Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 47 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 24 јануари 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на член 1 алинеја 4 во делот: „државните“ од Одлуката за давање на субвенции на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“- Скопје за 2017 година, бр.07-8653/1 од 13 декември 2016 година, донесена од Советот на Град Скопје („Службен гласник на Град Скопје“ бр. 13/2016).
2. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата поднесена од Марија Којчевска, Елена Дамчевска и Сандра Цакиќ, студенти на 3-та година на Факултетот за правни науки при Универзитетот Американ колеџ-Скопје, со Решение У. бр. 17/2017 од 7 јуни 2017 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 1 алинеја 4 во делот:„ државните“ од Одлуката означена во точката 1 на ова решение, затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.
На седницата на Уставниот суд на Република Македонија, одржана на 27 септември 2017 година, предлогот на судијата – известител да се укине член 1 алинеја 4 во делот:„ државните“ од Одлуката за давање на субвенции на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“- Скопје за 2017 година, не беше усвоен поради недобиено мнозинство гласови (4:4) и воедно Судот заклучи одлучувањето по предметот да се одложи за една од наредните седници на Судот.
Одлуката за давање на субвенции на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“- Скопје за 2017 година, со завршување на календарската 2017 година, ја исцрпе својата примена, поради што истата, сметано од 1 јануари 2018 година, престана да важи.
Согласно член 47 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката законот, другиот пропис или општ акт престанале да важат, а не наоѓа основи за оценување на нивната уставност, односно уставност и законитост во време на важењето.
Со оглед на тоа што оспорената одлука престана да важи во текот на постапката за оценување на нејзината уставност и повеќе не е во правниот поредок на Република Македонија, Судот оцени дека се исполнети условите од член 47 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за запирање на постапката, поради што одлучи како во точката 1 на ова решение.
3. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.17/2017
24 јануари 2018 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски