У.бр.96/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 март 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 11 од Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/1993).

2. Миливој Мицевски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 11 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот член 11 од Законот за помилување, согласно кој претседателот на Републиката можел по исклучок да дава помилување кога посебни околности кои се однесувале на личноста и кривичното дело укажувале дека тоа било оправдано, бил спротивен на членот 9 од Уставот на Република Македонија. Во конкретниот случај, со закон било предвидено непрецизирано постапување по исклучок и не биле наведени посебните околности кои се однесувале на личноста поради кои се предвидувал исклучок во постапувањето, од што произлегувало нееднаквост на сите граѓани пред законот.

Оспорената законска одредба, исто така, била спротивна на член 51 став 2 од Уставот според кој, секој бил должен да ги почитува Уставот и законите. Имено, со одредбата се давало право на претседателот на Републиката да постапува по исклучок спротивно на правилото во Законот за помилување. Оспорениот член од Законот за помилување бил противречен на членот 1 од истиот закон со кој било нормирано дека претседателот на Републиката дава помилување согласно одредбите од овој закон. Одредбите во законите не требало да бидат двосмислени и меѓусебно противречни на начин што, за едни лица ќе се предвидувало спроведување на постапка, а за други лица ќе постоела можност за давање на помилување без спроведување на постапка пропишана со закон.

Правото на претседателот на Републиката поименично да определи лица кои ќе ги помилува било неспорно бидејќи Уставот и законот му давале такво право. Меѓутоа, оспорената одредба содржела непрецизиран исклучок и непрецизирани посебни околности по однос на личноста, без притоа да се спроведе постапка за помилување согласно Законот за помилување и укажувала на спротивност со Уставот кој јасно предвидувал еднаквост за сите граѓани без исклучок, а Законот од друга страна, утврдувал непрецизиран исклучок за постапување спрема граѓаните.Ако највискиот правен акт – Уставот, содржел норма според која секој бил должен да ги почитува Уставот и законите, а од друга страна оспорената одредба не предвидувала спроведување на постапка, тоа било непочитување на законот, па согласно тоа истата одредба не била во согласност со Уставот.

Еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите не требало да подразбира посебни околности кои се однесувале на личноста, туку само почитување на законите од секој и спроведување на еднаква постапка согласно закон во однос на сите граѓани без исклучок.

Од наведените причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот со Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 11 од Законот за помилување е предвидено: „Претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилување и без спроведување на постапка за помилување пропишана со овој закон кога е тоа од интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека е тоа оправдано.“

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Член 51 став 1 од Уставот предвидува дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите. Според став 2 од истиот член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 79 став 3 од Уставот, претседателот на Републиката своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Согласно член 84 алинеја 9 од Уставот, претседателот на Република Македонија дава помилување во согласност со закон.

Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот (член 110 алинеја 1 од Уставот).

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Оспорениот член 11 од Законот за помилување бил предмет на уставно -судска оцена пред Уставниот суд на Република Македонија, при што Судот со Решение У. бр.144/1999 од 15.09.1999 година, одлучил да не поведе постапка за оценување на нејзината уставност.

Според ставот на Судот изразен во Решението, поаѓајќи од членот 84 став 1 алинеја 9 од Уставот, согласно кој претседателот на Република Македонија дава помилување во согласност со закон, како и од членот 79 од Уставот кој предвидува дека претседателот на Републиката ја претставува Републиката (став 1) и своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите (став 3), Уставот определил помилувањето да е овластување на шефот на државата (не на законодавецот), чии основи (ситуации) и рамки (обем) можат да се операционализираат (разработат) со закон, но без притоа да се доведе во прашање надлежноста на претседателот на Републиката да помилува и да ја претставува државата, надвор и дома.

Со оглед на тоа што со членот 11 од Законот се определуваат основите (две ситуации) и рамките (државен интерес или специфични околности) на правата и должностите на шефот на државата во врска со помилувањето, Судот заклучил дека таквата одредба има уставна основа, па аналогно на тоа, утврдил дека истата не е во несогласност со член 8 став 1 алинеја 3 (владеењето на правото), член 51 став 1 (определбата за согласност на законите со Уставот) и член 79 став 3 од Уставот (овластувањата на шефот на државата да се определи со Уставот и со закон).

По однос на наводната несогласност на оспорениот член 11 од Законот за помилување со членот 9 од Уставот, Судот се изјаснил дека оваа одредба е во согласност со уставната норма бидејќи секој субјект кој ќе се најде во еден од наведените две ситуации, може да бара помилување по тој основ без спроведување на вообичаената постапка, а тоа што за едни граѓани е пропишана редовна постапка, а за други нема таква постапка, е последица на различни ситуации, па нема нееднаквост ако постојат различни правила за различни ситуации.

Бидејќи Уставниот суд за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Поради изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите:Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски,д-р Осман Кадриу,д-р Дарко Костадиновски, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.96/2016 
21 март 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Издвоено мислење по предметот У.бр.96/2016