Издвоено мислење по предметот У.бр.22/2014

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.22/2014 донесено на ден 11.06.2014 год., за неповедување на постапка за оценување на уставност Делот X став 1 од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2013 година, бр.41-10106/1-12, донесена од Владата на Република Македонија на 9 јануари 2013 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2013), го издвојувам и писмено го образложувам следното:

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со наведеното Решение, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста Делот X став 1 од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2013 година, бр.41-10106/1-12, донесена од Владата на Република Македонија на 9 јануари 2013 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2013). Ставот на мнозинството судии е дека „дејностите од областа на водостопанството, како и работите на управување, стопанисување и користење на пасиштата, се дејности од јавен интерес и како такви, извршувањето на тие дејности и работи, согласно Уставот на Република Македонија, се регулирани со Законот за водостопанството и Законот за пасиштата, но и со други закони како што е Законот за земјоделство и рурален развој и подзаконските акти донесени врз основа на Законот, поради што Судот оцени дека оспорената одредба од Програмата има основа во наведените уставни и законски одредби и не ја загрозува слободата на пазарот и претприемништвото, ниту ја нарушува еднаквоста на субјектите на пазарот, туку со таквата одредба од Програмата Владата на Република Македонија обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот преку пропишување на правни механизми за поефикасна наплата на побарувањата на сите субјекти на пазарот“.

Спротивно на наведените аргументи, сметам дека Судот пред да навлезе во анализирање на содржината на оспорената одредба од Програмата со соодветните уставни и законски одредби, Судот има процесно-правни претпоставки кои мора претходно да ги утврди и од кои зависи дали ќе ја оценува или не содржината на оспорената одредба од Програмата со уставните и законските одредби. (член 28 алинеите 1, 2 и 3 од Деловникот на Судот заснован на член 113 од Уставот според кој „Постапката пред Уставниот суд се уредува со акт на Судот“).

Непочитувањето на наведените одредби од Деловникот на Уставниот суд, значи непочитување на наведената уставна одредба.

Во конкретниот предмет У.бр.22/14, постојат две круцијални процесно-правни прашања кои Судот морал претходно да ги утврди пред да навлезе во анализирањето на содржината на оспорената одредба од Програмата со уставните и законските одредби.

ПРВИОТ процесно-правен услов е поврзан со прашањето дали Програмата и нејзината оспорена одредба се во правниот поредок или не?

Повеќедецениската уставно-судска практика на овој суд, а и на другите уставни судови во државите со развиено уставно судство, е дека одредби од правните акти кои престанале да важат пред поднесувањето на иницијативите, не се во позитивно-правниот поредок и поради тоа има процесни пречки за постапување по иницијативата, па таа СЕ ОТФРЛА.

Таквиот став на Судот се заснова на стојалиштето дека Уставниот суд треба да обезбеди усогласеност на важечките правни акти и важечките правни одредби (пониските со повисоките-законите со Уставот, подзаконските прописи со Уставот и со законите) во функција на остварувањето на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија. (Член 8 од Уставот на РМ ,,Основните слободи и права на човекот и на граѓаните, сразмерна застапеност на немнозинските заедници, владеењето на правото, поделбата на државната власт, …), а не на апстрактната, „непрактична“, усогласеност на сите правни акти и сите правни одредби-важечки и неважечки, со оглед дека не се во функција на остварувањето на темелните вредности утврдени во член 8 од Уставот.

Во конкретниот предмет, од воведот на програмата и од содржината на сите нејзини одредби, недвосмислено произлегува дека Буџетот на Република Македонија за 2013 година е со точно утврдена намена, па со истекот на календарската 2013 година (31 декември 2013 година) престанува да важи тој буџет, а со тоа и Програмата, поради што тој акт не е во правниот поредок во време на одлучувањето на Судот (28.05.2014 година).

Покрај тоа, иницијативата е примена во Судот на 11 февруари 2014 година, односно по престанокот на Програмата, поради што и од таа причина нема процесно-правни претпоставки за постапување по иницијативата, па таа морало да СЕ ОТФРЛИ.

ВТОРИОТ процесно-правен услов е поврзан со прашањето дали од формата и од содржината на програмата произлегува дека актот може да се смета за пропис за кој е надлежен Уставниот суд?

Во однос на формата, актот е насловен како „програма“ а не како уредба, правилник, одлука, упатство, инструкции, заклучоци,… ; Одредбите од Програмата, пак, се означени со I, II, III, IV, V, VI, VII,…., а не како член 1, член 2, член 3, ….

Во однос на содржината, сите одредби од Програмата ја утврдуваат висината на средствата од разделот 14004, програма 2, потпрограма 20, ставка 464-разни трансфери од Буџетот на Република Македонија за 2013 година, а не уредуваат права и обврски на неопределени субјекти и неопределено време во врска со некоја материја, како што е повеќедецениската уставно-судска практика на овој суд кој веќе го има дефинирано поимот на пропис од надлежност на Уставниот суд на Република Македонија.

Според тоа, од формата и содржината на конкретниот акт недвосмислено произлегува дека ПРОГРАМАТА не е ПРОПИС од надлежност на Уставниот суд на Република Македонија, поради што и од таа причина нема процесно-правни претпоставки за постапување по иницијативата, па таа МОРАЛО ДА СЕ ОТФРЛИ.

Дури и самиот иницијатор во иницијативата изразува резерва околу карактерот на Програмата, наведувајќи „Барам Уставниот суд на Република Македонија, доколку има надлежност, да ја преиспита уставноста…“

При сите тие факти за непостоење на процесни-правни претпоставки за постапување на Уставниот суд по иницијативата за оценување на уставноста на одредба од Програмата, Судот сепак одлучи, со мнозинство гласови и без никаква расправа за процесната и материјалната димензија на оспорената одредба од Програмата, дека Програмата има уставна и законска основа.

Се поставува прашање дали мнозинството судии на Судот изградиле нов став и во иднина ќе навлегуваат во оценување на содржината на правните акти и на правните одредби иако тие престанале да важат пред да се поднесат иницијативите во Судот, како и дали ќе се оценуваат акти , кои по својата форма и содржина не се прописи од надлежност на Уставниот суд, со уставните и законските одредби.

Од наведените причини, а врз основа на изнесената анализа на уставните и законски одредби, силните аргументи на Судот за несогласност на оспорените одредби со Уставот и околноста што Судот мериторно се впушти во оценка на уставноста и законитоста на Програмата и не поведе постапка, наместо да ја отфрли иницијативата без при тоа да води сметка за деловничките одредби сметам дека е недопустливо.

Имајќи го предвид горенаведеното, согласно член 25 став 6 од Деловникот на Судот го издвојувам своето мислење од донесеното решение за не поведување на постапката.

Судија на Уставниот суд на
Република Македонија,
Сали Мурати

Решение У.бр.22/2014