У.бр.44/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 31 јануари 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на членoт 126, во делот: „и комуналните редари“, од Одлуката за комунален ред и мерки за нејзино спроведување во Општина Лозово, бр.0801-306/1, донесена од Советот на Општина Лозово на 3 март 2017 година.

2. Велин Николов од с.Каратманово, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на одредбата од Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, инспекциски надзор над примената на одредбите од одлуката за комунален ред била во надлежност на комунални инспектори согласно на членот 34 став 1 алинеја 5 од Законот за комуналните дејности, а не на комунални редари, поради што оспорената одредба не била во согласност со наведената законска одредба.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 126 од Одлуката се пропишува „инспекциски надзор над спроведувањето на оваа одлука вршат овластениот комунален инспектор и комуналните редари на Општината.“

4. Според член 12 став 2 од Законот за комуналните дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2012, 163/2013, 42/2014, 44/2015, 147/2015 и 31/2016), врз основа на која одредба е донесена Одлуката, „заради подетално уредување на односите во комуналните дејности утврдени со овој закон, советот на општините, односно Советот на градот Скопје донесува одлука за комунален ред и мерки за нејзино спроведување.“

а) Во врска со комуналниот редар, Законот за комуналните дејности го определува следното:

Во ставот 4 на членoт 12 од Законот се пропишува дека „за спроведувањето на одлуката од ставот 2 на овој член општините, општините во градот Скопје и градот Скопје назначуваат комунални редари. За комунален редар се назначува лице со најмалку средно образование.“ Според ставот 5, „при вршењето на контролата, комуналниот редар има право да ги провери идентификациските документи на лицата поради потврдување на нивниот идентитет во согласност со закон“, а во ставот 6 се определува дека „за констатираните неправилности при контролата комуналниот редар составува записник и изрекува мандатна казна на самото место согласно со овој закон и Законот за прекршоците.“

Според член 43 став 1 од Законот, „глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичко лице, во мандатна постапка со издавање на мандатен платен налог, ако постапува спротивно на одредбите од Одлуката за комунален ред.“

Од изнесените законски одредби произлегува дека (1) совет на општина донесува одлука за комунален ред за да ги уреди подетално односите во општината околу комуналните дејности утврдени со Законот за комуналните дејности (член 12 став 2), (2) спроведувањето на одлуката го врши комунален редар (член 12 став 4), (3) комунален редар мора да има најмалку средно образование и да е назначен од општината (член 12 став 4), а (4) спроведувањето на одлуката комуналниот редар го врши на тој начин што (а) при контрола (член 12 ставови 5 и 6), (б) го утврдува идентитетот на лицата кои сториле неправилности предвидени во одлуката (член 12 став 5), (в) составува записник за констатираните неправилности (член 12 став 6) и (г) изрекува мандатна казна од 50 евра во денарска противвредност на самото место со издавање на мандатен платен налог (член 12 став 6 и член 43 став 1).

Според тоа, Судот оцени дека комуналниот редар ја спроведува одлуката за комунален ред на општината со контрола на терен и со постапување на лице место на начин и во постапка пропишани со изнесените одредби од Законот.

б) Во врска со инспекцискиот надзор, пак, Законот за комуналните дејности го определува следното:

Според член 30 став 1, „инспекциски надзор вршат државните комунални инспектори на Државниот комунален инспекторат, општинските комунални инспектори и комуналните инспектори во општините во градот Скопје и градот Скопје.“

Во врска со инспекцискиот надзор во општините, членот 32 став 2 од Законот пропишува дека „за комунален инспектор во општините, општините на градот Скопје и градот Скопје се назначува лице со високо образование со најмалку три години работно искуство.“

Според член 34 од Законот, „комуналните инспектори на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје вршат инспекциски надзор над:
– јавните претпријатија за вршење на комунални дејности оснивани во општината, односно општините на градот Скопје,
– физичките и правните лица на кои општината им доверила вршење на соодветни комунални дејности согласно со закон,
– јавните претпријатија за вршење на комунални дејности основани од градот Скопје,
– физичките и правните лица на кои градот Скопје им доверил вршење на соодветни комунални дејности согласно со закон и
– примената на одредбите од Одлуката за комунален ред.“

Според член 35 од Законот, „инспекторите од членот 30 став 1 од овој закон за утврдените недостатоци изготвуваат записник“ (став 1). „Врз основа на записникот од ставот 1 на овој член инспекторите донесуваат решение со кое го определуваат начинот и рокот на отстранување на недостатокот“ (став 2). „Доколку сторителот на прекршокот сам не го отстрани недостатокот, инспекторот ќе донесе заклучок за дозвола за извршување, при што трошоците паѓаат на товар на сторителот на прекршокот“ (став 3). „Против решението на инспекторите од ставот 2 на овој член е дозволена жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението“ (став 4). „По жалбата против решението на државниот комунален инспектор, општинскиот комунален инспектор, комуналниот инспектор во општините на градот Скопје и градот Скопје одлучува Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка“ (став 5). „Жалбата не го одлага извршувањето на решението“ (став 6). „Ако при вршењето на инспекциски надзор инспекторот утврди дека е сторен прекршок или кривично дело, е должен да покрене постапка пред надлежен суд“ (став 7).

Во членот 41 од Законот се определени случаите во кои на давателот на комунална услуга – правно лице односно трговец поединец ќе му се изрече глоба за сторен прекршок во износ од 3.000 евра во денарска противвредност, а во членот 42 од Законот се определени случаите во кои на корисник на комунална услуга – физичко лице ќе му се изрече глоба за сторен прекршок во износ од 1.000 до 1.500 евра во денарска противвредност.

Во членот 44 од Законот се пропишува дека „кога државниот комунален инспектор, комуналниот инспектор на општината, општините во градот Скопје и градот Скопје, ќе утврдат дека е сторен прекршок од членовите 41 и 42 од овој закон, ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка до надлежен суд“ (став 1). „Пред поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд, инспекторите од ставот 1 на овој член се должни да спроведат постапка за порамнување согласно со издавање на прекршочен платен налог“ (став 2). „Кога инспекторите од ставот 1 на овој член ќе констатираат прекршок од членовите 41 и 42 од овој закон, составуваат записник во кој се наведуваат битните елементи на прекршокот, времето, местото и начинот на сторување на прекршокот. Доколку сторителот го признае прекршокот, инспекторот ќе му издаде на сторителот прекршочен платен налог заради наплата на глобата предвидена за прекршокот. Со потписот на прекршочниот платен налог се смета дека сторителот на прекршокот е согласен да ја плати предвидената глоба“ (став 3). „Сторителот на прекршокот од ставот 1 на овој член е должен да ја плати глобата во рок од осум дена од денот на приемот на прекршочниот платен налог на сметка на Буџетот на Република Македонија означена во прекршочниот платен налог. Сторителот кој ќе ја плати глобата во дадениот рок, ќе плати само половина од изречената глоба утврдена во прекршочниот платен налог“ (став 4). „Ако сторителот не ја плати глобата од ставот 1 на овој член во рокот определен во ставот 4 на овој член, инспекторот од ставот 1 на овој член ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд“ (став 5).

Од изнесените законски одредби произлегува дека (1) инспекциски надзор вршат комунални инспектори – државни, општински и на градот Скопје (член 30 став 1), (2) општинскиот комунален инспектор мора да има високо образование, најмалку три години работно искуство и да е назначен од општината (член 32 став 2), (3) општинскиот комунален инспектор врши инспекциски надзор над (а) јавните комунални претпријатија основани од општината, (б) физичките и правните лица на кои општината им доверила вршење на комунални дејности и (в) примената на одредбите од Одлуката за комунален ред (член 34), а (4) вршењето на инспекцискиот надзор од страна на општинскиот комунален инспектор се спроведува на тој начин што (а) инспекторот изготвува записник за утврдените неправилности (член 35 став 1), (б) донесува решение со кое го определува начинот и рокот на отстранување на недостатоците (член 35 став 2), (в) донесува заклучок за дозвола за извршување, ако сторителот на прекршокот не ги отстрани недостатоците (член 35 став 3), (г) против решението, со кое се определува начинот и рокот за отстранување на недостатоците, дозволена е жалба во рок од осум дена од приемот на решението (член 35 став 4), (д) по жалбата одлучува Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка (член 35 став 5), (ѓ) жалбата не го одлага извршувањето на решението (член 35 став 6) и (е) ако при вршењето на инспекциски надзор инспекторот утврди дека е сторен прекршок или кривично дело, должен е да покрене постапка пред надлежен суд (член 35 став 7). Законот понатаму пропишува (5) видови на прекршоци и глоба од 3.000 евра во денарска противвредност за сторителот на прекршокот – давател на комунална услуга, правно лице или трговец поединец (член 41), како и (6) видови на прекршоци и глоба во износ од 1.000 до 1.500 евра во денарска противвредност за сторителот на прекршокот – корисник на комунална услуга, физичко лице (член 42), па (7) ако општинскиот комунален инспектор утврди дека е сторен прекршок пропишан во наведените законски одредби, тој постапува на тој начин што (а) составува записник во кој се наведуваат битните елементи на прекршокот, времето, местото и начинот на сторување на прекршокот (член 44 став 3), (б) на сторителот на прекршокот ќе му издаде прекршочен платен налог (член 44 став 3), па (в) по налогот, ако сторителот на прекршокот го потпише и ја плати законски предвидената глоба во рок од осум дена на сметка на Буџетот на Република Македонија означена во прекршочниот платен налог, ќе се плати само половина од глобата утврдена во налогот (член 44 ставови 3 и 4), а (г) ако сторителот на прекршокот не ја плати глобата, инспекторот ќе поднесе барање за поведување на прекршочна постапка пред надлежен суд (член 44 ставови 1 и 5).

Според тоа, Судот оцени дека општинскиот комунален инспектор врши инспекциски надзор над општинските комунални претпријатија во врска со, покрај другото, примената на одредбите од Одлуката за комунален ред, на начин и во постапка определени со изнесените законски одредби.

Со оглед на тоа што со членот 126 од Одлуката за комунален ред и мерки за нејзино спроведување во Општина Лозово се пропишува инспекциски надзор над спроведувањето на Одлуката да вршат и комуналните редари на Општината, во ситуација кога инспекциски надзор над примената на одредбите од одлуката за комунален ред е делокруг на општинските комунални инспектори според Законот за комуналните дејности, Судот оцени дека може да се постави прашање за согласноста на членот 126, во делот: „и комуналните редари“, од Одлуката со член 30 став 1, член 32 став 2, член 34 алинеја 5, членовите 35, 41, 42 и 44 од Законот за комуналните дејности.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.44/2017
31 јануари 2018 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски