Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана 28 март 2018 година, донесеУставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана 28 март 2018 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА член 77 став 2 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.94/2017 од 7 февруари 2018 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 77 став 2 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.
Постапката беше поведена затоа што пред Судот со основ беше поставено прашањето за неговата согласност со Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека во членот 77 поместен во поднасловот „Известување по пошта“ од Законот е предвидено дека:
„(1) Известувањето по пошта се врши по пат на обична или препорачана пошта. Секој документ што влијае врз роковите се испраќа преку препорачана пошта.
(2) Писмениот документ што е испратен по пат на препорачана пошта се смета дека е доставен на датумот кога е заверена потврдата за прием (оспорен став)“. 5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Со Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015) се уредува постапката за остварување на заштита на правата и правните интереси на физичките лица, правните лица и другите странки, како и заштита на јавниот интерес, по која се должни да постапуваат министерствата, органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и органите на општината, на Градот Скопје и општините во Градот Скопје, кога во вршењето на своите законски надлежности, постапуваат, решаваат и преземаат други управни дејствија во управни работи. Според член 4 од Законот, одделни поими во овој закон го имаат следново значење:…
– „Известувањето“ е службено обраќање на јавниот орган кон странка или кон друго лице кое учествува во управната постапка;
– „Управен акт“ е поединечен акт на јавен орган кој е донесен врз основа на закон со кој се решава за правата, обврските и правните интереси на странките. Управните акти можат да бидат насловени како решение, одлука, наредба, лиценца, дозвола, забрана, одобрение или други;
Според член 17 од Законот поместен во делот „Начело на активна помош на странката“ е предвидено дека:
„(1) Јавниот орган е должен да им овозможи на сите странки во постапката да ги остварат и заштитат своите права и правни интереси на што е можно поефективен и полесен начин. Јавниот орган ги известува странките за законските одредби што се од важност за решавање на управната работа, за нивните права и обврски, вклучително и за сите информации поврзани со постапката и ги предупредува за правните последици од нивните дејствија или пропусти.
(2) Јавниот орган и овозможува на странката пристап до јавниот орган и по електронски пат.
(3) Незнаењето или неукоста на странката која учествува во постапката не треба да биде на штета на нејзините законски права и интереси“.
Во членот 37 од Законот се предвидени општите правила на комуникација на јавниот орган и странката при што е предвидено дека:
(1) „Комуникацијата помеѓу јавните органи и странките може да се одвива во писмена форма, усно или во електронска форма.
(2) Актите во управната постапка во електронска форма можат да се достават до странката или нејзиниот застапник само во случаи кога тие претходно се согласиле за овааформа на комуникација. Согласноста може да биде ограничена на одделни јавни органи,постапки и акти.
(3) Комуникацијата помеѓу јавните органи задолжително се одвива во електронска форма“.
Во глава ХI од Законот во насловот „ ИЗВЕСТУВАЊЕ И ДОСТАВА“ односно во членовите од 69 до 78, покрај другото, е предвидено дека:
„(1) Ако не е поинаку определено со закон, јавниот орган слободно одлучува за соодветниот начин на известување на странката во управната постапка. Пишаните управни акти треба да се достават.
(2) Начинот на известување се утврдува во однос на правната заштита на странката, транспарентноста, економичноста и едноставноста на постапката.
(3) Кога странката е присутна, известувањето се врши усно.
(4) Во исклучителни случаи, кога се работи за итни и кратки прашања, известувањето може да се изврши телефонски.
(5) Писмениот документ може да се испрати по пошта, преку електронски или други соодветни средства, или со достава.“
Во членот 77 „Постапки за известување“ поднасловот “Известување по пошта“ е предвидено дека:
„(1). Известувањето по пошта се врши по пат на обична или препорачана пошта. Секој документ што влијае врз роковите се испраќа преку препорачана пошта.
(2). Писмениот документ што е испратен по пат на препорачана пошта се смета дека е доставен на датумот кога е заверена потврдата за прием( оспорен став)“.
Тргнувајќи од наведените уставни одредби, направената анализа на наведените одредби од Законот за општата управна постапка, наспрема наводите во иницијативата по однос на член 77 став 2 од Законот, Судот оцени дека тие се основани.
Ова од причина што анализирајќи ги содржините на оспорените одредби произлегува дека доставувањето преку пошта се смета за уредно на датумот кога е заверена потврдата за прием што според Судот е правно нејасна и неиздржана норма, односно не е јасно дали таа заверка се однесува на заверка од страна на поштата или пак на лицето кое треба да го потврди приемот на писменото кое го доставува јавниот орган. Точниот датум на прием на писменото известување од страна на странката на кое се однесува известувањето има големо значење од причини што странката од тој датум може да презема процесни дејствија, да вложува жалба или пак да пристапи кон исполнување на обврската. Според Судот неспорна е потребата на законодавецот да обезбеди сигурен начин на доставување и намалување на можните изигрувања на уредното доставување кога тоа е по пошта, оттука Судот оцени дека оспорената одредба не е изведена докрај преку креирање на правно издржана норма, со која нема да остави простор за правна несигурност и можност за губење на правата или неисполнување на обврските. Едноставно заради немање на сознание дека во поштата на конкретен датум за лицето е оставен акт врз основа на кој течат права и обврски, странката може да трпи последици кои би можеле да значат губење на права загарантирани со Уставот, поради што Судот оцени дека член 77 став 2 од Законот не во согласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.
6. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.
7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.94/2017
28 март 2018 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски