Издвоено мислење по предметот У.бр.131/2013

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.131/2013 донесено на 16.04.2014 година за неповедување на постапка за оценување на уставноста на член 3 точка 5 во делот “Одлуките, решенијата и други акти на Уставниот суд на Република Македонија“ од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во “Службен весник на Република Македонија“, (“Службен весник на Република Македонија“ бр.56/1999 и 43/2002) го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со означеното Решение, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оспорениот член 3 точка 5 во делот “Одлуките, решенијата и други акти на Уставниот суд на Република Македонија“ од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во “Службен весник на Република Македонија“, (“Службен весник на Република Македонија“ бр.56/1999 и 43/2002).

Наспроти аргументите наведени во Решението, сметам дека Судот пред се требаше да ја има предвид хиерархијата на нормативните акти кои имаат свое специфично значење во овој конкретен случај, а тоа се Деловникот на Уставниот суд наспроти Законот чија одредба е оспорена. Имено, Уставниот суд самостојно го донесува својот Деловник и со него ги уредува начинот на работа и постапката, што како право директно произлегува од член 113 од Уставот. Тој факт го прави овој Деловник повисок по ранг наспрема Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во “Службен весник на Република Македонија“ и изворен уредувач на прашањата врзани со работата на Судот. Затоа, оспорената одредба, поточно формулацијата употребена во неа треба да се сообрази со член 78 став 2 од Деловникот, каде се уредува дека одлуките на Уставниот суд се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“, и дека според став 3 Судот може да одлучи да се објават и одделни решенија, што значи не сите решенија кои се донесени. За разлика од Деловникот, содржината на оспорениот дел од член 3 точка 5 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во “Службен весник на Република Македонија“ имплицира дека се објавуваат одлуките, решенијата и другите акти на Уставниот суд, без исклучок, што фактички се коси со начинот на кој тоа е уредено со Деловникот.

Аргументот дека објавувањето на актите кои ги донесува Уставниот суд на Република Македонија фактички се реализира единствено преку даден налог од одговорното лице во органот, не оди во прилог на ставот на Судот по овој предмет од ппричина што ова дејствие кое припаѓа во техничкиот дел и постапка при објавувањето на актите и не може да служи како компензација и оправдување за ваквиот принципиелен пропуст на законодавецот.

Судија на Уставниот суд
Д-р Наташа Габер-Дамјановска

Решение У.бр.131/2013