Издвоено мислење по предметот У.бр.2/2014

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.2/2014 донесено на 28.05.2014 година за неповедување на постапка за оценување на уставноста на член 10-а став 5 и член 10-б од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (“Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2008, 64/2009, 156/2009, 166/2010, 53/2011, 185/2011, 44/2012 и 15/2013) го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со означеното Решение, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оспорените член 10-а став 5 и член 10-б од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (“Службен весник на Република Македонија“ бр.142/2008, 64/2009, 156/2009, 166/2010, 53/2011, 185/2011, 44/2012 и 15/2013). Ставот на мнозинството судии е дека изјавата предвидена во Законот е само начин за навремено добивање на податоци за остварените приходи на граѓаните во минатата календарска година и има за цел да овозможи непречен пристап до здравственото осигурување, особено за најранливите категории на граѓани, а со тоа и навремен пристап до здравствените услуги за нив.

Спротивно на наведените аргументи, сметам дека одредбите 10-а став 5 и 10-б се спорни од уставносудски аспект. Со цел да се донесе одлука доследна и сообразна на досегашната уставноудска пракса, сметам дека Судот мораше да го земе предвид предметот У.бр.157/2011, во чија укинувачка Одлука се наведува: “…според Судот, обврската на граѓаните кои не се дефинирани како обврзници за плаќање на задолжителен придонес за здравствено осигурување да поднесуваат изјава за остварени приходи, не е во согласност со Уставот на Република Македонија. Имено, на граѓанинот со закон не може да му се востановуваат вакви обврски, од причина што ваква обврска може да вршат само надлежните државни институции, односно директно Управата за јавни приходи, нејзините надлежни органи и институции за социјално осигурување, но не и таа обврска да падне на товар на граѓанинот….“…“Обврската на граѓанинот тој да поднесува изјава за остварени приходи, не е соодветна, од причина што, таква контрола и увид во остварените приходи треба да има Управата за јавни приходи, односно надлежните органи и институции, кои, треба да имаат законска обврска да доставуваат докази од таков карактер таму каде што е потребно и нужно.“ По ваквата интервентна одлука на Уставниот суд, законодавецот пристапил кон одредени изменувања и дополнувања на Законот, при што се донесени членот 10-а став 5 и членот 10-б, со тоа што истите ја добиваат актуелната содржина во која се оспоруваат.

Со иницијативата која е поднесена од Народниот правобранител врз база на претставка од здружението “Рома-СОС“ Прилеп, се оспорува уставноста на законската определба наведената категорија на граѓани, заради користење на право од задолжително здравствено осигурување, да поднесуваат изјава за остварените приходи за претходната година до Фондот за здравствено осигурување, со образложение кое коинцидира со образложението на Одлуката У.бр.157/2011.

Сметам дека Уставниот суд и по овој предмет требаше да има истоветен пристап, со оглед на тоа дека во овој случај Законот во оспорените членови повторно го условува и врзува добивањето на правата кои произлегуваат од здравственото осигурување за категоријата на граѓани кои не се дефинирани како обврзници за плаќање на задлжителен придонес за здравствено осигурување со поднесена изјава во тековната година за остварените нето приходи во претходната година (член 10-а став 5). Истовремено, истата категорија граѓани според член 10-б можат да станат обврзници за плаќање на придонес за задолжително здравствено осигурување врз основа на поднесена изјава во тековната година за остварените нето приходи во претходната година.

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека законодавецот, операционализирајќи ги правото на социјална сигурност и социјално осигурување на граѓаните утврдени со членовите 34 и 35 став 1 од Уставот, утврдил право на задолжително здравствено осигурување за граѓаните на Република Македонија, при што определил дека за граѓаните на Република Македонија кои не се дефинирани како обврзници за плаќање на придонес за задолжително здравствено осигурување по една од основите од членот 10 став 1 точките од 1 до 14 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, придонесот за нивно задолжително здравствено осигурување го пресметува и уплатува Министерството за здравство, што значи правото се остварува на товар на Буџетот на Републиката. Меѓутоа, остварувањето на ова право законодавецот го условил со висината на приходите на граѓанинот остварени во претходната календарска година (како критериум е земена минималната плата за претходната година) од каде произлегува дека со право на здравствено осигурување на товар на Министерството за здравство можат да се стекнат само граѓаните кои оствариле приходи во претходната календарска година кои не се поголеми од висината на приходите кои законодавецот ги определил за оваа намена. Исто така, законодавецот овозможил обврзници за плаќање на придонес за задолжително здравствено осигурување заради користење на правата од здравствени услуги дефинирани со законот кој го уредува системот на здравствено осигурување, да станат и граѓани кои не се дефинирани како обврзници за плаќање на придонес за задолжително здравствено осигурување по една од точките од 1 до 14 од овој закон, но кои оствариле поголеми приходи од наведените, за што е потребно да поднесат изјава во тековната година за остварените нето приходи во претходната година. Во таков случај, пресметката за висината на придонесите за овие граѓани ја пресметува Фондот за здравствено осигурување, а обврзници за уплата на придонесите се самите граѓани.

Со оглед на утврдената правна и фактичка состојба, сметам дека неспорно произлегува дека законодавецот, при наведените измени и дополнувања на Законот, не ја почитувал Одлуката на Уставниот суд, У.бр.157/2011, и покрај тоа што согласно член 112 став 3 од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни. Јасно е укажувањето во истата од страна на Уставниот суд дека пропишување на обврска за граѓаните кои не се дефинирани како обврзници за плаќање на задолжителен придонес за здравствено осигурување да поднесуваат изјава за остварени приходи, нема уставна оправданост, затоа што на граѓанинот со закон не може да му се востановуваат вакви обврски. Ваквата обврска може да вршат само надлежните државни институции, односно директно Управата за јавни приходи, нејзините надлежни органи и институции за социјално осигурување, но не таа обврска да падне на товар на граѓанинот. Сепак, во измените на Законот, законодавецот повторно пропишува обврска за граѓаните да доставуваат изјава за остварените приходи во претходната година, како услов за остварување на право од задолжително здравствено осигурување во тековната година.

Во ситуација кога нема промени во Законот во врска со критериумите и начинот на остварување на правото од задолжително здравствено осигурување за граѓаните кои не се опфатени како обврзници во смисла на член 10 став 1 точките 1-14 од Законот, сметам дека нема основи за промена на ставот на Судот по покренатото правно прашање. Вака востановената обврска за поднесување изјава за остварени приходи, сметам дека значи повреда на уставното начело на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија, бидејќи таа не е во функција на обезбедување поголема социјална сигурност во сферата на социјалната заштита, а во таа смисла и на начелото на солидарност. Со примарна цел остварување на уставно загарантираните права на социјална сигурност и социјално осигурување на граѓаните, сметам дека законодавецот мора да води сметка дека се работи за најранливата категорија на корисници на овие права и на правото на здравствена заштита, а воедно овие права да се врзуваат на ваков начин со остварените приходи од претходната календарска година.

Тргнувајќи од наведеното, сметам дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8, член 9 и член 54 став 1 и 3 од Уставот.

Судија на Уставниот суд
Д-р Наташа Габер-Дамјановска

Решение У.бр.2/2014