У.бр.34/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 февруари 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на цени за чистење на снег на локални патишта и улици во зимскиот период на ЈПКД „МАВРОВО“ од Маврови Анови, бр.08-363/7 од 26.12.2016 година, донесена од Советот на Општина Маврово и Ростуше („Службен гласник на Општина Маврово и Ростуше“ бр.12/2016).

2. Хари Костов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука не била во согласност со член 9 ставови 1 и 2 од Уставот, од причина што се кршело уставното начело на недискриминација на начин што само за оние лица кои имале викендици во с.Маврово, односно за оние кои не биле жители на општината, биле задолжени да го плаќаат надоместокот (две цени за иста намена и тоа 600,00 денари и 2.450,00 денари, без да се наведат критериумите и параметрите).

Во иницијативата е наведено дека со вака донесената одлука биле повредени членовите 7, 18 и 20 од Законот за облигациони односи, од едноставна причина што за настанување на должничко-доверителски однос била потребна согласност на волјата на двете страни, додека во конкретниот случај без никаква волја од страната на подносителот на иницијативата било донесено решение за чистење на снег и за наплата на истото.

Понатаму во иницијативата се наведува дека подносителката со своето потесно семејство периодично ја користеле викенд куќата која не се наоѓала на локален пат односно била многу далеку од главниот пат и секогаш сами го расчистувале патот. Исто така, тие како сопственици на викенд куќа во ниеден момент немале потпишано било каков договор со ниту едно претпријатие за чистење на снег и сметаат дека е тоа дел од обврските на самата Општина Маврово и Ростуше. Во иницијативата е наведено оспорената одлука да биде укината во што покус можен рок.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 1 од оспорената одлука е предвидено дека со оваа одлука се утврдуваат цените на услуги за чистење на снег на локални патишта и улици во зимскиот период кога има снег и тоа во декември, јануари и февруари во континуитет. Износот на надоместокот е 600,00 денари линеарно за секоја викенд куќа. За секоја дополнителна услуга за индивидуално чистење ќе се наплатува по 2.450,00 денари по барање на корисникот.

Според членот 2 од оспорената одлука, оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Маврово и Ростуше“.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр. 70/2017 од 30 декември 2017 година, објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.193/2017, ја укина Одлуката за утврдување на цени за чистење на снег на локални патишта и улици во зимскиот период на ЈПКД „МАВРОВО“ од Маврови Анови, бр.08-363/7 од 26.12.2016 година, донесена од Советот на Општина Маврово и Ростуше („Службен гласник на Општина Маврово и Ростуше“ бр.12/2016). Во Одлуката Судот утврдил дека: „комуналната дејност – одржување на јавна чистота во градски и други населби под кое се подразбира чистење на јавни и сообраќајни површини, одржување на пешачки патеки, детски игралишта, отворени одводни канали, кејови, како и чистење на снегот во зимски услови, можат да ја вршат јавни претпријатија за комунални дејности основани од општините кои како даватели на услугите се овластени да ја утврдуваат висината на цената и начинот на плаќањето на оваа комунална услуга и тоа по претходна согласност на основачот.

Понатаму, според Судот, од содржинaтa на оспорената одлука неспорно произлегува дека со истата се создаваат обврски само за ВИКЕНД КУЌИТЕ, но не и за другите индивидуални или хотелски објекти, кои, исто така, се корисници на наведените локални патишта и улици. Со ваквиот начин на утврдување на цените, се повредува принципот на еднаквост на граѓаните што не е во согласност со членот 9 од Уставот на Република Македонија, според кој сите граѓани во Република Македонија се еднакви пред Уставот и законите, бидејќи во случајов станува збор за еден вид на комунална услуга – одржување на јавна чистота – чистење на снегот во зимски услови, во интерес на урбаното живеење на сите корисници еднакво во рамките на законските критериуми ќе треба да го понесат финансискиот товар на надоместокот, а не само ВИКЕНД КУЌИТЕ, како што определува оспорената одлука.

Од наведеното, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот на Република Македонија, како и со член 24, член 25 и член 29 алинеја 8 од Законот за комунални дејности и со член 24 став 1, член 25 став 1, член 26 став 1, член 27 и член 29 алинеја 6 од Законот за јавна чистота.“

Оттука, имајќи предвид дека Уставниот суд по предметот У.бр.70/2017 веќе ја укинал оспорената Одлука и истата веќе не е во правниот поредок, Судот оцени дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и се исполнети условите за отфрлање на истата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.34/2017
14 февруари 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски