Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.69/2013 донесено на 18.06.2014 година за неповедување на постапка за оценување на уставноста на член 76 став 2 алинеја 12 и член 79 став 4 од Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр. 52/2010 и 134/2011) го издвојувам и писмено го образложувам следното
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Со означеното Решение, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на член 76 став 2 алинеја 12 и член 79 став 4 од Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр. 52/2010 и 134/2011), за што сметам дека не ја зема предвид досегашната уставносудска пракса, дел од која беше наведена и во рефератот (предметите У.бр.70/2013 и У.бр.171/2008) а која се однесуваше на оспорениот дел на член 76.
Воедно сметам дека при оценката на оспорените одредби требаше да се земе предвид самата природа на граѓанските организации, по однос на член 20 од Уставот со кој се гарантира слободата на здружување која се регулира и сфаќа мошне широко, како и според оваа уставна одредба, така и според меѓународните акти ратификувани од страна на Република Македонија.
Во таа смисла, Законот за здруженија и фондации во член 3 го дефинира поимот „дејност” како активност класифициранa според националната класификација на дејности со која организациите ги остваруваат своите цели утврдени со статутот. Член 4 став 1 од Законот го потврдува уставно загарантираното право на слободно здружување преку здружување во здруженија, фондации, сојузи и организациони облици на странски организации за остварување на нивните цели, дејности и заштита на права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и закон. Единствената забрана на широко поставеното право на здружување било да се работи за основање на граѓанската организација или нејзиното работење, е регулирана во член 4 став 2 и се наведува дека “ако програмата и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост презема активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и се повредуваат слободите и правата на други лица“.
Исто така, Законот ги определува случаите при кои една граѓанска организација би можела да престане да постои или да се забрани нејзината работа (член 63-72). Крајниот исход е бришење на организацијата од Регистарот, што логички значи дека таа воопшто нема да може понатаму да фигурира дека обавува одредена дејност за која била претходно класифицирана. Таа организација практично нема да постои како регистрирана организација во правниот поредок на Република Македонија. Дејноста, поточно артикулацијата на интересот за здружување кој неизбежно се реализира преку работењето на организацијата е нераскинливо врзано со постоењето на истата.
Ако се анализираат сумарно овие законски одредби, може да се заклучи дека една граѓанска организација која би поднела барање за здобивање на статус од јавен интерес и би се потрудила да ги прибави сите документи кои се наведени како законски предуслов во член 76 од Законот неизбежно постои и е всушност полноправно регистрирана, бидејќи нејзината дејност е иманентно врзана со самото нејзино фактичко постоење. Од таа причина, апсурдно и беспредметно е постоењето на оспорената алинеја 12 во член 76 став 2.
Што се однесува до оспорениот член 79 став 4 сметам дека требаше да се почитува долгогодишната уставносудска пракса која беше применувана на предмети во кои се покренуваа прашања од слична природа, а кои се во спротивност со член 8 став 1 алинеји 3 и 4, член 51 и член 61 став 1 и член 96 од Уставот.
Судија на Уставниот суд
Д-р Наташа Габер-Дамјановска