Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 февруари 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 236 став 1 во делот: „ставови 2 и 3“ од Законот за вонпарнична постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.9/2008).
2. Дарко Јаневски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорениот член 236 став 1 од Законот за вонпарнична постапка упатува на член 222 ставови 2 и 3 од истиот закон, но од Законот за вонпарнична постапка, можелo да се забележи дека во членот 222 од Законот за вонпарнична постапка не постојат ставови 2 и 3, како што упатува членот 236 став 1 од Законот.Оттука, според иницијативата, недвосмислено можело да се утврди дека законодавецот предизвикал правна несигурност кај граѓаните на Република Македонија, а во однос на тоа дека правната сигурност е дел од владеењето на правото, а со тоа зборот и бројките „ставови 2 и 3“ од член 236 став 1 од Законот за вонпарнична постапка („Службен весник на РМ“ бр.9 од 18.01.2008 година), биле во директна спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на РМ, односно со владеењето на правото како темелен принцип на уставниот поредок на Република Македонија.
Во иницијативата, исто така, се укажува дека според едно постоечко мислење на Уставниот суд содржано во точката 6 од Решението на Уставен суд на Република Македонија – У.бр.77/2011 од 06.07.2011 година, „владеењето на правото подразбира доследна примена на законските прописи, кои треба да се општи, точно одредени и недвосмислено формулирани правила“. Во таа смисла, во правниот поредок потребно е да постојат јасни и прецизни правни норми. Во конкретниот случај во член 236 став 1 од Законот за вонпарнична постапка, се упатува на членот 222 од истиот закон, но во членот 222 не постојат ставовите, на којшто упатува членот 236 став 1, односно ставовите 2 и 3 од членот 222. Во таа смисла упатувачките правни норми треба да претставуваат логична правна и функционална целина за да не дојде до збунување кај граѓаните на РМ. Според наводите во иницијативата, зборот и бројките „ставови 2 и 3“ од член 236 став 1 од Законот за вонпарнична постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.9 од 18.01.2008 година) биле во директна спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 236 став 1 од Законот се предвидува дека ако вредноста на спорната гранична површина го надминува износот од 150.000 денари, судот ќе одлучи согласно со членот 222 ставови 2 и 3 од овој закон, ако со тоа се согласат учесниците.
4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Оспорениот член 236 став 1 од Законот е поместен во глава XII со наслов „Уредување на меѓи“.
Според член 236 став 1 од Законот, ако вредноста на спорната гранична површина го надминува износот од 150.000 денари, судот ќе одлучи согласно со членот 222 ставови 2 и 3 од овој закон, ако со тоа се согласат учесниците.
Од содржината на оспорениот член јасно произлегува дека истиот истовремено упатува на членот 222 ставови 2 и 3 од Законот.
Од увидот во целината на Законот, а особено во членот 222 од Законот за вонпарнична постапка, Судот утврди дека Законот нема ставови 2 и 3, на што упатува оспорениот член 236 став 1.
Имено, членот 222 од Законот за вонпарнична постапка, содржи само 1 став и тоа со содржина:
“При одлучувањето дали еден предмет ќе му припадне на еден од учесниците, судот особено ќе ги земе предвид посебните оправдани потреби на тој учесник и основаноста за тоа предметот да му припадне нему.”
Од наведеното произлегува дека членот 236 став 1 од Законот упатува на примена на ставови од член од Законот кои воопшто не постојат, што според Судот истиот во оспорениот дел основано може да се доведе под сомнение по однос на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно со принципот на владеењето на правото. Ова од причина што не станува збор за незначителен технички пропуст при изготвување на законскиот текст, туку упатување на норми кои се непостоечки, што доведува до правна несигурност, нејаснотии и забуна во практикувањето на правото на субјектите кои се засегнати со конкретната правна проблематика.
Оттука, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорените делови од член 236 став 1 од Законот со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите:Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.146/2017
14 февруари 2018 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски