град Скопје по предходно дадена согласност од Владата на Република Македонија и мислења кои треба да бидат доставени од соодветни органи, што значи советите на општините, сметаме дека во овој случај е повредена постапката затоа што повеќето мислења доставени од општините кои го сочинуваат Градот Скопје се дадени од ненадлежни органи односно наместо тоа мислење да биде разгледано и верифицирано од советите на општините, мислењата се дадени и верифицирани од ненадлежни органи (градоначалници, комисии без верификација од страна на советот и овластени лица за чие мислење верификација не е дадено од советот на општината).

Имено, Владата на Република Македонија на седницата одржана на 03 април 2012 година го разгледала Барањето за давање на согласност на Предлог-листата за именување на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на подрачјето на градот Скопје и со писмо заведено под број 41-2385/1 од 03 април 2012 година доставила писмена согласност за листата до Советот на Градот Скопје.

-Со писмо заведно под број 21-1437/2 од 07 март 2012 година доставено е мислење по овластување на градоначалникот под број 08-6491/1 од 12 јули 2011 година потпишано од раководителот на Одделението за комунални работи на Општина Аеродром. Примено и заведено под број 07-1021/12 во Советот на Град Скопје. Во конкретниот случај по односното прашање не решавале ниту градоначалникот директно ниту советот, како легитимни органи на општината.

-Со писмо заведно под број 08-333/3 од 13 март 2012 година доставено е едногласно мислење од страна на Комисијата за давање на мислење по доставената Листа на имиња улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Општина Бутел. Примено и заведено под број 07-1021/11 од 13 март 2012 година во Советот на Град Скопје. Во конкретниот случај не постојат докази дали мислењето на комисијата поминало преку советот на општината.

-Со писмо заведно под број 08-643/2 од 13 март 2012 година доставено е едногласно мислење од страна на Комисијата за давање на мислење по доставената Листа на имиња улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Општина Гази Баба. Примено и заведено под број 07-1021/07 од 13 март 2012 година во Советот на Град Скопје. Во конкретниот случај не постојат докази дали мислењето на комисијата поминало преку советот на општината.

– Со писмо заведно под број 08-105/2 од 13 март 2012 година доставено е мислење по доставената Листа на имиња улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Општина Ѓорче Петров потпишано од градоначалникот на Општина Ѓорче Петров. Примено и заведено под број 07-1021/10 од 13 март 2012 година во Советот на Град Скопје. Во конкретниот случај не постојат докази дали воопшто се образувала комисија и дали мислењето на комисијата поминало преку советот на општината.

– Со известување заведно под број 08-1797/2 од 14 март 2012 година и потпишано од градоначалникот на Општина Карпош доставено е мислење на Комисијата за давање на мислење по доставената Листа на имиња улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Општина Карпош која била разгледана на 50-та седница на Советот на Општина Карпош, одржана на 27 март 2012 година. Примено и заведено под број 07-1021/3 и 4 од 14 март и 02 април 2012 година во Советот на Град Скопје. Конкретниот случај е единствен пример каде е запазена нормативно утврдената постапка.

– Со писмо заведно под број 08-1629/2 од 13 март 2012 година доставено е мислење по доставената Листа на имиња улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Општина Кисела Вода потпишано од градоначалникот на Општина Кисела Вода. Примено и заведено под број 07-1021/13 од 13 март 2012 година во Советот на Град Скопје. Во конкретниот случај не постојат докази дали мислењето на комисијата поминало преку советот на општината.

– Со писмо заведно под број 08-405/1 од 13 март 2012 година доставено е мислење по доставената Листа на имиња улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Општина Сарај потпишано од градоначалникот на Општина Сарај. Примено и заведено под број 07-1021/7 од 13 март 2012 година во Советот на Град Скопје. Во конкретниот случај не постојат докази дали воопшто се образувала комисија и дали мислењето на комисијата поминало преку советот на општината.

– Со писмо заведно под број 08-405/1 од 13 март 2012 година доставено е мислење на Комисијата за давање на мислење по доставената Листа на имиња улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Општина Центар потпишано од градоначалникот на Општина Центар. Примено и заведено под број 07-1021/5 од 13 март 2012 година во Советот на Град Скопје. Во конкретниот случај не постојат докази дали мислењето на комисијата поминало преку советот на општината.

– Со писмо заведно под број 08-645/1 од 13 март 2012 година доставено е мислење по доставената Листа на имиња улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Општина Чаир потпишано од градоначалникот на Општина Чаир. Примено и заведено под број 07-1021/5 од 13 март 2012 година во Советот на Град Скопје. Во конкретниот случај не постојат докази дали воопшто се образувала комисија и дали мислењето на комисијата поминало преку советот на општината.

– Со писмо заведно под број 08-645/1 од 13 март 2012 година доставено е мислење по доставената Листа на имиња улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти на Општина Шуто Оризари потпишано од градоначалникот на Општина Шуто Оризари. Примено и заведено под број 07-1021/10 од 13 март 2012 година во Советот на Град Скопје. Во конкретниот случај не постојат докази дали воопшто се образувала комисија и дали мислењето на комисијата поминало преку советот на општината.

Од самата формулација на законските одредби и толкувањето на нивната содржина јасно произлегува дека законодавецот иако не направил разлика кој орган треба да го даде мислењето за да се донесе одлуката согласно законот во овој случај постои поместување и во извесна смисла деградација на законската положба на Советот на Град Скопје.

Од Законот за локалната самоуправа произлегува дека советот на општината е органот кој одлучува, практично завзема и став по прашањата кои се од надлежност на општината, а особено на оние прашања кои по својата природа кореспондираат со соодветниот орган кој одлучува на ниво на Град Скопје, во случајов тој е Советот на Град Скопје, имајќи ја предвид двостепеноста на локалната самоуправа која постои во Град Скопје.

Градоначалникот како орган на општината е непосредно избран, но тој според Законот ја претставува и застапува општината, и јасно е дека без поддршка на советот не би можел да го изрази својот став бидејќи тој де факто ги спроведува одлуките на Советот. Од вака прецизираните надлежности јасно произлегува дека градоначалникот само ја преставува и застапува општината, а советот на општината е тој кој донесува конкретни одлуки и решенија. Иако се работи за мислење во конкретниот случај, сепак советот е тој којшто треба да донесе конечен став по ова прашање.

Нема потреба во Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти децидно да се наведува кој орган во општините во состав на Град Скопје треба да даде мислење, бидејќи е сосема јасно дека тоа се прави по аналогија на органот кој финално ја носи Одлуката. Бидејќи во случајов тоа е Советот на Град Скопје (а не градоначалникот на Град Скопје) повеќе од јасно е дека токму советите на општините во состав на Градот Скопје треба да дадат мислење за ова прашање, а не градоначалниците на општините или само комисиите.

Дополнителен доказ дека постапката при донесување на оспорената одлука е незаконита, е и теоретската можност да се јави разлика во ставовите околу мислењето помеѓу градоначалникот на општината визави мислењето на мнозинството советници, при што ако се гледа прашањето од аспект на сега донесеното решение на Уставниот суд би се јавил сериозен проблем околу тоа на чие мислење би се дал приоритет при нивното разгледување на ниво на Град Скопје.

Од погоре изнесеното, ваквите различни мислења дадени од различни органи, без да бидат вклчучени советите на општините, бидејќи директно ги претставуваат граѓаните кои живеат во општината, доволно зборува дека во конкретниот случај е нарушерна постапката за донесување на оваа оспорена Одлука за определување и промена на имиња на улици, мостови и други инфраструктурни објекти на подрачјето на Град Скопје, број 07-2555/1 донесена од Советот на Град Скопје на шеесет и шестата седница, одржана на 14 јуни 2012 година и објавена во „Службен гласник на Град Скопје“ бр.8/2012, заради што и сметаме дека Уставниот суд требаше да поведе постапка за уставноста и законитоста на оваа одлука.

Претседател на Уставниот суд
на Република Македонија,
Бранко Наумоски

Судија на Уставниот суд
Д-р Наташа Габер-Дамјановска

Решение У.бр.97/2012