Издвоено мислење по предметот У.бр.173/2011

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против неповедувањето на постапката со Решението У.бр.173/2011 од 24 април 2013 година, го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО  МИСЛЕЊЕ

1. Со Решение У.бр.173/2011 од 24 април 2013 година, Уставниот суд на Република Македонија одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на член 36 став 1 алинеја 1 во делот: „само“ и на член 49 став 1 алинеја 1 во делот: „само“ од Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2006, 107/2008 и 26/2013).

Во образложението на Решението се наведува дека „во конкретниот случај, Судот оцени дека законодавецот утврдил: услов за вршење на амбасадорските и конзуларните функции и за достапноста на тие работни места на секого под еднакви услови да биде кандидатот да има државјанство само на Република Македонија, со цел да може да ги користи во полн капацитет привилегиите и имунитетите предвидени во Виенската конвенција за дипломатски односи и Виенската конвенција за конзуларни односи и со цел ефикасно претставување и заштита на интересите на државата, на мнозинскиот народ, на деловите од другите народи во Република Македонија, на правните и на физичките лица од Република Македонија. Според тоа, државата определила кој и како да ја претставува и да и’ ги штити интересите. Притоа, Судот смета дека таквиот услов не создава нееднаквост меѓу граѓаните по основите наведени во член 9 од Уставот, со оглед дека сите државјани на Република Македонија кои го исполнуваат законскиот услов за вршење на наведените функции и за достапноста на тие работни места, може да се стекнат со тој статус без оглед на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со членовите 9, 23, 32, 51 и 54 од Уставот.“

2. Сметам дека останувањето на оспорените законски одредби во позитивно-правниот поредок на Република Македонија нема уставна основа.

а) Имено, во член 36 став 1 од Законот се определуваат условите под кои едно лице може да се именува за амбасадор, при што оспорената алинеја 1 гласи: „да е државјанин само на Република Македонија.“

Во член 49 од Законот се определуваат условите под кои едно лице може да се именува за генерален конзул, при што оспорената алинеја 1 гласи: „да е државјанин само на Република Македонија.“

б) Според член 23 од Уставот, „секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции“.

Според член 32 став 2 од Уставот, „секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место“.

Правото на секој граѓанин да учествува во вршењето на јавни функции и достапноста на секое работно место секому под еднакви услови се утврдени со Уставот како основни слободи и права на човекот и граѓанинот и претставуваат темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија (член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот).

Уставот, исто така, определува дека „граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“ (член 9) и „слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот“ (член 54 став 1 од Уставот), со тоа што „ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба“ (став 3) и „ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста“(став 4).

Според тоа, уставното право на граѓанинот да учествува во вршење на јавни функции и да му е достапно секое работно место под еднакви услови, е еднакво за сите граѓани и не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

3. Имајќи предвид дека оспорените законски одредби, со определувањето за амбасадор односно за генерален конзул да може да се именува лице ако е државјанин само на Република Македонија, ги исклучуваат од учеството во вршењето на амбасадорска или конзуларна функција државјаните на Република Македонија кои имаат и други државјанства и со тоа им ги прават недостапни тие работни места, произлегува дека членот 36 став 1 во делот: „само“ и членот 49 став 1 во делот: „само“ од Законот не се во согласност со наведените уставни одредби.

4. Со оглед дека мнозинството судии сметаа дека оспорените законски одредби имаат уставна основа, следуваше да го издвојам моето мислење и да ги образложам причините поради кои не го делам тоа мислење.

Судија
на Уставниот суд на Република Македонија
Сали Мурати

Решение У.бр.173/2011