Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето делумно гласање против Одлуката Уб.147/2011 од 24.11.2011, го издвојувам и писмено го образложувам следното
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Изразувајќи задоволство што судиите го прифатија правното мислење што го изнесов во контекст на кривичното дело “Клевета“, должноста ми налага, по моето гласање против Одлуката на Судот во делот што се однесува на кривичното дело “Навреда“, писмено да го издвојам моето спротивно мислење.
Почетната точка при анализата на прашањето за евентуалната повреда на слободата на изразување во контекст на осудата за крвичното дело “Навреда“, како и за осудата за кривичното дело “Клевета“, е фактот дека колумната се однесува на, и е дел од, дебатата за прашање од јавен интерес, односно кандидатура за шеф на државата. За разлика од инкриминираниот дел во однос на кривичното дело Клевета, којшто има јасен приватен контекст и идентификуван фокус кон едно лице, тука е очигледно дека подносителот на барањето, прво, изразува еден сопствен вредносен став за состојба во општеството поврзана со кандидирањето на г-дин Иванов за претседател на државата и, второ, воопшто не го споменува името на оштетениот како посебен адресат на изјавата. Според моето мислење, ниту начинот на изразување во дадениот контекст има генерални навредувачки квалитети, ниту во текстот оштетениот може да се идентификува како жртва на омаловажување или навреда, дури и кога текстот би имал таков квалитет.
Насловот на колумната сам по себе имплицира споредба изразена како спротивставување на две школи. Во контекст на кадидирање за избор од страна на граѓаните (или други изборни тела, сеедно, или за каков и да е избор), секоја споредба легитимно преферира една наспроти друга или други опции. Таквиот тип на споредби нужно поразбира афирмирање на предности на едната, апострофирање на слабости кај другата алтернатива, квалитативни вреднувања и т. н. со цел да се убеди аудиториумот во прифаќањето или одбивањето на некој предлог. Начинот на таквото изразување, се разбира, има свои граници, но кога се работи за политичко изразување, како што прифаќа судот во Стразбур, просторот за ограничување на слободата на говорот по прашања од јавен интерес е мал, а учесникот во дебатата има право на определен степен на претерување, па дури и провокација и може да употреби нескромни изјави (Lindon v. France и други). Подносителот на барањето инсистира на тоа дека оваа споредба во насловот и во текстот ја употребил како метафора: Франкфуртска школа-синоним за престиж и Демирхисарка школа – синоним за школа од провинција, наспроти наоѓањето на судовите дека преку Демирхисарската школа тој, всушност, мислел на психијатриската болница во Демир Хисар што само по себе претставувало деградирање, понижување и навредување на оштетениот. Јас се согласувам со ова објаснување на подносителот на барањето. Не е потребно да се спекулира што тој мислел односно каква метафора направил со употребата на таков наслов односно споредба, затоа што објаснувањето за тоа е дадено во самиот текст, во делот во кој оваа споредба се употребува. Имено, во текстот: “Кај нас всушност доминира и се зацврстува Демирхисарската школа. Последната индикација е разврската на партискиот тендер на ВМРО-ДПМНЕ. На тендерот доби најевтиниот кандидат…. “, недвосмислено се согледува карактеризирањето на таканаречената Демирхисарска школа (која, се разбира, не постои како таква) како “школа“ којашто промовира “евтини“ (со мала вредност) кандидати, што би требало да биде нешто спротивно на познатата Франкфуртската филозофска школа и нејзините значајни претставници. Понатаму, реферирањето на Палп, лик од истоимениот роман на Чарлс Буковски, јасно го сугерира негативниот вредносен став за квалитетите на кандидатот за претседател.
Овие искази можеби звучат нескромно и имаат потценувачки тон. Првостепениот суд, дури, во диспозитивот на пресудата утврдил дека обвинетиот, веројатно по сопствено признание, и припаѓа на Франкфуртската школа (sic). Меѓутоа, во контекст на јавна дебата за предложени претседателски кандидати, сметам дека ваков тип на изразување е сосема легитимен и нималку невообичаен и сам по себе не може да се смета за пречекорување на слободата на изразување. Впрочем, и судовите очигледно го имаат истиот став, со оглед на тоа што основот за осудата и казната за навреда не бил ниското вреднување на нечии квалитети од страна на осудениот во контекст на изнесеното, што тој не го одрекува, туку сфаќањето на судовите дека Фрчкоски Демирхисарската школа ја употребил како метафора за психијатриска болница, и што тој го сврстува оштетениот во редовите на таа школа како нешто деградирачко во јавноста. Кај нас се познати различни форми на метафорично или фигуративно изразување на разлики во нивоа, вредности и сл., како што се “Бог и шапкар“, или “Бечка школа-балкански смер“, “мерцедес и фиќо“ и т.н. и не гледам дека во дадениот контекст спорната споредба значи нешто повеќе од тоа. За овие другиве, сепак, не ми е познато дека некој бил казнет.
Првостепениот суд во целост го прифатил исказот на оштетениот (стр. 5 од пресудата) дека со Демирхисарската школа се алудира дека лицата што и припаѓаат се припадници на психијатриската болница во Демир Хисар и дека се душевно пореметени. Сметам дека ваквото сфаќање е претерана конструкција којашто не произлегува од текстот и може само да се импутира. Во текстот не постои ниту една индикација која укажува на менталниот или душевниот статус на претседателскиот кандидат, ниту на некое спомнато или неспомнато лице во колумната, ниту на тоа дека Демир Хисар како град има смисла да се споменува само во врска со психијатриската болница, за која е прашање колкумина во Македонија знаат. Белки Демир Хисар има и други свои обележја, вклучително и тоа дека е град во провинција. Во таа смисла прифатлив е наводот на подносителот на барањето дека осудата за навреда и казната се изречени не за она што го рекол, туку за она што го мислел, според заклучокот на судот и на оштетениот.
Како што често пати нагласувал Европскиот суд за човекови права, слободата на изразувањето претставува основа на демократското општество и еден од главните предуслови за неговиот напредок и за себеисполнувањето на секој поединец. Согласно ставот 2 на член 10 од Конвенцијата, таа слобода се применува не само на информации и идеи што се примаат позитивно и за кои се смета дека не се навредливи или кон кои се однесуваме индиферентно, туку исто така и на оние коишто се навредливи, шокантни или вознемирувачки. Такви се барањата на плурализмот, толеранцијата и широкоумноста без кои нема демократско општество. Слободата на изразување може да биде предмет на исклучоци под условите од членот 10 од Конвеницијата, но тие мора да се интерпретираат стриктно, а потребата од какво било ограничување мора убедливо да се утврди.
Во конкретниот случај, начинот на изразување на подносителот на барањето како учесник во јавната дебата за кандидатурата на г-дин Иванов за претседател на државата, како прашање од јавен интерес, со употребата на наведената споредба и нејзината експликација во текстот, не може генерално да се смета дека ги надминува границите на слободата на изразување во демократско општество, а неговото казнување води кон обесхрабрување на учесниците во јавната дебата да употребуваат жестока реторика и кон одбегнување на каков и да е вредносен пристап кон прашањата и поединците кои се предмет на јавен политички интерес. Токму во вакви случаи од страна на судовите треба да се формулираат стандардите на создавањето на јавното мислење во демократско општество и во тој контекст да се признае важноста на уставното право на слобода на изразување за кое мора да се води сметка кога се одлучува за евентуалните повреди на честа и угледот, било во кривичен, било во граѓански контекст. Зашто, формирањето на јавното мислење може да се одвива само преку судар на мислења што слободно се изразуваат. Во таа смисла, ако некој се почуствува повреден со јавна изјава на друг секако може да даде јавен одговор, како што тоа го направил г-дин Шкариќ во конкретниот случај во истиот весник. Ова особено важи за случаи кога се судираат вредносни ставови преку кои, како во конкретниот случај, се оформува јавното мислење за политички избор помеѓу различни опции. Во светлината на изнесеното, не е тешко да се оцени дека во пресудите на судовите уставната вредност на слободата на изразување во дадениот контекст и нејзината важност во демократско општество е целосно занемарена во настојувањето на исказите на г-дин Фрчкоски да им се припише навредлив квалитет.
Конечно, во текстот на колумната во кој се прави и објаснува оваа споредба на школи, не ниеден начин не е споменат г-дин Шкариќ како предмет на обраќање. Во тој инкриминиран дел од колумната, подносителот на барањето изнел вредносен став за состојба во општеството, во кое, според неговото мислење, доминира и се зацврстува “Демирхисарската школа“, која (состојба) резултирала со предлагање на определен кандидат за претседател на Републиката, на што подносителот на барањето изречно се противи. Оттука, очигледно е дека во инкриминираниот текст подносителот изразува негативен став за две нешта: за една состојба во општеството и за едно лице, имено г-дин Иванов. Препознавањето на оштетениот во овој дел од колумната и прифаќањето на таа увереност од страна на судовите, според моја оцена, нема реална фактичка основа и се заснова врз наводни алузии кои оштетениот и судовите ги препознале во текстот, без да се вреднуваат околноста што името на оштетениот воопшто не е споменато во тој дел од текстот и општоста на изразот “во Македонија доминира и се зацврстува Демирхисарската школа“. Ако вакво препознавање е допуштено, тогаш во колумната може да се препознаат сите што се сметаат за ментори на г-дин Иванов, членовите на ВМРО-ДПМНЕ како предлагачи на претседателскиот кандидат, сите Демирхисарци, сите поддржувачи на г-дин Иванов како кандидат, па дури и сите што гласале за него на изборите и да се сметаат за навредени како членови на Демирхисарската школа. Јас не мислам дека таков пристап, каков што е прифатен во одлуките на судовите, може да го задоволи стандардот за допуштеноста на ограничувањето на слободата на изразувањето во демократско општество, имено, само ако потребата за тоа се утврди на убедлив начин. Во случајов инкриминираната вредносна споредба, употребена во еден политички говор, не може да се третира како навредлива по себе, ниту може, во својата општост, да се смета за насочена токму кон оштетениот. Во секој случај, оспорените пресуди не содржат доволни и убедливи разлози за таков заклучок.
Врз основа на изнесеното, сметам дека со означените пресуди, во делот во кој подносителот на барањето е осуден и казнет за кривично дело “Навреда“, на подносителот на барањето му е повредено правото на слобода на јавно изразување на мислата од член 9 од Уставот, интерпретиран во контекст на Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи и јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Судија
на Уставниот суд на Република Македонија
Игор Спировски