Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.161/2011 од 22 мај 2013 година, во делот за неповедување на постапка за оценување на уставноста на посебно оспорените член 26 алинеја 3, член 27 став 5 и член 28 став 1 од Законот за радиодифузната дејност, го издвојуваме и писмено го образложуваме следното
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Со означеното Решение, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на членот 26 алинеја 3, член 27 став 5 и член 28 став 1, втора реченица во делот: Членовите на Советот за радиодифузија предложени од Претстедателот на Република Македонија“ сите од Законот за радиодифузната дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 100/2005, 19/2007, 103/2008, 152/2008, 6/2010, 145/2010, 97/2011, 13/2012 и 72/2013).
Со оглед на тоа што не се согласуваме со аргументите изнесени во Решението во делот за неповедување на постапка за наведените одредби, го изнесуваме нашиот став по овие прашања:
Положбата на Претседателот на Република Македонија е уредена со одредбите од член 79 до 87 од Уставот на Република Македонија, при што надлежностите на Претседателот на Републиката се утврдени во членот 84. Меѓу останатите овластувања на Претседателот утврдени во оваа одредба, а во контекст на прашањата покренати со една од иницијативите, се наведени и следниве надлежности на Претседателот на Републиката: предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија, предлага двајца членови на Судскиот совет на Република Македонија, именува тројца членови на Советот за безбедност на Република Македонија, именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и со закон.
Од самата формулација на наведените одредби и со едноставно јазично толкување на нивната содржина јасно произлегува дека уставотворецот направил разлика помеѓу овластувањето на Претседателот да предлага носители на јавни функции и неговото овластување да именува и разрешува носители на јавни функции, во таа смисла што функциите за кои што Претседателот предлага носители точно ги утврдил (двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија, двајца членови на Судскиот совет на Република Македонија). Овластувањето да именува е точно определено само за членовите на Советот за безбедност (алинеја 6 од член 84) додека пак именувањето и разрешувањето на други носители на државни и јавни функции се врши врз основа на општата одредба од алинејата 7 на истиот член – да именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и со закон.
Од наведеното произлегува дека овластувањето на Претседателот да предлага носители на точно наведени јавни функции е утврдено во самиот Устав и надвор од наведените функции, Претстедателот на Републиката нема овластување да предлага носители на други државни и јавни функции врз основа на закон, како што е направено со оспорените одредби од Законот за радиодифузната дејност. Со оспорената одредба според наше мислење се поместува, и во извесна смисла се деградира, уставната положба на Претседателот во сферата на предлагањето на носители на јавни функции. Оттука оспорените одредби од членот 26 алинеја 3, член 27 став 5 и член 28 став 1 од Законот за радиодифузната дејност се директно спротивни на член 8 став 1 алинеи 3 и 4 и член 84 од Уставот на Република Македонија.
Во правец на овој наш став е и фактот што само заради јазично усогласување со преименувањето на Републичкиот судски совет во Судски совет на Република Македонија, во 2005 година беше усвоен Амандманот XXII на Уставот со кој беше направена соодветна измена на алинејата 5 на членот 84 од Уставот. Значи, тоа беше направено со Амандман на Уставот, а не со закон.
Противуставноста на оспорените одредби има своја поткрепа и во уставно-судската практика на Уставниот суд на Република Македонија кој во неколку свои одлуки изразил принципиелен став дека надлежностите на определени органи што се утврдени со Уставот не можат да се менуваат со закон. Како пример ќе ја наведеме Одлуката У.бр.195/2005 од 21 декември 2005 година со која Уставниот суд го укина 67 став 3 и став 4 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните (“Службен весник на Република Македонија” бр.81/2005). Укинатата одредба предвидуваше претседателот на Собранието по добивањето на предлогот за покренување на граѓанска иницијатива да може да побара од Уставниот суд на Република Македонија, во рок од 15 дена, да се изјасни дали граѓанската иницијатива е во согласност со Уставот и со закон.
Уставниот суд во наведената Одлука укажа дека: „Собранието на Република Македонија како уставотворен дом го донел Уставот во кој јасно и прецизно се конципирани надлежностите на Уставниот суд. Со тоа е создадена уставна гаранција за ослободување од секој облик на мешање и уредување на уставносудските надлежности од страна на носителите на власта. Тоа значи со Уставот утврдените надлежности на Уставниот суд на Република Македонија можат да се менуваат само со Уставот. Имајќи ги предвид изнесениве уставни определби Судот утврди дека не може да се прифати како уставно основано пропишувањето на видовите на обврски, дејствија и надлежности на Уставниот суд на Република Македонија со закони или други прописи кои се донесуваат од органите во Републиката. Оттука, Судот утврди дека оспорените одредби од членот 67 став 3 и став 4 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, не се во согласност со Уставот. Ова поради тоа што со наведените законски одредби законодавецот презел овластување без постоење на уставен основ за тоа поаѓајќи од Уставот на Рапублика Македонија и утврдил нови обврски и надлежности на овој Суд со што законодавецот регулирал уставна материја која не може да биде предмет на уредување надвор од самиот Устав“.
Од наведените аргументи поткрепени и со ставот на Уставниот суд изразен во цитираната Одлука, јасно произлегува дека и во овој конкретен предмет Уставниот суд требаше да поведе постапка за оценување на уставноста на член 26 алинеја 3, член 27 став 5 и член 28 став 1 од Законот за радиодифузната дејност.
Претседател на Уставниот суд
на Република Македонија,
Бранко Наумоски
Судија на Уставниот суд
на Република Македонија,
д-р Наташа Габер – Дамјановска