Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 4 април 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите („Службен весник на Република Македонија“ број 226/2016).
2. Андреја Насковски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Тарифата означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената тарифа била во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија и член 46 став 4 од Законот за извршување.
Имено, подносителот на иницијативата наведува дека Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите („Службен весник на Република Македонија“ бр.226/2016) требал да биде донесена од Министерот за правда по претходно прибавено мислење од Комората на извршители.
Во иницијативата се наведува дека во конкретниот случај не можело да се види дека погоре наведената тарифа, министерот ја донел по претходно прибавено мислење од Комората на извршители што било спротивно на член 46 став 4 од Законот за извршување.
Според наводите во иницијативата, мислењето на Комората на извршители формално-правно не го обврзувало министерот при донесување на Тарифата, но сепак заради унапредување на професијата извршител, демократичност и слично законодавецот пропишал министерот пред да ја донесе Тарифата требало да прибави мислење од субјектите кои во пракса секојдневно ја применувале Тарифата и најдобро би можеле со свои сугестии да придонесат во нејзиното креирање.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека било можно пред донесување на оспорената тарифа да има одредени комуникации и консултации помеѓу министерот и одредени претставници на комората, меѓутоа таквите контакти (доколку ги имало) не биле доволни за да се формира мислење од комората. Имено, такво мислење требало да биде донесено на Собранието на комората согласно член 77 став 1 точка (в) од Законот за извршување.
Тргнувајќи од погоре наведеното, видно од уводот на оспорениот правен акт можело да се види дека пред неговото донесување не било прибавено потребното мислење. Поради наведените причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената тарифа во целост.
3. Судот на седницата утврди дека:
Врз основа на член 46 став 4 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија бр. 72/16 и 142/16”), министерот за правда донесе
ТАРИФА ЗА НАГРАДА И НАДОМЕСТОК НА ДРУГИТЕ ТРОШОЦИ ЗА РАБОТАТА НА ИЗВРШИТЕЛИТЕ
Член 1
Со оваа тарифа се определува наградата и надоместокот на другите трошоци за работа на извршителите.
Член 2
Извршителот за преземање на извршените дејствија наплаќа награда и надоместок на трошоците според: – цена за администрирање, – цена на извршните дејствија и – награда на извршителот за извршените дејствија.
Член 3
Висината на цената за администрирање извршителот ја определува според износот на главното побарување, односно вредноста на предметот на извршување утврдена во извршната исправа.
При утврдување на вредноста на предметот на извршување се зема само износот на главното побарување.
Цената за администрирање кај паричните побарувања извршителот ја наплатува согласно табела 1 од оваа тарифа.
Кога вредноста на предметот на извршување кај непаричните побарувања е утврдена во извршната исправа цената за администрирање се определува според табела 1 од оваа тарифа.
Доколку вредноста на предметот кај непаричните побарувaња не е утврдена во извршната исправа, извршителот ќе го прими предметот во работа со наплата на цена за администрирање во износ од 35 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на пресметување.
Вистинската вредност на предметот или недвижноста што се предава или испразнува односно, вредноста на сторувањето од став 5 на овој член ја утврдува проценител. По утврдување на вредноста на предметот на извршувањето износот на цената за администрирање се определува врз основа на табела 1 од оваа тарифа.
Цената за администрирање извршителот ја наплатува од доверителот пред да започне со извршните дејствија.
Доколку доверителот не ја плати цената за администрирање на предметот и не плати цена на дејствие за состав на првичен налог за извршување со поднесување на барањето за извршување извршителот со заклучок го одбива барањето за извршување.
Член 4
Цената на извршните дејствија извршителот ја определува според видот, обемот и времетраењето на извршувањето на извршните дејствија и местото на нивното извршување согласно табела 2 од оваа тарифа.
Извршителот донесува заклучок за запирање на извршувањето и заклучок за прекин на извршувањето, без оглед дали примил аванс за тоа извршно дејствие ако:
– настапила смрт на странката или нејзиниот законски застапник,
– ако настапиле правни последици од отварање стечајна постапка за странка правно лице,
– извршната исправа е правосилно укината, преиначена, поништена или ставена вон сила, односно ако потврдата за извршност е правосилно укината,
– во случаи кога извршителот е изземен од натамошното извршување, – доверителот побарал одлагање повеќе од два пати,
– кога извршителот побарал авансирање на трошоците на извршувањето, а доверителот не ги авансира трошоците во рок од 30 дена,
– кога странката е правно лице и кога е донесено решение за заклучување на стечајната постапка и определено бришење од трговскиот односно друг регистар, во кој е запишан стечајниот должник, со што странката престанала да постои.
Член 5
Наградата на извршителот за извршените дејствија, извршителот ја определува според видот на извршната исправа и видот на побарувањето кое треба да се изврши, како и според износот на наплатеното побарување.
Наградата за извршените дејствија на извршителот за паричните побарувања се определува според табела 1 од оваа тарифа.
Кога вредноста на предметот на извршување кај непаричното побарување не е утврдена во извршната исправа како вредност за определување на наградата на извршителот се зема вредноста на предметот утврдена преку проценител, согласно член 3 став 6 од оваа тарифа.
Кога предмет на извршувањето е несторување или трпење, враќање работник на работа или друга престација каде што не е можно да биде утврдена, цената за администрирање изнесува 35 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на пресметувањето, а наградата на извршител изнесува 300 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на пресметувањето.
Кога вредноста на предметот на извршување кај непаричните побарувања е утврдена во извршната исправа, наградата на извршителот за извршените дејствија се пресметува согласно табела 1 од оваа тарифа.
Наградата на извршителот за извршените дејствија не може да биде поголема од 7.500 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на пресметувањето, без оглед на висината и видот на побарувањето.
Кога извршувањето се спроведува за наплата на парично побарување согласно член 210 од Законот за извршување, наградата на извршителот за извршените дејствија не може да биде поголема од 3.500 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на пресметување. Наградата за извршувањето извршителот ја наплаќа од должникот во текот на спроведување на извршувањето.
Член 6
При извршување заради наплата на парични побарувања, извршителот во налогот за извршување, поединечно ќе ги утврди цената за администрирање, цената за извршните дејствија, реалните трошоци, такси и наградата на извршителот.
При извршување заради остварување на непарично побарување, извршителот во налогот за извршување поединечно ќе ги утврди цената за администрирање, цената за извршните дејствија, како и реалните трошоци и такси кои произлегуваат од извршените дејствија на извршителот и наградата на извршителот.
Врз основа на Заклучокот за утврдување на трошоци од ставовите 1 и 2 на овој член доверителот ги побарува од должникот цената за администрирање, цената на извршните дејствија, наградата на извршителот за извршените дејствија, реалните трошоци и такси.
Член 7
Извршителот по барање на странките изготвува и доставува известување со пресметка за состојба на главен долг, трошоци утврдени во извршната исправа, камата, цена за администрирање, цена за извршни дејствија, награда на извршителот за извршените дејствија, како и реалните трошоци и такси кои се настанати при спроведување на извршувањето.
Член 8
Извршителот ја наплаќа од должникот само цената за администрирање на предметот и цената за преземените извршни дејствија, доколку должникот:
– ја исполнил обврската утврдена во извршната исправа по поднесување на барање за извршување од доверителот, а пред моментот кога дознал или можел да дознае дека е отпочната постапка за присилно извршување;
– постапил по поканата на извршителот од член 17 став 2 од Законот за извршување во кој е определен рокот за доброволно исполнување на обврската утврдена во извршната исправа.
Член 9
Кога извршната исправа е реализирана должникот ја плаќа цената за администрирање на предметот, цената на извршните дејствија, наградата на извршителот за извршените дејствија, реалните трошоци и такси.
Кога извршувањето е запрено по барање на доверителот или извршната исправа е правосилно укината, преиначена, поништена или ставена вон сила, цената за администрирање, цената на извршните дејствија и наградата ги плаќа доверителот.
Член 10
Извршителот не наплаќа цена за извршни дејствија против кои е изјавен приговор против незаконитости при извршувањето, а кои со правосилна одлука на судот се ставени вон сила , ако незаконитоста е сторена по вина на извршителот.
Член 11
Трошоците предизвикани за известување или увид во списите на предметот во случај на доверени работи од судот, ги плаќа само странката која што ги побарала.
За цена за администрирање на решение со кое се определува извршителот да обезбеди материјални докази и други работи доверени од судот се применува табела 1 од оваа тарифата.
Член 12
При извршување заради наплата на парични побарувања врз основа на извршна исправа за побарување кое произлегува од комунална услуга и тоа за побарување за електрична енергија, топлинска енергија, за побарување за вода, смет, трошоци за редовно одржување на заедничките делови на зградата што е во етажна сопственост, кога должник е физичко лице, извршителот наплаќа вкупно трошоци на име извршни дејствија, цена на администрирање и награда во висина од 25% од наплатениот износ, во кој износ не влегуваат реални материјални трошоци и ддв од 18 %.
Одредбите од став 1 на овој член не се применуваат за предметите кои се примени кај извршителот до 31 декември 2016 година.
Член 13
Цените утврдени во табелите 1 и 2 од оваа тарифа се наплатуваат во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на пресметување.
Член 14
Табелите 1 и 2 се дадени во Прилог, кој е составен дел на оваа тарифа.
Член 15
Со денот на отпочнување на примената на оваа тарифа престанува да важи Тарифата за наградата и надоместокот на другите трошоци за работата на извршителите („Службен весник на Република Македонија“ бр.9/11).
Член 16
Оваа тарифа влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а ќе отпочне да се применува со денот на отпочнување на примената на Законот за извршување (“Службен весник на Република Македонија бр. 72/16 и 142/16”).
Бр.1-4725/4
30 декември 2016 година Министер за правда,
Скопје Валдет Џафери, с.р
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Во ставот 2 од овој член, се предвидува дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во членот 1 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016) се наведува дека: „(1) Со овој закон се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено. (2) Одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено. (3) Одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон. (4) Одредбите на овој закон се применуваат и на извршување на брод и на воздухоплов“.
Според член 46 став 4 од овој закон, Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите ја донесува министерот, по претходно прибавено мислење од Комората на извршители, според следниве критериуми: 1) цена за администрирање која се определува според износот на главното побарување, односно вредноста на предметот на извршување утврдена во извршната исправа; 2) цена на извршените дејствија која се определува според видот, обемот и времетраењето на извршувањето на дејствијата и местото на нивното извршување и 3) награда на извршителот за извршените дејствија -реализација на извршната исправа се определува според видот на извршната исправа и видот на побарувањето кое треба да се изврши и тоа: -кај паричните побарувања наградата се определува според износот на наплатеното побарување, -кај непаричните побарувања наградата се определува според вредноста на предметот на спорот утврдена во извршната исправа. Ако вредноста на непаричното побарување не е утврдена во извршната исправа, наградата изнесува 300 евра во денарска противвредност по средниот курс на НБРМ на денот на пресметувањето.
Наводите во иницијативата дека оспорениот правен акт бил донесен без претходно прибавено мислење, се неосновани. Ова од причина што од мислењето прибавено од Комората на извршители на Република Македонија, кое во фаза на претходна постапка е доставено на Уставниот суд како доказ, се утврди дека во фаза на изготвување на оспорениот акт било прибавено мислење од Комората на извршители на Република Македонија, а како што предвидува член 46 став 4 од Законот за извршување.
Поради горенаведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената тарифа со Уставот на Република на Република Македонија и Законот за извршување, поради што Судот оцени дека оспорената тарифа е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија и член 46 став 4 од Законот за извршување.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.8/2017
4 април 2018 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски