Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Одлуката У.бр.27/2013 донесена на 16.04.2014 година за одбивање на барањето за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на слободата на јавното изразување, го издвојувам и писмено го образложувам следното
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Со означената Одлука, Уставниот суд со мнозинство гласови го одби барањето на Насер Селмани од Скопје, Наташа Стојановска од Скопје, Фросина Факова од Прилеп, Снежана Лупевска од Скопје, Билјана Богдановска од Скопје и Тони Ангеловски од Скопје за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на слободата на јавното изразување поднесено преку Адвокатската канцеларија на Филип Медарски од Скопје.
Моето издвоено мислење се однесува првенствено на неможноста објективно да се произнесам за предметот, кој верувам дека е мошне специфичен случај за кој требаше да се земат предвид сите информации кои ги разјаснуваат правните и фактичките околности врзани со него. Со оглед на тоа дека информациите, фактите и доказите кои ги имаше Судот пред вид при одлучувањето беа единствено од писмена природа, сметам дека беа недоволни да се донесе мериторна и темелно одмерена одлука. Воедно жалам што Судот не покажа спремност да се расчистат дилемите преку организирање на јавна расправа на која ќе се добиеше точен увид во фактичката состојба и изворно ќе се добиеја детални информации за настанот од сите инволвирани страни. Впрочем таква можност постои во член 55 од Деловникот на Уставниот суд, според кој по правило, за заштита на слободите и правата се одржува јавна расправа, на која се покануваат учесниците во постапката и народниот правобранител а по потреба и други лица, органи или организации. Бидејќи ваквиот пристап актуелно отсуствува, Судот одлучуваше единстната Одлука даде верба на исказите и постапките наведени во дописот само на едната страна без вредносно да ги оцени и прецизира доказите според Уставот, принципите на Европската Конвенција за човекови права и јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права преку одржана јавна расправа.
Второто значајно прашање, за кое сметам дека е суштинското правно прашање е дали со присилното отстранување на новинарите од салата на Собранието на 24 декември 2012 година им е повредена или ограничена слободата на изразување. Судејќи според индициите во наведените дописи, верувам дека Судот не одговорил соодветно на задачата по однос на тоа дали дејствието со кое се смета дека е сторена повреда на слободата на јавното изразување во на дадените околности во кои е сторено, е аналитички одмерено и проценето дали соодветствува на принципот на “неопходност во едно демократско општество„ и дали е обезбеден пропорционален и фер баланс меѓу превземеното дејствие и индивидуалната слобода на изразување.
Донесената Одлука сама по себе е контрадикторна во своите наводи, од причина што прво афирмативно и широко ја обработува слободата на изразувањето, што меѓу другото ја опфаќа и слободата на јавното информирање заедно со слободата на примање и пренесување на информации, потоа констатира дека отстранувањето на новинарите претставува ограничување на правото на новинарите непречено да ја обавуваат својата дејност и да ја информираат јавноста за настан од несомнено значење за јавноста, но заклучува оправдувајќи ја интервенцијата (спорното дејствие) на собраниското обезбедување, и која се образложува со “заштитата на безбедноста, јавната сигурност и заштитата од немири или кривично дело, како и заштита на правата на другите…“ без притоа да постои цврста фактичка состојба која би го поткрепила тој став.
Член 16 од Уставот на Република Македонија ја гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, заедно со слободата на јавното информирање и слободниот пристап кон информациите. Според член 70 од Уставот седниците на Собранието се јавни. Собранието може да одлучи да работи без присуство на јавноста со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници. Релевантни за предметот се и член 43 став 1, 2 и 4 од Законот за Собранието на Република Македонија, член 92, 93 и 94 од Деловникот на Собранието цитирани во Одлуката.
Од особено значење за овој предмет е член 10 од Европската Конвенција за човекови права кој ја гарантира слободата на изразување, во која се содржани слободата на имање сопствено мислење и примање и пренесување на информации и идеи без било какво мешање на јавната власт. Исто така, остварувањето на овие слободи коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидено со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството. Структурираноста на членот 10 укажува дека првиот од двата става ја дефинира слободата на изразување, а вториот ги наведува условите во кои некоја држава може исклучиво врз основи предвидени со закон да ја ограничи слободата на изразување.
Според јуриспруденцијата на Европскиот Суд за човекови права, која го толкува и применува ова право, целта на заштитата на слободата на изразувањe мора да се интерпретира широко за да ги опфати не само содржината на информациите и идеите, туку и различните форми и средства преку кои тие се изразуват и примаат. Тоа воедно значи и позитивна обврска за државата преку чинење (дејство) да го помага почитувањето на ова право, а онаму каде тоа е загрозено да најде форма да го заштити, афирмира и промовира. Било какви ограничувања на слободата на изразување можат да се базираат на една или повеќе причини наведени во член 10 став 2 од Конвенцијата, но само доколку за тоа постојат јасни правни основи кои овозможуваат процедурални и суштински гаранции и целта е пропорционална, односно сообразна на балансот помеѓу приватниот наспроти јавниот интерес. Практично, новинарите претставуваат една од посебните категории на лица кои се “носители на правото на изразување“.
Европскиот суд за човекови права го анализира секој случај во неговата целина и во контекст со околностите поврзани со него, при што предимство секогаш се дава на слободата на изразувањето, а секое нејзино ограничување мора да биде исклучок, кој ако постои, мора да биде интерпретиран многу строго и јасно. Таквата оценка, особено води сметка таа применетата мерка или ограничување да биде пропишана со закон; таа да има јасна легитимна цел и таквото ограничување да е неопходно во демократско општество. Судот особено води сметка дали ограничувањето во конкретниот случај било „пропорционално на легитимната цел кон која води“ и дали образложението на националните власти било „релевантно и задоволувачко“.
Општоприфатен став е дека здравата демократија претпоставува непосредна контрола не само од законодавецот и судските власти, но и од јавноста или медиумите, кои ја негуваат виталноста на јавната дебата. Слободата на примање информации и идеи го опфаќа правото на барање, пристап и прибирање информации преку можни законски извори. Ова секако значи дека покрај медиумите и новинарите кои обезбедуваат информации за тие да ги испраќаат, во оваа слобода се опфаќа и правото на јавноста да биде адекватно информирана особено кога се работи за прашања од јавен интерес. Во оваа насока Европскиот суд за човекови права има јасен став дека државите не може да се постават меѓу предавателот и примачот на информации, бидејќи тие имаат право да стапат во директен меѓусебен контакт по своја волја. Должност е на новинарите да пренесуват информации и идеи за сите прашања од јавен интерес на начин а во согласност со своите обврски и одговорности при што јавноста има право да ги добива истите. Во спротивно, новинарството нема да може да ја остварува својата улога на „јавен надзорник“, критичар, чувар на прогресот и демократијата.
Земајќи ги предвид горенаведените одредби и принципи, сметам дека во овој предмет е од особено значење професијата на барателите, со оглед на тоа дека се работи за акредитирани новинари во Собранието на Република Македонија, кои според професионалната обврска непосредно следеле мошне важен настан од интерес за јавноста, и за кој било очигледно и очекувано дека ќе добие драматични размери. Факт е дека донесувањето на Законот за усвојување на буџетот на Република Македонија за 2013 година кој беше тој ден на дневен ред на Собранието на Република Македонија претставуваше настан од особен јавен интерес за кој јавноста имала право да биде информирана.
Сметам дека беше од круцијална важност Уставниот суд при одлучувањето да ја расчисти и разјасни оправданоста на проценката како и причината заради која е решено дека новинарите мораат да бидат отстранети од галеријата, особено бидејќи по нивното отстранување следеа настани во самата собраниска сала кои беа од јавен интерес, а кои не беа воопшто медиумски покриени. Таквиот степен на оправданост Судот требаше да ги процени со примена на инструментите кои редовно ги користи Европскиот суд за човекови права, што значи да се оцени дали мерката била нормирана, дали имала легитимна цел и дали била пропорционална и неопходна во едно демократско општество.
Со цел утврдување на фактичката состојба и остварување на вредносна проценка за неопходноста на оствареното дејствие отстранување на новинарите од галеријата, потребно беше да се расчисти која била причината собраниското обезбедување да реши да ги отстрани новинарите од галеријата, и покрај очебијниот факт дека сите инциденти и безредието во собранискиот партер физички биле јасно изолирани и оддалечени од неа. Апсурдно е тврдењето дека тоа е сторено за “безбедност на новинарите„, кога очебиен факт е дека тие седеле на своите места и биле крајно пасивни, со никакво дејствие не учествувале во настаните, туку само набљудувале, за што имаат и легитимно право, бидејќи тоа е дел од нивната професионална известувачка активност. Факт е и дека новинарите не придонеле за конфликтната ситуација на ниту еден начин (тоа не го негира ниту дописот од Собранието), не го нарушиле редот во зградата на собранието, немале непосреден допир со претседателот на Собранието или со пратениците, ниту пак со настаните надвор од зградата на Собранието. Имајќи ја предвид оваа фактичка состојба, и покрај не докрај расчистените прашања, јасно е дека не постои “императивна неопходност“ за превземеното спорно дејствие, бидејќи лица кои престојуваат во собраниската галерија, заради нејзината физичка издвоеност во однос на собраниската сала, не можат да бидат директно вмешани во настаните, ниту пак да придонесат за инцидент од уште поголеми размери врзан со настаните во истата. Исто така, евидентно е и дека ниту новинарите чувствувале опасност за својот интегритет, па затоа ниту барале, ниту очекувале заштита.
Неспорно е дека врз основа на член 43 од Законот за Собранието на Република Македонија, претседателот на Собранието одобрил полициските службеници задолжени за безбедност во Собранието да воспостават ред во собраниската сала и да содадат услови за отпочнување на седницата. Во дописот е наведено дека од своја страна, собраниското обезбедување е тоа кое проценило дека е потребно галеријата да се испразни, заради безбедност на присутните во неа и на лицата кои се наоѓале во салата. Дилемата за која Уставниот суд сметам дека исто така требаше да добие информација повторно е врзана со член 43, бидејќи видно од приложениот допис од барателите (новинарите) до Министерството за внатрешни работи, Сектор за внатрешна контрола и професионални стандарди, останува нејасно и неодговорено кој е идентитетот на лицата кои ги исфрлиле од галеријата и кој издал наредба за таква интервенција.
Исто така сметам дека е избегната суштината на прашањето за повредата на правото на изразување со образложението дека новинарите потоа непречено ја следеле собраниската седница, што имплицира дека тие се надлежни само за следење на самата седница и ништо повеќе од тоа. По однос на акредитациите кои ги добиваат новинарите за следење на работата на Собранието, факт е дека со нив не се специфицира ништо посебно, во смисол за кои дејствија на новинарот му е доделена акредитацијата, или што би смеел или не смеел медиумски да покрие.
Службите во Собранието имаат список на акредитирани новинари, сниматели, тонци и слично кој се ажурира на почетокот на секоја календарска година, врз база на писмен допис од редакциите од кои доаѓаат, во кој вообичаено се замолува да се одобрат акредитациите. Врз база на тоа одобрение, новинарите и другите во Собранието влегуваат со редакциските новинарски легитимации или само со лична карта. Од овие причини, нелогично е да се тврди (како што стои во дописот од Собранието) дека нив непречено им било потоа овозможено да ја следат собраниската седница, свесно избегнувајќи го фактот дека известувањето не ја опфаќа единствено собраниската седница како таква, туку сите настани кои се врзани со работата на Собранието, вклучително и нередот и тензичните состојби кои претходеле на седницата. Практично, на новинарите им било ускратено следењето на настаните кои се врзани со Собранието и состојбата на лица кои се избрани претставници на граѓаните, а што е несомнено од особен јавен интерес. Нејасно е и зошто ако навистина постоела грижа за безбедноста на новинарите, не се отстранети и оние кои се наоѓале во ходниците или во прес-центарот, што значи колку целисходна била проценката дека новинарите биле во опасност во галеријата, а не по ходниците на Собранието кои комуницираат со собраниската сала.
Во овој контекст, важно е да се напомене дека настаните во Собранието на Република Македонија од 24 декември 2012 година резултираа во неколкумесечна кризна ситуација која се оконча по потпишувањето на Заклучок од страна на специјално формирана Експертска комисија, составена од пратеници, правни експерти и странски претставници и кој содржи правни квалификации и препораки за што има своја особена политичка тежина. Во него се вели дека “Отсуството од соодветни насоки за справување со ваков тип на ситуации, вклучително и отсуството на стратегија за справување со медиумите во кризни ситуации резултираше со отстранувањето на новинарите од собраниската галерија, што ги прекрши загарантираните права за слобода на јавно информирање и јавност на работата на Собранието на Република Македонија. Собранието со посебно внимание и отвореност треба да се однесува кон слободата за извесување на медиумите и да ги применува принципите од најдобрата европска практика во овој сегмент.“ Факт е и дека Премиерот и Претседателот на Собранието изразиле жалење за отстранувањето на новинарите од галеријата, при што престедателот на Собранието изјавил дека ќе побара да се спроведе постапка од надлежните институции да се утврди одговорноста за настанот.
Несомнено, слободата на јавното изразување гледано низ призмата на улогата која медиумите ја имаат во нејзиното оживотворување, е една од основните столбови на отворено, демократско и отчетно, одговорно општество. Граѓаните имаат право да бидат запознаени со информации кои ним им овозможуваат да ги остваруваат своите граѓански права и должности, да партиципираат во општествените текови на својата држава, и меѓу другото, да бидат во тек со активностите на пратениците кои легитимно ги претставуваат во Собранието и учествуваат во процесот на донесување на одлуки. Всушност, преку медиумите како пренесувач на информацијата, граѓаните се тие кои иницијално го поседуваат тоа право, кое во својата суштина е право на граѓанската јавност, а не на медиумите сами по себе, кои тоа го реализираат во нивно име. Крајно, заради овие демократски вредности, можам само уште еднаш да изразам жалење што Уставниот суд не се обиде докрај да ги расветли сите елементи на овој случај, кои би придонеле за една темелно образложена и квалитетна пресуда.
Судија на Уставниот суд
Д-р Наташа Габер-Дамјановска