Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 1, член 68 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 јануари 2007 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Љубен Пауновски од Скопје, за заштита на слободите и правата утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
2. Љубен Пауновски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
Според наводите во барањето, на подносителот му биле повредени слободите и правата утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот кои се однесувале на забрана на дискриминацијата на граѓаните по основ на политичка припадност и по однос на слободата на мислата и јавното изразување на мислата. Овие слободи и права на подносителот му биле повредени со дејствијата, односно делувањето на Основното јавно обвинителство и неправилно водената судска постапка во целост како и постапувањето на судијата од Основниот суд во Скопје во текот на постапката по конкретниот предмет К.бр.1861/01 каде подносителот на барањето Љубен Пауновски бил обвинет дека сторил кривично дело.
Воедно во барањето се наведуваат повеќе работи и дејствија од текот на предметната постапка кои според подносителот претставувале незаконито работење на службените лица, учесниците во постапката давале невистинити изјави и нестручни мислења, погрешно и тенденциозно биле утрдувани фактите и доказите, и лошо се водела судската постапка во целост.
Од овие причини подносителот на барањето смета дека му биле повредени слободите и правата утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејствие му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеца од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејствие со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.
Со членот 52 од Деловникот на Уставниот суд е утврдено дека во барањето од членот 51 е потребно да се наведат причините поради кои се бара заштитата, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд.
Од наводите содржани во барањето, Судот оцени дека во суштина барањето не се однесува на заштита на слободите и правата на што барателот само начелно се повикува, туку барањето се однесува на вршење надзор, испитување и мериторно одлучување од страна на Уставниот суд на Република Македонија во постапка пред надлежен суд по конкретен предмет во кој подносителот на барањето е странка обвинета за сторено кривично дело, при што се бара Уставниот суд да го контролира работењето на надлежниот суд и судија, како и работењето на надлежното јавно обвинителство во конкретниот предмет, да ја цени законитоста на нивното работење и да одлучува, за прашања што не се во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија.
Подносителот во барањето само декларативно се повикува на заштита на слободите и правата утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот, кои се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата и забрана на дискриминација по основ на политичка припадност.
Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.
Со оглед на изнесената деловничка одредба, Судот не е надлежен да одлучува по предметното барање.
4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.224/2006-2
24 јануари 2007 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи