Издвоено мислење по предметот У.бр.60/2013

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против запирањето на постапката од Решението У.60/2013 од 10 април 2014 година за оценување на уставноста на член 7, член 46 став 5 и член 116 ставови 1 и 4 од Колективниот Договор на АД во државна сопственост за вршење на дејноста давател на услуги на воздухопловната навигација М-НАВ А.Д. Скопје, под бр.03-1793/1 од 10.12.2012 година, склучен помеѓу синдикалните организации при М-НАВ А.Д. – Скопје Контрола на летање (ССКЛ) и Воздухопловен персонал (СВП) и Управниот одбор на М-НАВ А.Д. Скопје, го издвојувам и писмено го образложувам следното:

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со наведеното Решение, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да ја запре постапката за оценување на уставноста на член 7, член 46 став 5 и член 116 ставови 1 и 4 од наведениот Колективниот Договор со следното образложение:

„Со оглед на тоа што оспорениот Колективен договор на АД во државна сопственост за вршење на дејноста давател на услуги на воздухопловната навигација М-НАВ А.Д. Скопје, под бр.03-1793/1 од 10.12.2012 година, склучен помеѓу синдикалните организации при М-НАВ А.Д.–Скопје Контрола на летање (ССКЛ) и Воздухопловен персонал (СВП) и Управниот одбор на М-НАВ А.Д. Скопје, престанал да важи во текот на постапката за оценување на неговата уставност и повеќе не е во правниот поредок на Република Македонија. Судот оцени дека се исполнети условите од член 47 од Деловникот на Уставниот суд за запирање на постапката“.

Моето спротивно мислење го темелам на ставот дека одлуката на Судот е во спротивност на член 8 став 1 алинеја 3 ( владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок) член 9 став 2 (начела на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите), и член 32 ст.5 (дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредува со закон и со колективни договори) од Уставот на Република Македонија.

Повеке пати пред овој суд беа оспорени одредбите од цитираните колективни договори склучени помеѓу исти учесници. Првиот ваков договор помеѓу наведени учесници бил склучен на ден 01.03.2012 под бр.02-394/2, вториот договор бил склучен на ден 10.12.2012 под бр. 03-179/1 и третиот договор бил склучен на ден 17.01.2014 година. Од увидот врз содржината на сите наведени договори се гледа сосема иста содржина без да содржи разлика или измени и дополнувања во било која одредба. Договорот од 01.03.2012 под бр.02-394/2 бил оспорен пред овој суд. Со Решение У.бр.169/2012 од 30.јануари 2013 година, судот ја отфрлил иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на наведениот Колективен договор и констатирал дека: „Со оглед на фактот дека Колективниот договор на акционерското друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давател на услуги на воздухопловната навигација М-НАВ А.Д.-Скопје, бр. 02-394/2 од 01.03.2012 година, кој се оспорува со иницијативата, престанал да важи со донесување на нов Колективен договор бр. 03-1793/1 од 10.12.2012 година, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата“.

Од содржината на вториот договор од 10.12.2012 под бр. 03-179/1 се гледа дека истиот е сосема со иста содржина и идентичен како претходниот договор од 01.03.2012 под бр.02-394/2 без никакви измени и дополнувања. Вториот договор т.е. договор од 01.03.2012 под бр.02-394/2 се оспори пред овој суд. Судот со решение од 05.03.2014 година првин поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 7, член 46 став 5 и член 116 ставови 1 и 4 од наведениот Колективен договор. Судот со решение од 10.04.2014 ЈА ЗАПРЕ постапката, поради:, ,Со оглед на тоа што оспорениот Колективен договор на АД во државна сопственост за вршење на дејноста давател на услуги на воздухопловната навигација М-НАВ А.Д. Скопје, под бр. 03-1793/1 од 10.12.2012 година, склучен помеѓу синдикалните организации при М-НАВ А.Д. – Скопје Контрола на летање (ССКЛ) и Воздухопловен персонал (СВП) и Управниот одбор на М-НАВ А.Д. Скопје, престанал да важи во текот на постапката за оценување на неговата уставност и повеќе не е во правниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека се исполнети условите од член 47 од Деловникот на Уставниот суд за запирање на постапката,,.

Од изнесената фактичка состојба произлегува дека содржините на сите три договора се сосема идентични, т.е. исти. При престанокот на двата претходни договора се повредени одредбите од чл.226 и чл. 227 од Законот за работни односи на Република Македонија. Судот без да ја утврди точната фактичка состојба во смисла на тоа дали наведени договори се разликуваат меѓусебно, дали се донесени во законска предвидена процедура, дали престанале соодветно со одредбите од законот и самиот овој колективен договор и дали се доставени и регистрирани пред Министерот надлежен за работите од областа на трудот согласно со членот 231 од Законот за работни односи, и т.н. Само за пример првиот договор е донесен на ден 01.03.2012 година, а престанал да важи на ден 10.12.2012 година значи престанал да важи пред рокот за кој е склучен. Не се дава одговор по кој основ престанал да важи првичниот договор пред истекот на времето за кој е склучен. Во членот 128 од наведениот Колективен договор се предвидува дека овој договор се склучува на определено време од една година. Од увидот на датумите на донесувањето на наведените договори се гледа дека првиот договор е донесен на ден 01.03.2012 година, а вториот договор на ден 10.12.2012 година. Значи тука се повредени одредбите од членот 227 од Законот за работните односи.

Последниот договор е донесен на ден 17.01.2014 година. Со донесувањето на овој договор кој е со содржина и форма е идентичен како претходните два договори престанал да важи договорот од 10.12.2012 година. Ако се анализира овој договор се гледа дека е донесен по истекот на 1 година. Во членот 128 од наведениот Колективен договор се наведува дека договорот се склучува на определено време од 1 година и доколку до истекот на важноста на овој Колективен договор не се склучи нов, овој договор има важност до склучување на нов колективен договор. Наведените одредби се во спротивност со принципите од премолчено обновување на договори од ЗОО. Во чл.599 од ЗОО, се предвидува премолчено обновување на закупот, член 599 ,,(1) Кога по истекот на времето за кое бил склучен договорот за закуп закупецот ќе продолжи да го употребува предметот, а закуподавецот не му се противи на тоа, се смета дека е склучен нов договор за закуп со неопределено траење, под истите услови како и претходниот,,

Оттука, може да се констатира дека намерата на учесниците кои ги склучуваат договорот е дека со ваков тек, форма и процедура на донесување е да се избегне вистинската слика, целта на колективниот договор, а особено заштита на правата на вработените кај работодавачот. Со оваа динамика, тек и форма на донесување, учесниците се амнестираат од покренување и укинување на незаконските одредби од наведените договори и пред Уставниот суд. Со вакво однесување и форма се повредуваат основните одредби на Законот за работни односи и ЗОО, на кој начин се доведува во прашање правна сигурност на учесниците особено вработените и се остава простор за сомнеж дека учесниците не се еднакви во слободите и правата (член 9 став 1 од Уставот на РМ), и дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредува со закон и со колективни договори ( Член 32 ст.5 од Уставот на РМ).

Поради наведеното, сметам дека Судот, согласно член 47 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, не требаше да ја запре постапката за оценување на уставност и законитоста на оспорените членови од овој Колективен договор. Ова од причини што уште во текот на постапката колективниот договор и покрај фактот што престанал да важи, Судот имаше и аргументи и доволно докази за оценување на неговата уставност и законитост за време на неговото важење. Ова дотолку повеќе што согласно член 70 став 1 алинеа 6 од Деловникот на Уставниот Суд, Судот помеѓу другото одлучува и за утврдување на неуставност и незаконитост на пропис и друг општ акт во време на важењето, што престанал да важи во текот на постапката, ако се исполнети условите за поништување.

Според мое мислење во конкретниот случај сметам дека примената на членот 70 став 1 алинеа 6 е најсоодветна по овој предмет а имајќи во предвид начинот и постапката како се донесувани и менувани колективните договори во оваа институција.

Од наведените причини, а врз основа на изнесената анализа на уставните и законски одредби, силните аргументи за несогласност на оспорените одредби со Уставот и околноста што Судот ја запре постапката без постоење на деловнички основ, согласно член 25 став 6 од Деловникот на Судот го издвојувам своето мислење од донесеното решение за запирање на постапката.

Судија на Уставниот суд на
Република Македонија,

Сали Мурати

Решение У.бр.60/2013-1