Издвоено мислење по предметот У.бр.22/2016

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.22/2016 донесено на 28 септември 2016 година, за отфрлање на иницијативата за оценување на уставноста на член 72 од Законот за спречување на корупцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/2002, 46/2004, 126/2006, 10/2008, 161/2008, 145/2010, 97/2015 и 148/2015). го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со означеното Решение, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да ја отфрли на иницијативата за оценување на уставноста на член 72 од Законот за спречување на корупцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/2002, 46/2004, 126/2006, 10/2008, 161/2008, 145/2010, 97/2015 и 148/2015).

Моето спротивно мислење го темелам на ставот дека оспорената одредба е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 (владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок), и член 51 од Уставот на Република Македонија.

Уставот на Република Македонија по својата суштина и карактер е граѓански устав во кој покрај другите темелни вредности на уставниот поредок е и владеењето на правото, утврдено во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, и обврската дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во конкретниов случај сметам дека токму се повредени наведените уставни одредби кое нешто се темели од направената анализа на Законот за спречување на корупцијата, односно на членот 72 од Законот кој се повикува на членот 33 став 4 од истиот Закон.

Оспорениот член 72 е поместен во делот „Преодни и завршни одредби“ поднасловот „Донесување на потребните акт“ и во истиот е предвидено дека: „ Владата на Република Македонија актот за содржината и формата од член 33 став 4 на овој закон ќе го донесе најдоцна во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон“.

Во членот 33 од Законот, било предвидено дека:

(1) Избран или именуван функционер, службено лице и одговорно лице во јавно претпријатие и друго правно лице што располага со државен капитал при изборот, односно по стапувањето на должност, а најдоцна во рок од 30 дена, пополнува анкетен лист со детален попис на недвижен имот, подвижни предмети од поголема вредност, хартии од вредност и побарувања и долгови, како и друг имот што е во негова сопственост или во сопственост на членовите на неговото семејство.
(2) При изборот, односно по стапувањето на должност, а најдоцна во рок од 30 дена, лицето од став 1 на овој член депонира и заверена изјава кај нотар за откажување од заштита на банкарска тајна во однос на сите сметки во домашни и странски банки.
(3) Анкетниот лист и изјавата се доставуваат до Државната комисија и Управата за јавни приходи.
(4) Содржината и формата на анкетниот лист ги утврдува со свој акт Владата на Република Македонија.

Законот за спречување на корупција повеќе пати е изменуван и дополнуван, односно изменуван е членот 33 од Законот,при што законодавецот при измената на наведениот член не го менувал оспорениот член 72 од Законот, или поточно речено измените на членот 33 од Законот доследно не биле инкорпорирани во членот 72.

Со членот 34 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спречување на корупцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2004) членот 33 од Законот се менува и гласи:

“(1) Избран или именуван функционер, одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице што располага со државен капитал, службено лице при изборот, именувањето, односно по вработувањето, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот. именувањето, вработувањето или стапувањето на должност, пополнува анкетен лист со детален попис на недвижен имот, подвижни предмети од поголема вредност, хартии од вредност и побарувања и долгови, како и друг имот што е во негова сопственост или сопственост на членовите на неговото семејство.”

По ставот (1) се додава нов став (2), кој гласи:

“(2) Лицата од ставот (1) на овој член имаат обврска да пополнат Анкетен лист во рок од 30 дена по престанувањето на функцијата, односно престанувањето на вработувањето.”
Во ставот (2) кој станува став (3) во првиот ред по зборовите: “При изборот” се додава зборот “именувањето”, a по зборовите: “односно по” се додаваат зборовите: “вработувањето или по”.

Ставот (3) кој станува став (4) се менува и гласи:

“(4) Избраниот или именуван функционер, одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице што располага со државен капитал, Анкетниот лист од ставовите (1) и (2) и изјавата од ставот (3) на овој член, ги доставува до Државната комисија и Управата за јавни приходи, а службеното лице, до органот, односно правното лице во кое се вработува. Надлежниот орган, односно правното лице во кое се вработува службеното лице, Анкетниот лист го доставува до Државната комисија во рок од 60 дена од денот на вработувањето.”

По ставот (4) се додава нов став (5), кој гласи:

“(5) Избраниот или именуван функционер, одговорното лице во јавното претпријатие, во јавната установа или друго правно лице што располага со државен капитал, има обврска да ја извести Државната комисија доколку има промена на функцијата, односно својството.”

Во ставот (4) кој станува став (6) зборовите: “Влада на Република Македонија” се заменуваат со зборовите: “Државна комисија”.

Понатаму, во членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спречување на корупцијата („Службен весник на Република Македонија“ бр.126/2006) членот 33 од Законот е целосно променет и истиот гласи:

“(1) Избран или именуван функционер, одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал, при изборот или именувањето, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот или именувањето, пополнува анкетен лист со детален попис на недвижен имот, подвижни предмети од поголема вредност, хартии од вредност и побарувања и долгови, како и друг имот што е во негова сопственост, или сопственост на членовите на неговото семејство, со наведување на основот на стекнување на пријавениот имот и депонира заверена изјава од нотар за откажување од заштита на банкарска тајна во однос на сите сметки во домашни и странски банки, како и изјава за согласност за јавно објавување на податоците за имотната состојба од анкетниот лист“.
(2) Лицето од ставот (1) на овој член има обврска да пополни анкетен лист во рок од 30 дена по престанувањето на функцијата.
(3) Лицето од ставот (1) на овој член кое во рок од 30 дена по престанокот на функцијата е избрано или именувано на иста или на друга функција е должно да ја извести Државната комисија за новиот избор или именување, а анкетниот лист од ставот (2) на овој член ќе се смета за анкетен лист доставен во рокот од ставот (1) на овој член.
(4) Лицето од ставот (1) на овој член, анкетните листови од ставовите (1) и (2) на овој член и изјавата од ставот (1) на овој член ги доставува до Државната комисија и Управата за јавни приходи.

Со членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за спречување на корупцијата (“Службен весник на Република Македонија бр.97/2015), член 33 ставот (3) се брише,а ставот (4) станува став (3).

Со оглед на вака направената измена од Законот,членот 33 ја има следната содржина:

(1) Избран или именуван функционер, одговорно лице во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал, при изборот или именувањето, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на изборот или именувањето, пополнува анкетен лист со детален попис на недвижен имот, подвижни предмети од поголема вредност, хартии од вредност и побарувања и долгови, како и друг имот што е во негова сопственост, или сопственост на членовите на неговото семејство, со наведување на основот на стекнување на пријавениот имот и депонира заверена изјава од нотар за откажување од заштита на банкарска тајна во однос на сите сметки во домашни и странски банки, како и изјава за согласност за јавно објавување на податоците за имотната состојба од анкетниот лист.
(2) Лицето од ставот (1) на овој член има обврска да пополни анкетен лист во рок од 30 дена по престанувањето на функцијата.
(3) Лицето од ставот (1) на овој член, анкетните листови од ставовите (1) и (2) на овој член и изјавата од ставот (1) на овој член ги доставува до Државната комисија и Управата за јавни приходи.

Имајќи ја предвид направената анализа, ценам дека содржината на членот 33 став 4 на кој упатува оспорениот член 72 од Законот е променета, односно став 4 не постои во правниот поредок, а друго е прашањето што ставот 4 со измените станал став 3 од Законот.

Оттука, сметам дека законодавецот кој мора да води сметка за тоа одредени законски норми да бидат прецизни, јасни и недвосмислени до крај не си ја обавил својата функција во смисла на тоа членот 72 да ја следи судбината на членот 33 став 4 од Законот и со тоа ја довел во прашање правната сигурност на граѓаните како елемент на владеење на правото утврдено во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Судија на Уставниот суд на
Република Македонија,
Сали Мурати

Решение У.бр.22/2016