Издвоено мислење по предметот У.бр.21/2016

Врз основа на член 28 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (,,Службен Весник на Република Македонија,, бр.70/1992) по моето гласање против Решението У.бр.21/2016, донесена од 05 октомври 2016 година за неповедување на постапка за оценување на уставноста на член 2 во целина и посебно став 1 во делот: „субјектот кој врши научноистражувачка дејност-научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија“; став 3 во делот: „Субјектот кој врши научноистражувачка дејност-научен институт специлијализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија“; ставот 6 во делот: „субјектот кој врши научноистражувачка дејност-научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија“ и став 8 во делот: „субјектот кој врши научноистражувачка дејност“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.163/2013) го издвојувам и писмено го образложувам следното:

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со наведеното Решение, Уставниот суд на Република Македонија, со мнозинство гласови одлучи да не се поведува постапка за оценување на уставноста на член 2 во целина и посебно став 1 во делот„субјектот кој врши научно-истражувачка дејност, научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија“; став 3 во делот: „Субјектот кој врши научно-истражувачка дејност, научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија“; ставот 6 во делот:„субјектот кој врши научно-истражувачка дејност, научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија“ и став 8 во делот: „субјектот кој врши научноистражувачка дејност“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ бр.163/2013) со образложение дека: „од анализата на целината на оспорениот член 4-а од Законот за градење произлегува дека законодавецот предвидел дека само субјект кој врши научно-истражувачка дејност, научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија дава позитивно мислење по однос на проектираниот и изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на одредени видови градби. Во одредбата не е поименично определено кој е субјектот за давање на вакво мислење, туку на општ начин е пропишано дека за оваа специфична област мислење се добива исклучиво од научен институт„со овој искажан став, мнозинството од судии сметат дека не постојат основи за изразување на сомнение дека оспорениот член не е во согласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Наспроти наведените аргументи, а особено спротивно на донесената одлука сметам дека наведената одредба не треба да остане во правниот поредок.

Сметам дека законодавецот, спротивно на членот 8 став 1 алинеја 7 и членот 55 ставови 1 и 2 од Уставот му дава на субјектот кој врши научно-истражувачка дејност, научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија, монополска положба во однос на другите субјекти. Поконкретно, како единствен субјект кој ги задоволувал наведените критериуми се јавува само еден правен субјект, а тоа е Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), од каде истиот има монополска положба на пазарот.

Сето наведено значи дека со оспорените законски одредби законодавецот не обезбедил еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот како што тоа го предвидувале членот 8 став 1 алинеја 7 и членот 55 ставовите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.

Врз основа на сето наведено, според Судот произлегувало дека оспорените законски делови се во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 7, член 9 став 2, член 32 ставови 1 и 2, член 51, член 54 став 1 и член 55 од Уставот.

Од друга страна судот располага со многу по значајна уставно-судската практика по предметите и тоа У.бр.199/2005, У.бр.144/2007, У.бр.104/2012 и У.бр.121/2014 и други предмети каде судот мериторно одлучувал и утврдувал постоење на монополска положба, повреда и ограничување на уставната начела на слободата на пазарот и претприемништвото.

Од содржината на член 4-а од Законот за градење, се гледа дека потребно е да се обезбеди позитивно мислење за проектираниот и изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата, од страна на субјект кој врши научноистражувачка дејност-научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија.(став1)

Со наведената одредба според моето мислење се ограничува правото на учество и на другите субјекти да учествуваат во оваа постапка и да дават мислење за проектираниот и изведениот степен на градбата во процесот на изведување на градежни работи.

Од друга страна и законската одредбата за висината на надоместокот за мислењето за проектираниот и изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита се утврдува во ценовник кој го донесува субјектот кој врши научно-истражувачка дејност, научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија, по претходна согласност на Владата на Република Македонија (став 6). Со ваквиот начин на уредување на прашањето за висината на надоместокот се овозможува монополска положба, се ограничува слободата на пазарот и се оневозможува претприемништво во правниот промет.

Со одредбата за утврдување на цените на услугите се овозможува монополска положба на еден субјект, а од друга страна се ограничува слободата на пазарот и претприемништвото. Во конкретниов случај монополска положба при утврдување на цените на услугите ги утврдува само еден единствен субјект, а тоа е Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС). Оттука, сматам дека нема баланс помеѓу побарувачката и понудата во правниот промет. Со ваквиот начин на регулирање на ова прашање не се обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот во поглед на слободното движење на капиталот и слободното утврдување на висината на надоместокот.

Од друга страна со ваквата регулатива, во пракса се овозможува да се допринесе кон стагнирање на работите на странките, бавно одлучување, нелојална конкуренција на фирмите апликанти до единствениот субјект за давање на мислење, прегрупирање на субјекти во пазарот, предимствено право и повластици на одредени субјекти по разни основи кои имаат повластена положба кај единствениот субјект кој одлучува за оваа проблематика. Со ваквите односи и практичното работење на другите субјекти, ценам дека директно се повредува уставното начело на слободата на пазарот и претприемништвото.

Тргнувајќи од анализата на целината на оспорениот член 4-а од Законот за градење произлегува дека законодавецот предвидел дека само субјект кој врши научно-истражувачка дејност, научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија може да дава позитивно мислење по однос на проектираниот и изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на

одредени видови градби што доведува до повреда на наведените уставни одредби, затоа што како единствен субјект, кој ги задоволува погоре посочените критериуми се јавува само еден единствен правен субјект, а тоа е ИНСТИТУТОТ ЗА ЗЕМЈОТРЕСНО ИНЖИНЕРСТВО И ИНЖИНЕРСКА СЕИЗМОЛОГИЈА (ИЗИИС) и поради тоа сметам дека истиот се појавува и поседува монополска положба на пазарот и претприемништвото.

Оттука, според моето становиште сметам дека државата, односно законодавецот при регулирање на некоја проблематика и креирање на норми во правниот промет има уставна обврска да ја гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, при што републиката треба да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Исто така републиката треба да превзема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот, а не истата да ги генерира. Од донесувањето на наведените измени и дополнување на Законот за градење па до ден денес се поминати 3 години, а за жал државата не превземала никакви мерки против монополската положба и монополското однесување на ИНСТИТУТОТ ЗА ЗЕМЈОТРЕСНО ИНЖИНЕРСТВО и ИНЖИНЕРСКА СЕИЗМОЛОГИЈА (ИЗИИС).

Врз основа на наведеното, спротивно на донесеното решение, според мојот став произлегува дека оспорената одредба, како целина и посебно оспорените делови, не се во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 7, член 9 став 2, член 32 ставови 1 и 2, член 51, член 54 став 1 и член 55 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, што е очигледно дека законодавецот не обезбедил еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и дека се доведува во прашање и уставното право на работа од членот 32 ставовите 1 и 2 од Уставот.

Имајќи го предвид горенаведеното, согласно член 25 став 6 од Деловникот на Судот го издвојувам своето мислење од донесеното решение за не поведување на постапката за оспорените законски одредби.

Судија на Уставниот суд
Сали Мурати

Скопје 08.11.2016

Решение У.бр.21/2016