У.бр.174/2016-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), на седницата одржана на 4 април 2018 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 3 точка 28-а во делот: „наменето за извоз“, член 16-а став 1 во делот: „наменето за извоз“, член 17 ставови 2 и 3 во деловите „наменето за извоз“, член 18 став 1 во делот: „наменето за извоз“ и член 19 став 1 во делот: „наменето за извоз“ од Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ бр. 50/2010, 53/2011, 6/2012, 23/2013, 106/2013, 188/2013, 149/2015, 39/2016 и 172/2016).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Надица Андова, адвокат од Кавадарци, со Решение У. бр. 174/2016 од 24 јануари 2018 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во член 3 точка 28-а од Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ бр. 50/2010, 53/2011, 6/2012, 23/2013, 106/2013, 188/2013, 149/2015, 39/2016 и 172/2016) е предвидено дека трговец со винско грозје е правно или физичко лице кое врши откуп на винско грозје наменeто за извоз.

Според членот 16-а став 1 од Законот, откуп на винско грозје за производство на вино може да вршат производители на вино и трговци со винско грозје наменето за извоз (во натамошниот текст: откупувачи).

Според член 17 став 2 од Законот за виното, трговците со винско грозје наменето за извоз и производителите на вино се должни во моментот на откупот на винското грозје за производство на вино да ги измерат шеќерните единици на грозјето и на производителите на грозје да им издадат потврда за количината на откупено грозје и шеќерните единици на грозјето за секоја сорта на винско грозје поединечно. Согласно ставот 3 на истиот член, трговците со винско грозје наменето за извоз и производителите на вино се должни најдоцна до почетокот на винската година да објават цена по шеќерна единица за секоја сорта на винско грозје поединечно по која ќе откупуваат винско грозје за производство на вино.

Според член 18 став 1 од Законот за виното, доколку производителот на грозје се сомнева во резултатите од мерењето на шеќерните единици од страна на трговците со винско грозје наменето за извоз и производителите на вино во моментот на откупот, производителот на грозје има право да бара проверка на тие резултати.

Според член 19 став 1 од Законот за виното, трговците со винско грозје наменето за извоз и производителите на вино ги пријавуваат количините на купено и продадено грозје од последната берба најдоцна до 30 ноември во подрачните единици на Министерството.

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со членот 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Согласно член 1 од Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ бр. 50/2010, 53/2011, 6/2012, 23/2013, 106/2013, 188/2013, 149/2015, 39/2016 и 172/2016), со овој закон се уредуваат планирањето и управувањето со производствениот потенцијал за производство на винско грозје, производството на вино, пазарот и прометот со вино, класификацијата на вината, производството, означувањето и заштитата на вината со географски назив и описот, означувањето и заштитата на виното, како и здружувањето на производители на вино.

Целите на Законот се утврдени во членот 2, според кој тоа се заштита на интересите на производителите на винско грозје и вино и потрошувачите на вино, подобрување на квалитетот на виното и другите производи од винско грозје и добро функционирање на внатрешниот и надворешниот пазар на винско грозје и вино.

Оспорените измени на Законот за виното се усвоени во 2016 година со Законот за изменување и дополнување на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ бр. 172/2016) и според образложението на Предлог-законот, тие се направени со цел да се доуредат меѓусебните односи на производителите на винското грозје, трговците со винско грозје и производителите на вино од аспект на откупот на винско грозје за производство на вино, како и периодот, роковите и начинот на исплата на откупеното винско грозје.

Со оспорената одредба од член 3 точка 28-а е утврдена дефиницијата на трговец со винско грозје, под што се подразбира правно или физичко лице кое врши откуп на винско грозје наменето за извоз. Со оспорената одредба од членот 16-а е утврдено дека откуп на винско грозје за производство на вино може да вршат производители на вино и трговци со винско грозје наменето за извоз.

Пред оваа измена на Законот за виното не постоело вакво ограничување поврзано со околноста дали откупеното грозје е наменето за домашниот пазар или за извоз. Од содржината на оспорената одредба произлегува дека откуп на винско грозје за производство на вино можат да вршат само производители на вино и трговци со винско грозје наменето за извоз, а не и оние кои откупуваат грозје наменето за домашниот пазар. Оттука, оние физички и правни лица кои откупувале вино наменето за домашниот пазар пред оваа измена на Законот за виното, веќе не може да се јават како откупувачи, бидејќи тие според точка 28-а на членот 3 од Законот, не се сметаат за трговци со винско грозје.

Со оваа измена на Законот за виното, производителите на вино и трговците со винско грозје наменето за извоз се ставени во поповолна положба во однос на производителите и трговците со винско грозје наменето за домашниот пазар кои со оглед на тоа што не се сметаат за трговци, не смеат да се занимаваат со откуп на винско грозје.

Од Предлог-законот и образложението, како и од одговорот на Владата на Република Македонија, не може да се утврдат кои се причините и целите поради кои оваа категорија на откупувачи се изземени од дефиницијата на „трговец со винско грозје“, односно од кои причини и тие не можат да се занимаваат со откуп на винско грозје.

Согласно досегашната уставно-судска практика на овој суд, гарантираната слобода на пазарот и претприемништвото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката, која отвара широки можности за заживување на стопанството и приватната иницијатива во сите области на стопанскиот систем. Меѓутоа слободата на пазарот и претприемништвото не може да се сфати како работа само на субјектите на пазарот, бидејќи и државата како гарант на оваа слобода има значајна улога како регулатор на економските текови во стопанството.

Принципот на еднаквост на пазарните субјекти претпоставува еднаква правна положба на субјектите во вршењето на својата дејност. Имено еднаквоста треба и мора да постои меѓу оние субјекти кои вршат идентична или комплементарна дејност. Во овој контекст државата е должна да презема определени мерки со цел да се спречи монополска положба и монополско однесување на пазарот, заштитувајќи ги на тој начин правилата на пазарот и конкуренцијата од една страна, и обезбедување еднакви можности за сите субјекти да вршат определена дејност од друга страна.

Од анализата на содржината на оспорените одредби, според Судот, произлегува дека одредбите од член 3 точка 28-а во делот: „наменето за извоз“ и член 16-а став 1 во делот „наменето за извоз“ од Законот за виното, не обезбедуваат еднакви услови за субјектите за вршење на дејноста трговија, односно откуп на винско грозје, со оглед на тоа што оваа дејност може да ја вршат само производители на вино и трговци со винско грозје наменето за извоз, додека пак откупувачите на винско грозје наменето за домашниот пазар, по измената на Законот за виното, се целосно изземени од можноста да ја вршат оваа дејност.

Неспорно е дека државата има право да ги уредува условите за вршење на определена дејност, но притоа таа мора да води сметка за обезбедување на еднаквите можности на пазарните субјекти. Доколку државата сака да го поттикне развојот на определени дејности, таа има право тоа да го прави преку воведување на стимулативни мерки спрема вршителите на тие дејности, но не и со целосно изземање на одделни субјекти од можноста да вршат определена дејност.

Уставниот суд во својата уставно-судска практика во однос на членот 55 од Уставот (слобода на пазарот и претприемништвото) повеќе пати укажувал дека еднаквоста треба и мора да постои меѓу оние субјекти кои вршат идентична или комплементарна дејност (Одлука У.бр.94/2010, Решение У.бр.252/2010 и др.). Од содржината на оспорените одредби од Законот за виното произлегува дека тоа не е случај, бидејќи откупувачите на грозје, односно трговците со винско грозје се ставени во различна положба во зависност од тоа дали грозјето е наменето за извоз или пак за пласман на домашниот пазар. Во отсуство на образложение за причините за воведување на овие измени на Законот за виното, Судот оцени дека за различниот третман на трговците со винско грозје наменето за извоз и оние кои откупуваат грозје за домашниот пазар не постои објективно и разумно оправдување, особено поради тоа што таквиот различен третман за откупувачите на грозје наменето за домашниот пазар, нема за последица само ограничување, туку значи целосно изземање и неможност за вршење на дејноста откуп на грозје.

Врз основа на наведеното, Судот смета дека со изземањето на физичките и правните лица кои вршат откуп на винско грозје наменето за домашниот пазар од дефиницијата на трговец со винско грозје и со неможноста тие да вршат откуп на винско грозје е нарушена слободата на пазарот и претприемништвото и не е обезбедена еднаква правна положба на субјектите на пазарот, поради што Судот оцени дека оспорените одредби од член 3 точка 28-а во делот „наменето за извоз“, член 16-а став 1 во делот: „наменето за извоз“, член 17 ставови 2 и 3 во деловите „наменето за извоз“, член 18 став 1 во делот: „наменето за извоз“ и член 19 став 1 во делот: „наменето за извоз“ од Законот за виното не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 7 и член 55 од Уставот на Република Македонија.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 на оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.174/2016
04.04.2018 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски