Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.46/2013 донесено на 12.02.1014 година за неповедување на постапка за оценување на уставноста меѓу другото и на член 14 став 4 од Законот за надворешни работи (Службен весник на Република Македонија бр.46/2006, 107/2008, 26/2013) и Законот за изменување и дополнување на законот за надворешни работи (“Службен весник на Република Македонија“ бр.26/2013) го издвојувам и писмено го образложувам следното
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Со означеното Решение, Уставниот суд меѓу останатите оспорени одредби, со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за член 14 став 4 од Законот за надворешни работи (Службен весник на Република Македонија бр.46/2006, 107/2008, 26/2013) и Законот за изменување и дополнување на законот за надворешни работи (“Службен весник на Република Македонија“ бр.26/2013)
Членот 14 односно член 4 од Законот за изменување и дополнување на законот за надворешни работи уредува дека државниот секретар го именува Владата на предлог на министерот и тој има статус на функционер кој за својата работа одговара непосредно пред Владата и министерот. Оспорениот став 4 регулира дека “на државниот секретар му се утврдува дипломатското звање амбасадор во Министерството“ со што сметам дека практично се создава можност Владата да го доделува дипломатското звање амбасадор на државниот секретар, кое по својата суштина е стручно звање, без притоа тој да ги задоволува законските предуслови за тоа, со што се креира суштинска, радикална нееднаквост меѓу него и лицата кои ги исполниле законските услови за стекнување на тоа стручно звање.
Законските одредби кои се однесуваат на дипломатите, што значи на професионалниот, а не на политички именуваниот кадар, регулираат дека Законот во член 63-б ги уредува општите услови според кои некое лице може да се вработи како дипломат, а во став 2 точки од 1 до 5 се наведуваат посебните услови, кои се: поседување на високо образование, нечленување во орган на политичка партија на републичко ниво, потребно работно искуство во струката, активно владеење на два странски јазици и поседување на соодветен безбедносен сертификат. Исто така, членовите 64-г и 64-е од Законот прецизно ги наведуваат условите за редовно и/или вонредно преминување во повисоко дипломатско звање што значи и за звањето амбасадор. Членот 64-г го регулира редовното стекнување со дипломатски звања и кое унапредување е зависно од годините стекнати во претходното звање, како и со полагање на испити како што е советничкиот испит, одбранет труд и одбранет амбасадорски труд. Член 64-е пак го определува вонредното унапредување во непосредно повисокото звање пред да помине потребниот законски период во претходното звање, но и тоа унапредување подлежи на евалуирање на некои вонредни работни резултати и не го доведува во прашање условот кој е врзан со стручните испити и трудови. По однос на вработувањето и кариерното напредување во министерството ригорозни се член 63-д кој наведува дека доколку приправникот не го положи приправничкиот испит му престанува работниот однос во Министерството како и член 63-ѓ според кој ако вработениот и по втор пат не го положи дипломатскиот испит му престанува работниот однос во Министерството. Член 63-е се однесува на лицата кои се вработуваат со претходно работно искуство и за кои став 8 предвидува дека на вработениот кој нема да го положи дипломатскиот испит му престанува работниот однос и за тоа нема право на жалба. Истиот член го регулира и полагањето на советничкиот испит.
Од наведеното произлегува дека дипломатските звања кои се наведени во член 64-б, а во нив е вклучено и звањето амбасадор во Министерството, се сообразени со стручните услови за нивно стекнување наведени во Законот и во случај тие да не се исполнети лицето има последици врз сопствениот работен статус. Поаѓајќи од таа гледна точка, евидентно е дека државниот секретар се става во нееднаква, поточно привилегирана положба наспроти сите останати кои ги исполнувале законските услови за добивање дипломатско звање, како: години на служба поминати во пониските звања, полагање дипломатски, односно советнички испити, познавање странски јазици и сл. Привилегијата се состои во стекнување на професионално-стручен статус без да се исполнат регуларните законски предуслови за негово стекнување и во уживање на привилегиите кои тој статус ги носи.
Државниот секретар кој е политички назначен, при стекнувањето на дипломатското звање амбасадор нема обврска да ги задоволи законски определените предуслови за стекнување на тоа истоветно звање како што треба да ги исполнат вработените дипломати. И покрај тоа што е јасно дека во Министерството за надворешни работи има две категории вработени според начинот на вработување во органот (по пат на именување и вработени преку јавен оглас), не би можела да го прифатам толкувањето дека во Министерството за надворешни работи стекнувањето на стручното-дипломатско звање може да се оствари на два различни начина, бидејќи начинот на вработување никако не ги исклучува нужните чекори во кариерата кои некое лице законски треба да ги направи за да се стекне со звањето амбасадор. Според постојното законско решение, евидентно е дека за оние кои се вработени по пат на оглас важат законски определените услови, а за именуваниот функционер предусловите едноставно отсуствуваат, што значи дека тој не е опфатен со нив. Државниот секретар de facto е поистоветен со другите амбасадори по звање без тој да ги помине сите скалила на стручната надградба и усовршување. Дали државниот секретар е државно-службеничко звање или не, е ирелевантно наспроти законски определените предуслови кои некое лице би требало да ги исполни за да се стекне со звањето амбасадор во министерството. Според членот 39-б од Законот за владата мандатот на државниот секретар завршува со мандатот на Владата, но тоа не го менува фактот дека тој дури и за извесен период се стекнува со звање за кое ја нема соодветната стручна спремност, а неговиот статус се поистоветува со статусот на останатите амбасадори-дипломати.
Оценката на Судот во Решението 46/2013 дека именувањето не значи дека се исклучува исполнување на соодветни услови од страна на државниот секретар сметам дека претставува паушална оценка која воопшто не гарантира реална еднаквост со останатите професионални дипломати токму поради фактот што Законот тие стручни квалификациони услови воопшто не ги поставува како обврзен законски услов за државниот секретар. Дополнително, Решението како втор аргумент за добивањето на звањето амбасадор за државниот секретар, кој покрај администрирањето во Министерството за надворешни работи и соработката со Владата и со други министерства и институции, ја има обврската да остварува “меѓународна комуникација на соодветно ниво“ (член 39-в од закон за Владата), сметам дека претставува втор паушално определен услов кој бара своја оправданост без соодветна системско-законска поддршка. Имено, дипломатската традиција кај различни држави се разликува во однос на тоа кои позиции во министерствата за надворешни работи се политички назначени а кои се пополнуваат со професионални дипломати. Тврдењето дека во дипломатијата комуницираат еднаквите по ранг и по звање е одржливо единствено од аспект на постоење на истоветни системски концепти на структурирање на министерствата за надворешни работи, но познато е дека околу таквите структури и концепти постојат разлики. Императивно е кога и ако Министерството за надворешни работи креира одредби од ваков тип, да ги има предвид првенствено домашните закони и над се – Уставот.
Решението 46/2013 исто така наведува дека “со исполнувањето на условите за именување за државен секретар, оценети од страна на министерот и Владата, се исполнети и условите за утврдување на дипломатското звање амбасадор во Министерството поради целисходноста од соодветната меѓународна комуникација“. Но сепак јасно е дека Владата ги нема стручните компетенции со кои би можела меродавно да ја оценува евентуалната стручност на државниот секретар во Министерството за надворешни работи и да го назначи во звањето амбасадор, ниту е за тоа уставно овластена.
Крајно, следејќи ја логиката дека ако државниот секретар е воедно и амбасадор, што значи дека тој по звање е дипломат, разбирливо е дека тој не е ослободен од обврската од членовите 63-б став 3 точка 2 од Законот и член 33 од измените и дополнувањата на Законот од 2013 година кои условуваат тој да не е член на орган на политичка партија на републичко ниво.
Мешањето на професионалните позиции и звања со политички назначените функции сметам дека е неодржливо од уставен аспект и дека се повредени член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 9 член 51 и член 96 од Уставот.
Судија на Уставниот суд
Д-р Наташа Габер-Дамјановска