Издвоено мислење по предметот У.бр.194/2012

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.194/2012 донесено на 21.05.1014 година за неповедување на постапка за оценување на уставноста на член 25 став 2 во делот “или недавање податоци за имотот и приходот“ од Законот за извршување (“Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010, 171/2010, 148/2011 и 187/2013) го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со означеното Решение, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста за оспорениот член 25 став 2 во делот “или недавање податоци за имотот и приходот“ од Законот за извршување (“Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010, 171/2010, 148/2011 и 187/2013) образложувајќи дека овие “законски одредби, па и оспорениот дел од член 25 став 2 од Законот, се во функција на овозможување на извршителот да дојде до податоците за имотот и приходот на должникот на најбрз и најефтин начин, а со цел брза реализација на правото и правдата востановени со извршната исправа“.

Првенствено, сметам дека Судот се определил за неповедување на постапка за оценување на уставноста на оспорениот член, со оглед на тоа што оценил дека иницијативата успешно го поставила спорното правно прашање, па затоа се остварило мериторно навлегување во разгледувањето на предметот. Но, видно и од самата иницијатива, но и од делот од образложението кое се наведува во Решението, пологично би било Судот да ја отфрли иницијативата. Ова од причина што иницијативата фокусира единствено на кривичната постапка и на правата на обвинетиот каде се утврдува неговата вина (а се знае дека во оваа постапка за лажен исказ можат да одговараат и други субјекти во постапката, а не само обвинетиот) наспроти создавањето услови да се реализира правосилна извршна одлука донесена од суд, и тоа според Законот за извршување. Исто така, треба да се има предвид дека таквата правосилна извршна судска одлука може да произлегува не само од кривичната, туку и од другите постапки.

Од друга страна, анализирајќи го оспорениот дел “или недавање податоци за имотот и приходот“ од Законот за извршување од аспект на членовите од Уставот на кои се повикува иницијативата (член 8 став 1 алинеја 1 и 3 и особено член 12 став 3 кој наведува дека од лицата повикани, приведени или лишени од слобода не може да се бара изјава) сметам дека прашањето заслужува да се разгледа во поширок контекст.

Законот за извршување ги регулира правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска. Тоа значи исполнување на било каква судска одлука, вклучително и онаа донесена во управна постапка која гласи за исполнување на парична обврска како и на извршна нотарска исправа. За судска одлука според овој Закон, се смета: пресуда, решение, платен и друг налог на судовите, на арбитражите, судско порамнување, решение и заклучок на орган на државната управа, како и правно лице. Врз база на таквата извршна исправа, извршителот го спроведува извршувањето, со примена на парничната постапка.

Треба да се истакне дека од своја страна, извршителот при извршувањето има право на пристап до сите информации и податоци за должникот кои постојат во банките, јавните книги и регистрите за конкретен должник. Тој исто така има по службена должност право да побара податок од орган на државната управа или правно лице кое води регистар, како и асистенција од орган на државната управа и тие имаат обврска да соработуваат со извршителот.

Членот 25 став 2 од Законот наведува дека “за давање неточни или нецелосни податоци или недавање податоци за имотот и приходот, должникот и одговорното лице во правното лице одговараат како за давање на лажен исказ во постапка пред суд“. Оваа одредба практично става знак на равенство во одговорноста помеѓу давањето на неточни или нецелосни податоци (значи за определено дејствие) и недавањето податоци (значи нечинење, отсуство на дејствие) и сите три случаи ги поистоветува и подведува под категоријата “давање на лажен исказ во постапка пред суд“ притоа повлекувајќи иста одговорност.

Самиот чин на давање на лажен исказ во постапка пред суд е предвиден во повеќе постапки и тоа: во општата управна постапка (член 181 став 1) сведокот ќе биде предупреден за давање на лажен исказ, а според член 249 ќе се повтори постапката ако решението е донесено врз основа на лажен исказ на сведок или вештак; во парничната постапка според член 201 се прекинува постапката ако сведокот или вештакот дал лажен исказ, сведокот (член 228) и вештакот (член 243) се предупредуваат за давање на лажен исказ, со можност за повторување на постапката ако одлуката се заснова на лажен исказ.

Во кривичната постапка сведоците исто така се опоменуваат за давање на лажен исказ (член 219) и се наведува дека тоа дејствие претставува кривично дело. Сепак, сведокот не е должен да одговори на прашањата ако неговата состојба се подведува под член 216 (ако се изложи себеси или близок роднина на тежок срам, значителна материјална штета или кривично гонење). На идентичен начин е регулиран и статусот на вештакот во кривилната постапка (член 239 и 242 и 387). Кривичната постапка може да се повтори ако е даден лажен исказ (член 449 и 453), а самото дејствие сторено на главна расправа (член 362) се смета како кривично дело, за кое не може веднаш да се суди туку за исказот се прави посебен записник, и се доставува до јавниот обвинител.

Финално, сметам дека треба да се нагласи дека давањето на лажен исказ пред суд го предвидува и санкционира како кривично дело единствено Кривичниот законик (член 367) и се однесува за сите постапки: управна, прекршочна, дисциплинска и процесна. Предвидените казни се или парични или затвор до три месеци, но во кривичната постапка предвидена е казна затвор 3 месеци до 5 години (ако има тешки последици за обвинетиот и од 1-10 години).

Механизмите и инструментите кои извршителите ги имаат на располагање, заедно со можноста должникот активно да се произнесе за неговата имотна состојба сметам дека претставуваат доволно јасна нормативна рамка во која можат успешно да се оневозможат малверзации, изигрување на правата на доверителите и непочитување на државната власт. Законското предвидување понатаму во оспорениот дел должникот дури и кога во законски уредена постапка е повикан да не каже, да се бара од него изјава со која би се довел во неповолна положба за себе па без негово произнесување за сопствената имотна положба да се најде во состојба да биде повикан на кривична одговорност сметам дека ги надминува рамките на уставно и законски загарантираните права на граѓанинот. Според наведеното, сметам дека оспорениот дел од членот 25 став 2 “или недавање податоци за имотот и приходот“ кој е предвидено да повлече кривична одговорност е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 1 и 3 и член 12 став 3 од Уставот.

Судија на Уставниот суд
Д-р Наташа Габер-Дамјановска

Решение У.бр.194/2012