Издвоено мислење по предметот У.бр.64/2014

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против одлуката У.бр.64/2014 донесено на ден 16.03.2016 год., за укинување на член 12 став 1 алинеите 8 и 9 и член 63 став 3 од Законот за филмската дејност (“Службен весник на Република Македонија” број 82/2013, 18/2014, 44/2014 и 129/2015), го издвојувам и писмено го образложувам следното:

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со наведената Одлука, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да го укине член 12 став 1 алинеите 8 и 9 и член 63 став 3 од Законот за филмската дејност (“Службен весник на Република Македонија” број 82/2013, 18/2014, 44/2014 и 129/2015) и го стави вон сила Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

Ставот на мнозинството судии е дека „..Ваквата определба на законодавецот, правните лица од оспорените алинеи 8 и 9 од ставот 2 на членот 12 од Законот, да бидат обврзници за плаќање на надоместок за работата на Агенцијата за филм на Република Македонија, односно да издвојуваат и наплатуваат средства од нивните стекнати приходи, не е во согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3 и член 30 став 3 од Уставот. Наведеното од причини што со опфатот и на овие правни лица, кои не можат да се подведат под правни лица кои на било кој начин учествуваат во искористувањето на филмската дејност, според Судот се создава можност од востановување на кои и да било правни лица-обврзници за плаќање на надоместок за работата на Агенцијата за филм, надвор од критериумот учество во искористувањето на филмот, кој неспорно се согледува како критериум од кој законодавецот тргнал во определувањето на правните лица-обврзници за плаќање на надоместок од нивните приходи, опфатени со алинеите 1 до 7 од ставот 2 на членот 12 од Законот, како извори за финансирање на филмската дејност„ исто така Судот смета „дека од аспект на член 55 од Уставот на Република Македонија, со кој се гарантира еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот, опфатот на правните лица од алинеите 8 и 9 од став 1 на член 12 од Законот, се повредувал овој уставен принцип.“

Спротивно на наведените аргументи, а особено спротивно на донесената одлука овие одредби требаше да останат во правниот промет.

Согласно со член 2 од Законот за филмска дејност, филмската дејност е од ЈАВЕН ИНТЕРЕС во Република Македонија. Филмската дејност покрај со средства од Буџетот на Република Македонија, се финансира и од други извори од надоместоци на правните лица кои се утврдени во член 12 од наведениот закон. Во членот 12 став 1 од филмската дејност, е утврдено дека филмската дејност се финансира од надоместоци на телевизиски програмски сервиси на национално, регионално и локално ниво; кабелски оператори кои вршат реемитување на телевизиски програми; субјектите кои обезбедуваат интернет услуги; правни лица кои вршат дејност киноприкажување на филмови, од правните лица кои вршат дејност дистрибуција, изнајмување и продажба на филмови, исто така во алинеите 8 и 9 е утврдено дека филмската дејност се финансира и од надоместоци на приредувачот на игрите на среќа во обложувалница и во автомат клубови и во казина. Имено, приредувачот на игрите на среќа во обложувалница на Агенцијата и плаќа надоместок во износ од 3% од разликата меѓу уплатениот и исплатениот износ од сите компјутери во сите уплатно-исплатни места на приредувачот на игрите на среќа во обложувалница, односно 3% од разликата меѓу уплатениот и исплатениот износ од сите автомати во сите деловни простории на приредувачот на игрите на среќа во автомат клубови и во казина.

Со Законот за игрите на среќа и за забавните игри ( „Службен весник на Република Македонија“, бр. 24/2011, 51/2011, 148/2011, 74/201 и 171/2012) во член 16 е уредено на кој начин се користат средствата остварени по основ од приредувањето на игрите на среќа и забавните игри, односно дека истите како буџетски приход потоа се наменуваат за финансирање на националните организа­ции и здруженија на граѓаните кои се од јавен интерес, исто како и филмската дејност.

Јавниот и националниот интерес на Република Македонија прецизно се утврдува во член 16 од Законот дека: со средствата остварени по сите основи од приредувањето на игри на среќа и забавни игри се користат за финансирање на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија на граѓани за борба против семејно насилство и за Црвениот крст на Република Македонија. Износот на средствата за намената на овие организации е 50% од вкупниот приход на игрите на среќа и забавните игри утврден во претходната календарска година, но не помалку од 60 милиони денари и не повеќе од 120 милиони денари.

Распределбата на средствата од став 2 на овој член ја врши Владата на Република Македонија со одлука, врз основа на програма поднесена од Министерството за труд и социјална политика. Средствата остварени по сите основи од приредувањето на посебните игри на среќа кои се користат за финансирање на спортот, за спортските федерации и клубови се користат преку Агенција за млади и спорт. Од тука се гледа дека и овие дејности исто така не се непосредно во врска со вршењето на дејноста за приредувањето на игрите на среќа и забавните игри, а се финансираат од нивни надоместоци.

Од друга страна во член 17 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри, утврдено е дека „надоместоците и посебните давачки од игрите на среќа утврдени со овој закон се приход на Буџетот на Република Македонија“, што значи дека и со овој закон се утврдуваат надоместоци кои исто така се приход на Буџетот на Република Македонија.

Од друга страна приредувањето на игрите на среќа и забавните игри е ПРАВО на Република Македонија. Дел од видовите на игрите на среќа и забавните игри Република Македонија САМОСТОЈНО ги приредува (Пример Лотариски игри на среќа и др.), додека правото на организирање на останатите игри на среќа и забавните игри Република Македонија ГО ПРЕНЕСУВА со издавање на лиценца на ТД или ТП.

Државата, поради преносливото право, во договорените односи со лиценцираните друштва во законска рамка поставува услови предвидени со повеќе одредби, а особено условите опфатени со алинеи 8 и 9 од ставот 2 на членот 12 од Законот за филмската дејност.

Филм и филмска дејност е од посебен интерес на Република Македонија. Со филмската дејност се афирмира историјата, културата и другите вредности на Македонија кои се од национален интерес. Со националниот интерес се поттикнува создавање на домашна сцена, учество на меѓународни филмски фестивали и манифестации, поттикнување на образовни, едукативни, културни, историски, туристички програми преку кои се унапредува филмската култура а во целина се афирмира националниот интерес на Република Македонија.

Со укинувањето на оспорените членови се оневозможува непречено афирмирање на Република Македонија и нејзините вредности и се нанесува огромна материјална и морална штета врз јавниот и националниот интерес на државата.

Со филмската дејност, а особено со документарните и со други видови на филмови се афирмираат природните богатства, добрата од општа употреба, предметите и објектите од особено културно и историско значење и дека нашата држава афирмира и гарантира заштита, унапредување и збогатување на историското и уметничкото богатство на Македонија и на сите заедници во Македонија, што е во согласност со член 56 од Уставот на Република Македонија, каде наведените вредности се добра од општа употреба и уживаат посебна заштита.

Исто така во повеќе држави во светот, филмската дејност се финансира и од алтернативни извори на средства, меѓу кои и од игри на среќа, лотарии итн.

Нашиот Законот за филмска дејност е подготвен, имајќи ги предвид и компаративните искуства од другите земји, особено во Европа, каде поради ограничените буџетски средства за финансирање на филмската дејност, се утврдени законски модели за нејзино финансирање, покрај средствата од државата и од други извори на средства.

На пример, филмските фондови да се финансираат покрај со буџетски средства и со средства од алтернативни извори е потврден модел кој постои во сите европски држави. Според анализите направени од Европската Аудиовизуелна Опсерваторија во повеќе европски држави кои имаат национални филмски институции (фондови), освен јавни извори користат и други извори на средства, што упатува на потврдата за ваков модел на финансирање и во Република Македонија.

Согласно со анализите на Европската Аудиовизуелна Опсерваторија, во 2009 год. структурата на приходи кои се обезбедуваат од другите фондови е следната:

– Државни извoри на средства 46%
– Надоместок од приходот на телевизиите 32% од кои 27% се по основ на задолжителна уплата на надоместок, а 5% се по основ на доброволни придонеси од телевизиите.
– Надоместоци од киноприкажување 10%
– Надоместоци од изнајмување на филмови 4%
– Надоместоци од лотарија 4%
– Право на учество во добивка 1%
– Други приходи 2%

Тргнувајќи од компаративните искуства, но имајќи го предвид и нашиот правен и економски систем, во Законот за филмска дејност е разработен соодветен модел на финансирање на Агенцијата за филм на Република Македонија компатибилен со странските компаративни искуства за оваа област, а со цел заштита на јавниот и националниот интерес и афирмирање на целокупните вредности на државата.

Од наведените причини, а врз основа на изнесената анализа на уставните и законски одредби, сметам дека член 12 став 1 алинеите 8 и 9 и член 63 став 3 од Законот за филмската дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.82/2013, 18/2014, 44/2014 и 129/2015) се во согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 30 став 3, член 51, член 55 став 2 и член 56 од Уставот на Република Македонија.

Имајќи го предвид горенаведеното, согласно член 25 став 6 од Деловникот на Судот го издвојувам своето мислење од донесената одлука за укинување на наведените одредби од Законот.

Судија на Уставниот суд на
Република Македонија,
Сали Мурати

Одлука У.бр.64/2014