У.бр.99/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 20 декември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Слободан Тошевски од Куманово за заштита на слободите и правата, што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на социјална припадност.

2. Слободан Тошевски од Куманово, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата, што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на социјална припадност.

Подносителот на барањето најнапред наведува дека Управниот суд и Вишиот управен суд, со Пресуда У-4 бр.1041/2012 донесена од Управниот суд на 18 ноември 2013 година, потоа со Решение У-4 бр.235/2016 донесено од Управниот суд на 21 јуни 2016 година и со Решение УЖ-2.бр.59/17 донесено од Вишиот управен суд на 30 јуни 2017 година, перфидно го дискриминирале барателот, кој е воен пензионер, така што оспорените акти не ги донеле врз основа на одредби од закон на кои се повикал барателот туку на други законски одредби, потоа не одговориле и не дале објаснување на наводите на барателот туку дале образложение надвор од тужбеното барање, понатаму судовите со оспорените решенија не одговориле на соодветната тужба на барателот туку на негова друга тужба која се однесувала на друга материја, како и Управниот суд самиот ги споил двете тужби на барателот во еден предмет и самиот ги навел причините за оспорување иако тие немале врска со тужбените барања.

Во барањето понатаму се конкретизира дека барателот бил пензиониран на 1 септември 2006 година врз основа на член 226-б од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2002, 98/2002, 25/2003 и 112/2005), дека пензионирањето му било предвремено со навршени 25 години пензиски стаж (не 40 години) и дека врз основа на наведениот член од Законот пензијата му се намалувала 1% за секоја година пензиски стаж пократок од 40 години. Следувало донесување на нов Закон за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010) кој влегол во сила на 23 март 2010 година, при што во член 221 од овој закон било определено дека на вработените во одбраната кои немаат 40 години пензиски стаж, пензијата им се намалува за 0,5% за секоја година стаж пократок од 40 години. Ова законско решение од членoт 221 било оспорено пред Уставниот суд од аспект на создавање нееднаквост меѓу воените пензионери кои заминале во пензија пред 23 март 2010 година и оние кои заминале во пензија по наведената дата, при што Судот донел Решение У.бр.71/2010 од 13 октомври 2010 година со кое не повел постапка, а од образложението на тоа решение произлегувало дека Уставниот суд определил 0,5% намалување на пензијата да се однесува и на старите и на новите воени пензионери.

Поради тоа барателот доставил поднесок до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување со кој побарал во неговиот случај да се изврши Решението на Уставниот суд У.бр.71/2010 од 13 октомври 2010 година и ретроактивно да му се исплати разликата на неисплатената пензија, а бидејќи Фондот не одговорил на поднесокот, ниту тоа го направил после известувањето упатено од барателот до Државниот управен инспекторат за молчењето на Фондот, тој поднел тужба до Управниот суд во 2012 година барајќи од него да го задолжи Фондот да му ја определи новата висина на пензијата, како и да му ја исплати разликата на неисплатената пензија имајќи го предвид Решението на Уставниот суд. Но, Управниот суд со оспорената пресуда ја одбил тужбата како неоснована, при што биле нејасни, неиздржани и необразложени причините поради кои била донесена таква пресуда, ниту пак биле ценети барањата и наводите во тужбата. Барателот ја примил наведената Пресуда У-4 бр.1041/2012 од 18 ноември 2013 година на 6 март 2014 година и во законски рок поднел жалба до Вишиот управен суд, а овој суд најнапред со Решение УЖ-2.бр.202/2015 од 14 октомври 2015 година ја уважил жалбата, ја укинал Пресудата бидејќи имала недостатоци во смисла на неразбирливост и противречност па не можела да се испита, поради што предметот го вратил на повторно судење, при што тој суд воопшто не се впуштил во утврдување на фактичката состојба. Потоа Управниот суд со писмо побарал уредување на тужбите, на што барателот одговорил, па Управниот суд го донел оспореното Решение У-4 бр.235/2016 од 21 јуни 2016 година со кое тужбата за молчење на Фондот била отфрлена како предвремена. Ова решение подносителот на барањето го примил на 7 јули 2016 година. Во врска со наведеното решение, дискриминацијата на барателот се состоела во тоа што двата предмети по тужбите сега добиле трет број и што тужбата била прогласена за предвремена после 5 години од започнувањето на спорот. На 21 јули 2017 година подносителот на барањето го примил третиот оспорен акт-Решението УЖ-2.бр.59/17 донесено од Вишиот управен суд на 30 јуни 2017 година, при што со него се потврдува Решението У-4 бр.235/2016, а со тоа Вишиот управен суд се приклучил кон дискриминацијата на барателот така што не обезбедил висината на неговата пензија да биде еднаква со пензијата на лицата воени старешини кои се корисници на пензија со најмалку 25 години пензиски стаж остварени во Армијата после 23 март 2010 година. Подносителот бара Судот да донесе одлука со која ќе утврди дека е повредена забраната на дискриминација определена во член 110 алинеја 3 од Уставот предизвикана на барателот по основ на социјална припадност.

3. Судот на седницата ја утврди следната фактичка состојба:

– барателот (ЕМБГ 2902964172677) е корисник на старосна пензија од 1 септември 2006 година врз основа на Решение П.бр.149143 донесено од Фондот на пензиско и инвалидско осигурување-Стручна служба на Подрачната единица во Скопје на 6 септември 2006 година.

Правен основ за стекнување на правото на старосна пензија на барателот е член 226-б од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.112/2005). Во наведената законска одредба се определуваше дека висината на пензијата на воениот старешина, на кој му престанува работниот однос поради структурни промени и кој има најмалку 25 години пензиски стаж без оглед на возраста, „се утврдува во зависност од должината на исполнетиот пензиски стаж, со тоа што пензиската основа во висина од 80% се намалува за 1% за секоја година пензиски стаж пократок од 40 години.“

– Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2002, 98/2002, 25/2003, 71/2003, 112/2005, 134/2007 и 6/2009) престана да важи врз основа на членот 228 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010), со тоа што според член 229 од новиот закон престанокот на важењето на стариот закон настанува осмиот ден од денот на објавувањето на новиот закон во „Службен весник на Република Македонија“, а тоа е 23 март 2010 година.

Притоа, во членот 221 од новиот закон се определува дека висината на пензијата на воениот старешина, на кој му престанува работниот однос поради промени во актот за формација на Армијата и кој има најмалку 25 години пензиски стаж остварен во Армијата без оглед на возраста, „се утврдува во зависност од должината на исполнетиот пензиски стаж, а пензиската основица во висина од 80%, се намалува за 0,5% за секоја година пензиски стаж пократок од 40 години.“

– подносителот на ова барање во 2010 година поднел иницијатива за оценување на уставноста на членот 221 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010) оспорувајќи ја таа законска одредба од аспект на тоа дека законодавецот не го регулирал моментот на важењето на процентот од 0,5% и дека на тој начин дозволил наведениот процент да важи само за оние лица кои ќе заминат од службата во Армијата после 23 март 2010 година, а тоа создавало нееднаквост и не било во согласност со владеењето на правото.

По повод таа иницијатива Уставниот суд, со Решение У.бр.71/2010 од 23 октомври 2010 година, одлучи да не поведе постапка образложувајќи дека: „Имено, ова законско решение каде поранешниот процент од 1% е намален за 0,5%, важи за сите корисници според овој закон, односно воен старешина-офицер и подофицер како и цивилниот персонал кој бил во служба на Армијата, а не само за дел од нив кои се пензионирале под наведените услови по 15 март 2010 година. Впрочем, ниту во Законот има таква определба, а во случајов пресметувањето на висината на пензијата согласно оспорениот член 221 од Законот е право кое ги опфаќа определените корисници на пензија по наведениот основ без оглед на нивното време на пензионирање и овој поповолен процент од 0,5% ќе се смета исклучиво и само за периодот по влегувањето во сила на Законот, за сите субјекти корисници на правото на пензија според одредбите од овој закон, бидејќи станува збор за пензиски односи а тоа се односи кои се во тек. Во контекст на наведеново неспорно е и дека Законот за служба во Армијата на Република Македонија определил во буџетот на Министерството за одбрана да се обезбедуваат средства за остварување на правото на пензија регулирано со одредбите од овој закон, а со тоа, следејќи го законскиот режим на оспорените одредби од законот, по 15 март 2010 година законодавецот го регулирал континуитетот на идното буџетско планирање на средства за оваа намена во Министерството за одбрана, за идните средства кои стасуваат за исплата со новиот процент на пензиската основица за воениот и цивилниот персонал определен во овој закон без да се наруши законскиот режим на исплата на пензиски средства. Имено, овие законски одредби ќе се применуваат единствено на онаа категорија лица кои веќе го оствариле правото на пензија или ќе го стекнат ова право по овој законски основ“.

– по донесувањето на наведеното решение од Уставниот суд, барателот Слободан Тошевски од Куманово на 18 ноември 2010 година се обрати до Фондот на пензиско и инвалидско осигурување-Стручна служба во Скопје и подоцна до Комисијата на Владата на Република Македонија надлежна за решавање во втор степен на предметите од областа на пензиското и инвалидското осигурување повикувајќи се на уставно-судското решение, но Фондот со Решение П.бр.149143 од 14 февруари 2011 година одби да му ја зголеми пензијата а Комисијата со Решение бр.43-1878/1 од 8 јули 2011 година го потврди првостепеното решение на Фондот.

Потоа, Слободан Тошевски поднесе до Уставниот суд барање за заштита на слободите и правата кои се однесуваат на забрана на дискриминација по основ на социјална припадност повредени со наведените акти на Фондот и Комисијата, при што Уставниот суд со Решение У.бр.198/2011 од 24 ноември 2011 година го отфрли барањето образложувајќи дека: „Судот оцени дека во суштина барањето не се однесува на заштита на слободите и правата повредени со дискриминација по основ на социјална припадност, како што подносителот само декларативно се повикува, туку претставува барање Уставниот суд да обезбеди извршување на свое решение и да одлучува за права и интереси на странката во конкретен предмет, за што Уставниот суд не е надлежен.“ Понатаму, во Решението се наведува дека: „Уставниот суд нема надлежност да ги извршува своите одлуки, односно нивното извршување е во надлежност на органот што го донел оспорениот акт. Во конкретниот случај, тоа е Фондот за пензиското и инвалидското осигурување, како првостепен орган кој го донел оспореното решение и надлежната комисија на Владата на Република Македонија , како второстепен орган надлежен да одлучува по жалба против тоа решение“, а се наведува и тоа дека: „… за законитоста на оспореното решение, во смисла дали со истото правилно е применет членот 221 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија, поврзано со извршувањето на Решението на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.71/2010 од 13 октомври 2010 година, надлежен да одлучува е Управниот суд, а Уставниот суд нема надлежност во оваа постапка.“

– Слободан Тошевски повторно се обрати до Фондот на 12 јули 2011 година, а Фондот со Решение П.бр.149143 од 29 септември 2011 година пак го одби неговото барање за одредување на нов износ на пензија, при што Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен го потврди првостепеното решение со свое Решение Уп.бр.0701-480 од 5 јули 2012 година.

По тужбата на Слободан Тошевски против наведеното решение на Државната комисија, Управниот суд ја донесе Пресудата У-4 бр.1041/2012 од 18 ноември 2013 година и со неа ја одби тужбата како неоснована. Оваа пресуда е сега проблематизирана пред Уставниот суд, а неа подносителот на барањето ја прими на 6 март 2014 година (страна 4 од Барањето).
Следува жалба која е уважена со Решение УЖ-2.бр.202/2015 донесено од Вишиот управен суд на 14 октомври 2015 година, при што со тоа решение е укината оспорената Пресуда У-4 бр.1041/2012 од 18 ноември 2013 година бидејќи имала недостатоци поради кои не можела да се испита, и предметот е вратен на повторно судење.
Управниот суд во повторената постапка го донесе Решението У-4 бр.235/2016 од 21 јуни 2016 година и со него ја отфрли тужбата на Слободан Тошевски како предвремена. Ова решение е сега проблематизирано пред Уставниот суд, а него подносителот на барањето го прими на 7 јули 2016 година (страна 5 од Барањето).
Повторно следува жалба по која Вишиот управен суд го донесе Решението УЖ-2.бр.59/2017 од 30 јуни 2017 година и со него жалбата е одбиена како неоснована, а Решението на Управниот суд У-4 бр.235/2016 од 21 јуни 2016 година е потврдено. Решението УЖ-2.бр.59/2017 од 30 јуни 2017 година е сега проблематизирано пред Уставниот суд, а него подносителот на барањето го прими на 21 јули 2017 година (страна 5 од Барањето). Во образложението на ова решение се изнесуваат причините поради кои се потврдува предвременоста на тужбата и нејзино исправно отфрлање од страна на Управниот суд, а не се изнесуваат причини за наводите во барањето поднесено до Уставниот суд за повисока пензија на барателот и неговата нееднаквост со други пензионери.

4. Во член 110 алинеја 3 од Уставот се определува дека Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат, покрај другото, на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд, „секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.“

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на забраната на дискриминацијата по основ, покрај другото, на социјална припадност, а од изнесената одредба од Деловникот на Уставниот суд произлегува дека барањето за заштита на слободите или правата на граѓанинот повредени со конечен или правосилен поединечен акт се поднесува во рок од 2 месеци од денот на приемот на актот.

Во конкретниот случај, оспорената Пресуда У-4 бр.1041/2012 донесена од Управниот суд на 18 ноември 2013 година подносителот на барањето ја прими на 6 март 2014 година, и оспореното Решение У-4 бр.235/2016 донесено од Управниот суд на 21 јуни 2016 година го прими на 7 јули 2016 година, а барањето за заштита на слободите и правата го поднесе на 12 септември 2017 година, односно после истекот на рокот од 2 месеци од приемот на оспорените акти.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот за отфрлање на барањето поради постоење на процесни пречки за постапување по него.

Во однос на оспореното Решение УЖ-2.бр.59/2017 донесено од Вишиот управен суд на 30 јуни 2017 година, имајќи ја предвид содржината на Решението а таа е дека се потврдува отфрлањето на тужбата поради предвремено поднесување, што значи дека со него не се одлучува за прашања покренати со поднесеното барање, Судот утврди дека тоа решение не може да се оценува од покренатите аспекти, поради што Судот оцени дека и за тој дел од барањето има процесни пречки за постапување, па и за тој дел од барањето одлучи согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.99/2017
20 декември 2017 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски