Издвоено мислење по предметот У.бр.107/2013

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против отфрлањето на иницијативата на Решението У.бр.107/2013 од 13 февруари 2014 година за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Изменување и дополнување на Детален урбанистички план “Долно Водно“ Општина Центар, број 07-2780/22 од 05.04.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар и објавен во Службен гласник на Општина Центар број 4/2012 од 09.04.2012 година го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со наведеното Решение, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Изменување и Дополнување на Детален урбанистички план “Долно Водно“ Општина Центар, број 07-2780/22 од 05.04.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје на 75-та седница одржана на 05.04.2012 година и објавен во Службен гласник на Општина Центар број 4/2012 од 09.04.2012 година.

Оспорената Одлука претходно веќе беше разгледувана од страна на Уставниот суд со предметот У.бр. 14/2013 и со Решение У.бр. 14/2013 од 17 април 2013 година, Судот поведе постапка за оценување на нејзината уставност и законитост во кое образложение меѓу другото е наведено дека: “…планирањето на просторот кое се врши во постапка и од надлежни органи има за цел задржување или менување на постојната состојба на просторот во постапка во која треба да бидат изразени и потребите на граѓаните што е концепт на законот, заради што и се спроведува јавната анкета. Секакво друго постапување и менување на планот надвор од она што е предвидено во нацрт планот и што не е резултат на јавната анкета во суштина ја обесмислува и ја обезличува целта на јавната анкета….“. По констатирањето на фактичката состојба, според која е евидентно дека “…оспорениот план во делот кој се оспорува со иницијативата, не е истоветен како и Предлог-планот кој бил изложен по повод последно спроведената Јавна презентација и Јавна анкета, на начин што презентираниот Предлог-план во делот што се оспорува со иницијативата, претпрпел суштинска промена од аспект на поединечната класа на намена на земјиштето, вклучително и по однос на пристапниот пат“, Судот заклучил дека кога јавно изложен план на увид на граѓаните е со едни содржини, а се презентира конечен план со други содржини, на тој начин се доведува во прашање принципот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, односно правната сигурност на граѓаните.

Меѓутоа, со Решението У.бр.14/2013 од 10 јули 2013 година Судот одлучува да ја запре постапката за овој предмет без притоа да констатира дека постои било каков основ за запирање од оние кои се таксативно наброени во членот 47 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија. Во Решението единствено се наведува дека “Судот не го изгласа предлогот за укинување на оспорениот акт, поради што Судот одлучи да ја запре постапката по овој предмет“.
Во предметот У.бр.102/2013 иницијативата повторно ја оспорува Одлуката за донесување на Изменување и Дополнување на Детален урбанистички план “Долно Водно“ Општина Центар, број 07-2780/22 од 05.04.2012 година, при што меѓу другото се наведува дека при повторната јавна презентација во јули 2012 година и прифаќањето на шест анкетни листови со забелешки и предлози, тие се вградуваат во Предлог-планот, вклучително и планското решение за парцелата 7.24. Но, иницијативата понатаму наведува дека прифатените решенија по повторната јавна презентација не се содржани во конечно усвоениот план, односно истите се изменети, по однос на утврдената класа за намена на земјиштето на парцелата 7.24 на начин што со предлог планот намената на земјиштето била означена како А1-Домување во станбени куќи а била преиначена во А0- Домување во станбени куќи со посебен режим, со што ваквите измени се однесуваат и во однос на пристапната улица до градежната парцела сопственост на подносителот на иницијативата. Она што претставува нов елемент во иницијативата за предметот У.бр.107/2013 е дека со оспорениот акт е повредено начелото на владеење на правото, уредувањето и хуманизацијата на просторот како и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата видно од катастарската парцела бр.5.69 според која со оспорениот акт се зафаќа површина од Парк-шумата Водно и се уништуваат 11.000 метри квадратни густа шума заради предвидените градби со оспорениот план.

Заради наведеното, првенствено сметам дека Судот имаше обврска да се впушти мериторно да ја разгледува оваа иницијатива со оглед на новите наводи наведени во неа и да завземе соодветен став според постојната фактичка состојба. Ова особено бидејќи оспорената Одлука е во правниот поредок, односно таа е актуелно во сила и понатаму произведува правно дејство. Дополнително, сметам дека е неприфатлив аргументот на Судот дека оспорената Одлука веќе била предмет на оценување пред Уставниот суд поради што иницијативата треба да се отфрли (член 28 алинеја 2 од Деловникот), бидејќи во претходниот предмет постапката е запрена, без издржан став и образложение кое ги имало предвид фактите, а со едноставно неизгласување на предлог-одлуката, што значи дека во овој случај не можеме да говориме за res judicata.

Д-р Наташа Габер-Дамјановска,
судија на Уставниот суд на Република Македонија

Решение У.бр.107/2013