Издвоено мислење по предметот У.бр.76/2012

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против неповедувањето постапка од Решението У.бр.76/2012 од 13 февруари 2013 година за делот кој се однесува на членовите 9 и 9б ставови 3 и 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.29/2002, 66/2004, 81/2008, 18/2011, 51/2011 и 64/2012) го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со наведеното Решение, Уставниот суд со мнозинство гласови меѓу другите членови, одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на членот 9 и 9б ставови 3 и 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот („Службен весник на Република Македонија“ бр.29/2002, 66/2004, 81/2008, 18/2011, 51/2011 и 64/2012).

Првенствено, како генерален пристап во законското регулирање на прашањето дали спортските клубови кои се натпреваруваат во највисокиот степен на натпревари во сениорска конкуренција, во спортови во кои се организира сениорски систем на натпревари во повеќе степени во фудбал, кошарка, ракомет и одбојка треба да се регистрираат како акционерски друштва, сметам, како и останатите судии, дека е право на законодавецот на кој начин ќе го реши ова прашање и дека нема основа да се проблематизира од уставноправен аспект. Исто така, сметам дека интересно здружување може да прави секој, било да се работи за физичко или правно лице, па сходно на тоа можат да го прават и деловните субјекти односно трговските друштва.

Сепак, за разлика од мнозинството судии, по однос на членовите 9 и 9б ставови 3 и 4 сметам дека при пристапот во законското регулирање на самиот процес на трансформација на веќе постојните спортски клубови од правни лица кои се регистрирани според Законот за здруженија и фондации (Службен весник на Република Македонија 52/2010) и кои по својата природа се непрофитни организации во трговски друштва, која постапка е нормирана во овие членови, сериозно е нарушен принципот на владеење на правото (член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот), правото на здружување (член 20 став 1 и 2 од Уставот) и член 51 од Уставот.

Ставот на мнозинството на судии по овие одредби е дека е право на законодавецот да го уреди воспоставувањето на правниот режим уреден со Законот за спортот и поради тоа извршено е допрецизирање на веќе постоечките членови во основниот текст на Законот; дека со оспорените законски одредби не се ограничува ниту се одзема уставно загарантираната слобода на здружување; дека одредбите од овој закон се јасно и прецизно формулирани и конзистентни како и дека не противречат на концепцијата на законот, а со тоа и на принципот на владеењето на правото. Исто така, се смета дека меѓусебната усогласеност на Законот за спортот, Законот за здруженија и фондации и Законот за трговските друштва не е во надлежност на Уставниот суд кој има надлежност да врши оценка на согласноста на законите со Уставот и на согласноста на другите прописи со Уставот и законите.

Наспроти овој став, моето издвоено мислење се однесува првенствено на несоодветноста на пристапот кон самата законска материја која се разгледува во овој случај, бидејќи Законот за здруженија и фондации се поставува како lex specialis кон уредувањето на материјата која се однесува на граѓанското општество наспрема другите закони со кои има допирни точки, бидејќи ги реулира сите базични прашања од оваа сфера на единствен и заокружен начин. Уставниот суд и досега имал определба во бројни досегашни одлуки да дава предимство на lex specialis кој регулира одредена материја наспрема други закони кои се поопшти или потесно регулираат други области. Впрочем, сеработи за општоприфатено правно правило. Затоа, не смее да се превиди дека самите спортски здруженија за кои Законот за изменување и дополнување на Законот за спортот се однесува всушност претставуваат правни лица кои се основале, се регистрирале и работат согласно Законот за здруженија и фондации, што значи под еден суштински поинаков правен режим од оној под кој работат трговските друштва.

Практично, најпроблематичен е процесот на трансформација на граѓанските организации во трговски друштва и тоа од следните причини.

Правото на слободно здружување претставува универзално човеково право, дел од корпусот на слободите и правата кои имаат политички карактер, и без кое е невозможно да се замисли современата демократска држава. Ова право им овозможува на индивидуите слободно воспоставување на разнородни врски и односи врз база на личниот интерес и афинитет, кој чин е израз на автономната волја на индивидуата. Генерално, таа слобода се перцепира како немешање на државата при остварување на тоа право (со исклучок на веќе дадените генерални законски контури), но воедно постоење на нејзина обврска да овозможи на барателот стекнување на статус на правно лице и да обезеди негова правна заштита еднакво како и на другите правни субјекти.

Од аспект на оспорените одредби, од особена важност е член 6 од Законот за здруженија и фондации кој го регулира стекнувањето на својство на правно лице (правен субјективитет). Став 2 од овој член наведува дека здруженијата и фондациите не можат да се трансформираат во други видови правни лица (односно пред се во трговски друштва), бидејќи во тој случај би престанале да постојат. Основната причина за ваквата експлицитна законска формулација е дека граѓанските организации по својата природа се непрофитни, па средствата и имотот кои во нив постојат се трошат единствено за статутарно определените цели на граѓанската организација, а не за лична економска корист или добивка. Во тоа се состои природата и длабоката суштина на постоење на граѓанските организации, чие основање и работа се базира врз некој интерес, идеја, квалитет или мотив чија трајност треба да се обезбеди преку ресурсите кои граѓанската организација ги поседува, наспроти трговските друштва чија цел на основање и работа е сосема поинаква од нив.

Самата непрофитност е дефинирана во член 12 од Законот за здруженија и фондации, каде се наведува дека организациите не можат да се основаат за стекнување со добивка (став 1); организациите можат да вршат дејности со кои може да стекнат добивка, ако дејноста е поврзана со целите утврдени со статутот (став 2); ако во работењето на организациите се оствари добивка, таа мора да биде употребена за остварување на целите утврдени со статутот (став 3); остварената добивка од ставот (3) на овој член, не може да се распределува помеѓу основачите, членовите, членови на органите, директорите, вработените или било кое друго со нив поврзано лице (став 4). Членот имплицира дека граѓанските организации не можат да се основаат со примарна цел стекнување на добивка, со што практично би се изедначиле со трговските субјекти.

Непрофитноста е најзначајната карактеристика која прави јасна дистинкција помеѓу граѓанските организации (целта и суштината на нивното постоење која е различна од деловните субјекти, мисијата односно функцијата која се очекува тие да ја обавуваат во општеството) наспрема трговските субјекти кои се основаат со примарна цел да остварат добивка и потоа таа да биде дистрибуирана на нивните сопственици. Тоа не значи дека граѓанските организации не треба да се занимаваат со активности со кои ќе се стекне одредена добивка, туку дека таа активност не смее да биде од примарен карактер и добивката не смее да се генерира со цел да се распредели во вид на дивиденда или друг вид на лична добивка за лицата поврзани со организацијата. Добивката мора повторно да се реинвестира во работата на здружението или фондацијата со цел да се помогне во спроведувањето на неговите активности. Законодавецот ова прашање го уредува на ваков начин, бидејќи државата има интерес да го обезбеди подолгиот “живот“ и работа на ваквите непрофитни организации од причина што тие обавуваат поширока општествена функција и придонесуваат за заедницата со поинаков квалитет во споредба со трговските друштва.

Според член 18 од Законот за здруженија и фондации законодавецот ги дава основните контури кои статутот на здружението треба да ги содржи, меѓу другото и начинот за стекнување и располагање со средствата, начин на одлучување за статусни промени и престанок на здружението, како и постапување со средствата и/или имотот во случај на престанок на здружението. Но овие прашања се остава граѓанската организација автономно да ги регулира во својот статут, без мешање на државата околу тоа какви решенија ќе бидат усвоени во статутот. Спрема тоа, сметам дека законските решенија содржани во Законот за спортот кои определуваат постапка за трансформација која ги анулира статутарните решенија во граѓанската организација, какви и да се тие, претставуваат упад во независноста на работењето на граѓанските организации од страна на државата.

Според тоа, се поставува прашањето по кој закон би требал да се третира имотот на овие здруженија кој во моментот постои. Практично, имотот на граѓанската организација претставува збир на сите добра и предмети, движни и недвижни, како и правата (побарувањата) врз база на кои се остваруваат приходи.

Целата глава VII од Законот за здруженија и фондации е посветена на средствата за работа на граѓанските организации, од определување на тоа кои се изворите на финансирање на граѓанските организации заради остварување на своите цели и задачи, односно за обезбедување на својата долгорочна одржливост, но и на кој начин тие средства можат да бидат употребени. Евентуалното непочитување на тие одредби повлекува глоба определена со член 94 од законот.

Регулирана е одговорноста за обврските (член 51), одговорноста за штета (член 52), поднесувањето на извештаи за работа (член 53), како и располагањето со средствата во случај на престанок на организацијата (член 54). Осоено е важно да се нагласи дека во случај на престанок на работата на организацијата, средствата што остануваат по намирување на обврските, се користат на начин утврден со статутот (став 1). Ако со статутот не е определен примателот на средствата што остануваат по намирување на обврските од став 1 на овој член, тие средства се пренесуваат на општината, општините во градот Скопје и градот Скопје на чие подрачје има седиште организацијата (став 2). Во случај на престанок на организацијата со статус на јавен интерес, средствата се пренесуваат на друга организација со статус од јавен интерес со иста или слична цел на дејствување или на општината на чие подрачје има седиште организацијата, за што одлучува давателот на средствата (став 3). Во случај на престанок на работата на граѓанската организација, првенствено постои обврска за намирување на сите побарувања и обврски, а потоа средствата кои евентуално остануваат се користат (дистрибуираат) согласно статутарните одредби. Тоа вклучува и евентуални обврски кон давателите на средствата (за примени средства, а неизвршени активности). Соодветно на тоа давателите на средства се заштитени од ризик на престанок на организацијата.

Исто така главата IX ги опфаќа статусните промени на организацијата, и како што наведува член 59, статусната промена подразбира присоединување, спојување и поделба на организацијата извршена врз основа на одлука донесена од органот во согласност со овој закон и статутот. Престанокот на организацијата е опфатен со глава X. Според член 64, одлука за престанок на организацијата донесува надлежниот суд на предлог на застапникот по закон, членовите на органите, членовите, или други лица во случаите кога не е донесена одлука за престанок на постоење од органот определен со статутот. (2) Постапката за престанок на организацијата пред надлежниот суд се води според одредбите на Законот за парничната постапка (став 2). Член 68 став 1 определува дека ликвидација на организација се спроведува кога организацијата има доволно финансиски средства за покривање на своите обврски, а е донесена одлука (акт) за престанок на постоење од органот определен со статутот.

Според наведеното, евидентно е дека законодавецот веќе на единствен и конзистентен начин ја регулирал материјата која се однесува на граѓанските организации, па според тоа па според тоа е недозволиво преку други закони да се креираат поинакви, хибридни законски решенија кои прават несоодветни и неприродни премостувања помеѓу правниот статус на едната наспрема другата организација. Посебно проблематично е навлегувањето во автономно статутарно уредените прашања на граѓанските организации, задирањето во непрофитниот карактер на граѓанските организации, како и понатамошниот правен статус на постојниот имот на граѓанските организации.

Д-р Наташа Габер-Дамјановска
Судија на Уставниот суд на Република Македонија

Решение У.бр.76/2012