Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.137/2014 донесено на 03.06.2015 година за неповедување на постапка за оценување на уставноста на член 30-д став 1 алинеи 2 и 3 од Законот за виното (“Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2010, 53/2011, 6/2012, 23/2013, 106/2013 и 188/2013) го издвојувам и писмено го образложувам следното
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Со означеното Решение, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оспорениот член 30-д став 1 алинеи 2 и 3 од Законот за виното (“Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2010, 53/2011, 6/2012, 23/2013, 106/2013 и 188/2013) образложувајќи дека право е на државата со соодветен закон да утврди механизми кои ќе одат во правец на исплата на долгуваната сума по однос на производителите на вино кои во своето работење покажале несовесен и несериозен однос кон законската и договорна обврска за исплата на долгуваниот износ кон производителите на грозје. Судот ја смета за уставно прифатлива законски пропишаната мерка (надоместок за повторен упис во Регистарот од 10% од неисплатените финансиски обврски и исплата на камата) а со тоа и целта на законодавецот, преку ваквата законска регулатива да ги натера производителите на вино навреме и целосно да го исплатат долгуваниот износ спрема продавачите на грозје, на начин што ќе ги санкционира со предвидување на законски построги мерки и услови за повторниот упис во Регистарот.
Пропишаниот надоместок определен во оспорениот член 30-д се утврдува врз база на извештајот за претходната календарска година од член 30-а став 1 од кој уредува дека запишаните производители на вино во Регистарот за производителите на вино (член 30 став 2 од законот), се должни секоја година најдоцна до 30 април во тековната година да достават таков веродостоен извештај до Министерството за земјоделство. Винопроизводителите остануваат запишани во Регистарот ако достават извештај во законски определениот рок и ако во него веродостојно прикажат дека немаат финансиски обврски за купено винско грозје во претходните години. Во спротивно, тие се бришат од Регистарот на производители на вино, а во случај на повторен упис во него, кој чин законот без претходна елаборација го наведува како исклучок од членот 30 став (1) алинеја 5, меѓу другото потребно е да се плати надоместок за повторен упис на сметка на буџетот на Република Македонија во висина од 10% од неисплатените финансиски обврски за купено винско грозје во претходната година согласно податоците од извештајот од членот 30-а од овој закон, како и на лицата спрема кои има неисплатени финансиски обврски за купено винско грозје во претходната година да им исплати казнена камата согласно Законот за облигациони односи за периодот од истекот на рокот за доставување на извештајот од членот 30-а од овој закон па се до целосната исплата на обврската. Гледано споредбено, станува збор за построги услови за повторниот упис од оние предвидени за првичниот упис.
Сметам дека предвидениот услов за плаќање на надоместок за повторен упис, во зависност од висината на неисплатените финансиски обврски од оспорениот член 30-д став 1 алинеја 2 од Законот е уставно и правно неиздржан, бидејќи производителите на вино кои биле избришани од Регистарот и бараат повторен упис првенствено ги става во меѓусебна нееднаква фактичка и правна положба. Тргнувајќи од висината на неисплатените обврски како основа за пресметка на надоместокот, произлегува дека секој од производителите на вино реално ќе плати различен по висина надоместок за повторен упис, иако се работи за исто процентуално зафаќање (10%), за исто дејствие, остварено од еден ист орган. Исто така, од анализата на законските одредби може да се утврди дека надоместок за прв упис во регистарот не е предвиден, иако за овој и секој повторен упис се преземаат слични дејствија од еден ист орган, од каде произлегува дека оние што плаќаат надоместок за повторен упис се ставени во нееднаква положба наспроти останатите винопроизводители.
Ваквото уредување, сметам дека води кон правна несигурност и нееднаков третман на засегнатите субјекти, со оставен простор за арбитрерност, а во зависност од висината на неисплатениот долг со што се доведуваат во прашање владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок и еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите како уставни вредности и принципи утврдени во член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 55 став 2 од Уставот.
По однос на алинејата 3 од членот 30-д став 1 од Законот, сметам дека идентично како и кај оспорената алинеја 2 од истиот член станува збор за нееднаков третман на производителите на вино за една иста правна ситуација-повторен упис во Регистарот. Со оспорената одредба се определува обврската да се плати посебна камата согласно со одредбите и роковите во Законот за виното преку примена на Законот за облигационите односи, покрај веќе предвидената камата според Законот за облигационите односи односно онаа што била договорена помеѓу договорните страни. Притоа, во реализацијата на одредбата можни се повеќе ситауции во зависност од тоа дали производителот има или воопшто нема неисплатени финаниски обврски до денот на повторен упис (ако на пример само не доставил извештај, но не долгува камата), од каде одредбата за вакви случаи би била неприменлива. Исто така, постојат и ситуации кога двете договорни страни во текот на траење на договорот спогодбено ги менуваат условите на склучениот договор, вклучително и по однос на каматата, од каде со ваквата наметната законска обврска доаѓа до директно неосновано вмешување на државата во претходно постигнатата согласност на волји. Доколку сепак постои главен долг спрема продавачот на грозје, висината на каматата која треба да ја плати, според оспорената одредба, би зависела исклучиво од висината на долгуваниот износ (секој производител на вино различно) без оглед на околноста што според Законот за облигационите односи или пак договорниот однос тие во моментот на повторниот упис имаат или пак немаат обврска да платат и друга камата.
На ова се надоврзува и недоволната прецизност на одредбата по однос на временскиот распон за кој би се плаќала казнената камата, односно секој што има неисплатена финансиска обврска би плаќал камата сметано од 30 април во тековната година, па се до целосната исплата на обврската, која реално за секој индивидуален производител би можела да има различен датум на стасаност, а во зависност од моментот кога би западнал во доцнење со исплата. Имајќи предвид дека производителот на вино и продавачот на грозје имаат слобода во договарањето по однос на можноста за одложено плаќање на обврската се поставува прашањето дали со вака предвидената обврска за исплата на казнена камата на неисплатената финансиска обврска во време на поднесување на документација за повторен упис не се доведува во прашање она што претходно било договорено помеѓу учесниците во договорниот однос. Сето наведено укажува на голема веројатност за различен третман на производителите на вино при повторниот упис до таа мера што за секој одделен случај каматата би била сосема различна.
Би сакала да истакнам дека апсолутно е прифатлива целта на законодавецот преку законска регулатива да се принудат производителите на вино навреме и целосно да го исплатат долгуваниот износ спрема продавачите на грозје, но исто така верувам дека државата тоа треба да го стори на начин што истите би биле санкционирани и дисциплинирани за иста правна состојба на ист начин, преку јасни, прецизни и недвосмислени норми кои нема да оставаат простор за арбитрерност. Во спротивно, вака несоодветно избраните мерки водат кон неовластено упаѓање и мешање на државата во слободата на договорните облигациони односи помеѓу субјектите. Исто така, нејасна е функционалната основа врз база на која законодавецот пропишува ваков надоместок (во суштина казнена мерка) за повторен упис, со оглед на тоа што тој се слева во државниот буџет (а не кај потенцијално оштетените продавачи на грозје), претставувајќи приход стекнат врз база на претходно склучен облигационен договор меѓу два субјекта.
Оттаму, заради навидум еднаквите правни основи за платен надоместок за упис и платена камата за неисплатената финансиска обврска, кои во суштина ги доведуваат производителите на вино во нееднаква фактичка и правна состојба, сметам дека основано може да се постави прашањето за согласност на оспорената алинеја со членот 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 55 став 2 од Уставот.
Судија на Уставниот суд
Д-р Наташа Габер-Дамјановска