Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против отстранувањето на точка 2 и со неа поврзаната правно основана аргументација при утврдувањето на конечниот текст на нацрт-Решението У.бр.136/2016 од 12.04.2017 година кој е неистоветен со гласањето по рефератот реализирано на 05.04.2017 година, го издвојувам и писмено го образложувам следното
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Тврдам дека со означената усвоена верзија на Решението У.бр.136/2016 на 12.04.2017 година, Уставниот суд направи сериозен пропуст по однос на постапката предвидена во Деловникот на Уставниот суд. Конкретно, и покрај изгласувањето со мнозинство гласови за поведување на постапка за член 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 199/2014, 44/2015, 193/2015 и 31/2016) и за запирањето на извршување на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оваа законска одредба (односно изгласување на времена мерка по однос на тој член), преку текстот на Решението кој се усвои на следната седница на Уставниот суд на 12.04.2017, спротивно на Деловникот Судот ја отстрани веќе изгласаната времена мерка. Фактичката состојба за гласањето на ден 05.04.2017 за поведувањето постапка за означениот член 50 и времената мерка веродостојно ја констатира Записникот од IX-та седница на Уставниот суд на Република Македонија.
Преку вака усвоениот текст на Решението за предметот 136/2016, на 12.04.2017 всушност се остварува ново прегласување по однос на веќе изгласаната времена мерка, што е спротивно на Деловникот на Уставниот суд, бидејќи двојно гласање по ист предмет и преку тоа отстранување на дел од веќе донесена одлука е невозможно и правно апсурдно и претставува упад во донесената одлука.
Содржината на самиот член 74 став 1 од Деловникот уредувајќи што треба да содржат одлуките и решенијата на Уставниот суд, никаде не наведува можност да се прегласа односно измени исходот од гласањето по предметот. За жал, ваквиот погоре наведен преседан во процесот на одлучување во Уставниот суд создава преттекст за неодговорно или неконзистентно однесување во иднина.
Времената мерка која ја писмено ја содржеше предлогот за одлучување по предметот беше мошне важна и нераскинливо врзана со поведувањето постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 50, бидејќи законодавецот не пропишал критериуми и рамки врз основа на кои би можело да се определи што се подразбира под градби од посебен интерес и во што се состои тој; за таа урбанистичко-планска документација за градби од посебен интерес не се спроведува јавна презентација и јавна анкета онака како што законот предвидува (значи се прави своевиден упад во веќе законски донесените урбанистички планови); и ваквите одлуки ги носи Владата самостојно по своја проценка, што значи навлегување на извршната во законодавната односно локалната власт. Времената мерка имаше за цел преоценка на практичната примена на оваа одредба која во својата суштина претставува сериозна повреда на принципот на владеење на правото.
Анализата покажува дека од 2015 до денес Владата на Република Македонија има донесено околу сто вакви одлуки за утврдување градба од посебен интерес заради изработка на урбанистичко-планска документација и тоа ваквите интервенции се однесуваат на секаква категоризација (најчесто А1 односно домување во станбени згради и компатибилни класи, потоа А3 домување во студентски дом и компатибилни намени, Б1 образование и наука, Б2 и В2 здравство и социјална заштита, Б3 и В3 култура со компатбилни класи на намена, Б4 комерцијални и деловни дејности, простории и компатибилни класи на намени, В јавни институции, В1 образование и наука, Е2 катни гаражи и комунална супраструктура, E2 пристаниште со придружни содржини, Е2 брана и акумулација, Е3 комунална супраструктура, Д3 зеленило, спорт и рекреација, Г-производство и сервиси итн) и ја опфаќаат целата територија на Република Македонија.
Видно од оваа практична примена на оспорениот член 50, мошне тешко може да се даде аргументирано и придружено со некакви конзистентни критериуми образложение за ваквата интервенција врз урбанистичките планови на општините. Сметам дека ваквата арбитрерност ако продолжи да постои во правниот поредок, во праксата ќе доведе до далекусежни и несогледливи негативни последици.
Судија на Уставниот суд
Д-р Наташа Габер-Дамјановска