У.бр.37/2017-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 24 јануари 2018 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ПОНИШТУВААТ:

– Одлуката бр. 08-4160/28 од 22.03.2017 година за поништување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план „Голем ринг-Јужен дел-Запад“-Општина Центар-Скопје, бр.07-5569/18 од 18.07.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар, и

– Решението бр.09-4160/29 од 22.03.2017 година за објавување на Одлуката за поништување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план „Голем ринг-Јужен дел-Запад“-Општина Центар-Скопје бр.07-5569/18 од 18.07.2012 година, донесено од градоначалникот на Општина Центар.

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на Одлуката и Решението означени во точката 1 на оваа одлука.

3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата поднесена од Цуте Крајчески, Страхил Пановски, Славица Марковска, Мартина Илиќ, Димитар Наџаков, Влатко Миновски, Коста Јовановски и Љупчо Велков, сите од Скопје, со Решение У. бр. 37/2017 од 29 ноември 2017 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката и Решението означени во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и со Закон.

5. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Центар-Скопје, врз основа на член 15 став 1 точка 1 алинеја 3 и член 26 од Статутот на Општина Центар и член 41 став 4 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016 и 163/2016), на 5-та седница одржана на 07.06.2013, 10.06.2013, 11.06.2013, 13.06.2013 и 22.03.2017 година донел Одлука за поништување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план „Голем ринг-Јужен дел-Запад“-Општина Центар-Скопје бр.07-5569/18 од 18.07.2012 година.

Според членот 1 од оваа одлука, Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план „Голем ринг- Јужен дел-Запад“- Општина Центар-Скопје бр.07-5569/18 од 18.07.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје, се поништува.

Во членот 2 од Одлуката се наведува дека со оваа одлука се уредуваат поништувањето на Одлуката на Советот на Општина Центар–Скопје, утврдувањето на правната основа за поништување на Одлуката, влегувањето во сила на претходната одлука на Советот на Општина Центар-Скопје за донесување на ДУП на истиот плански опфат и начинот на реализација на Одлуката од Секторот за урбанизам во Општина Центар-Скопје и Секторот за инспекциски работи во Општина Центар-Скопје.

Според член 3 од истата одлука, со оваа одлука се поништува Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план „Голем ринг- Јужен дел-Запад“- Општина Центар-Скопје бр.07-5569/18 од 18.07.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје („Службен гласник на Општина Центар- Скопје” бр. 4/2012).

Во членот 4 е предвидено дека Одлуката од членот 2 од оваа одлука се повлекува од правниот поредок поради тоа што ДУП, кој е составен дел на Одлуката, е во спротивност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје („Службен гласник на Град Скопје” бр. 18/2012), Законот за просторно и урбанистичко планирање и Уставот на Република Македонија. Одлуката е спротивна на Законот и Уставот затоа што не е во согласност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје, а оваа несогласност на план од пониско ниво со план од повисоко ниво е спротивна на Законот за просторно и урбанистичко планирање, во кој „Деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план”, а тоа значи дека спорната одлука е спротивна и на членот 51 од Уставот на Република Македонија во кој „законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите”.

Според член 5 од Одлуката, со поништувањето на Одлуката од членот 2 од оваа одлука, влегува во сила Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план „Голем ринг- Јужен дел-Запад“-Општина Центар-Скопје бр. 07-684 од 04.07.2001 година, донесена од Советот на Општина Центар- Скопје („Службен гласник на Град Скопје” бр. 12/01).

Со членот 6 е предвидено дека за оваа одлука се известуваат Архивата на Општина Центар-Скопје, Секторот за урбанизам во Општина Центар-Скопје, надлежниот Државен архив, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот и Агенцијата за катастар на недвижности, кои треба да го повлечат од употреба како важечки план на Деталниот урбанистички план „Голем ринг- Јужен дел-Запад“-Општина Центар-Скопје бр.07-5569/18 од 18.07.2012 година, и да ги вратат во употреба претходните изменувања и дополнувања на Деталниот урбанистички план „Голем ринг-Јужен дел-Запад“-Општина Центар-Скопје бр. 07-684 од 04.07.2001 година, донесени од Советот на Општина Центар- Скопје („Службен гласник на Град Скопје” бр. 12/01).

Според член 7 од Одлуката, Секторот за урбанизам во Општина Центар-Скопје е должен, во рок од 15 дена од донесувањето на оваа одлука, да ја повлече од употреба картираната подлога на изменувањето и дополнувањето на Деталниот урбанистички план од членот 2 од оваа одпука и да ја обезбеди картираната подлога од претходните изменувања и дополнувања на Деталниот урбанистички план „Голем ринг-Јужен дел-Запад“-Општина Центар-Скопје бр. 07-684 од 04.07.2001 година, донесени од Советот на Општина Центар-Скопје („Службен гласник на Град Скопје” бр. 12/01), кои со донесувањето на оваа одлука влегуваат во сила.

Според член 8 од Одлуката, за реализација на оваа одлука и за спроведувањето на претходните изменувања и дополнувања на Деталниот урбанистички план „Голем ринг-Јужен дел-Запад“-Општина Центар-Скопје бр. 07-684 од 04.07.2001 година, кои со донесувањето на оваа одлука стапуваат во сила, се грижат градоначалникот на Општината, Секторот за урбанизам и Секторот за инспекциски работи во Општина Центар-Скопје.

Во членот 9 од истата одлука е предвидено дека Секторот за урбанизам во Општина Центар-Скопје е должен веднаш по стапувањето во сила на оваа одлука да ги прекине управните постапки за спроведување на Деталниот урбанистички план од членот 2 од оваа одлука чие важење престанало и да ги продолжи кога документациите, предмет на управните постапки, ќе бидат усогласени според Деталниот урбанистички план од членот 4 од оваа одлука.

Според член 10 од Одлуката, се задолжува Секторот за инспекциски работи во Општина Центар-Скопје, во рок од 7 дена од стапувањето во сила на оваа одлука, да достави предлог до градоначалникот на Општина Центар-Скопје за поништување на издадени одобренија од Општина Центар-Скопје, а за другите, во соработка со Секторот за правни и организациони работи, да подготви соодветна документација со која ќе се побара од Град Скопје и од Министерството за транспорт и врски да ги поништат одобренијата од нивна страна.

Според член 11, оваа одлука влегува во сила на денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Центар – Скопје“.

Одлуката е заведена под број 08-4160/28 од 22.03.2017 година.

Судот, исто така, утврди дека врз основа на член 36 став 1 точка 3 и член 64 став 1 од Статутот на Општина Центар-Скопје („Службен гласник на Општина Центар-Скопје” бр. 1/2006 и 12/2015), градоначалникот на Општина Центар-Скопје донел Решение бр. 09-4160/29 од 22.03.2017 година, за објавување на Одлуката за поништување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план „Голем ринг-Јужен дел-Запад“-Општина Центар-Скопје бр.07-5569/18 од 18.07.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје.

Во Решението се наведува дека се објавува Одлуката за поништување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план „Голем ринг-Јужен дел-Запад“-Општина Центар-Скопје бр.07-5569/18 од 18.07.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје, што Советот на Општина Центар-Скопје ја донесе на 5-тата седница, одржана на 07.06.2013 година, 10.06.2013 година, 11.06.2013 година, 13.06.2013 година и на 22.03.2017 година.

6. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 30 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 44/2015, 193/2015, 31/2016 и 163/2016), се уредуваат условите и системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите на планска документација и постапката за изработување и донесување на истата како и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање (член 1).

Во членот 3 од Законот е предвидено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија, урбанистичките планови, регулацискиот план на генерален урбанистички план, урбанистичко планската документација и урбанистичко-проектната документација се работи од јавен интерес.

Според член 7 од Законот, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следниве планови:

1) Просторен план на Република Македонија и
2) урбанистички планови:
– генерален урбанистички план;
– детален урбанистички план;
– урбанистички план за село и
– урбанистички план за вон населено место.

Според член 11 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, детален урбанистички план е урбанистички план кој се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план, а според став 6 деталниот урбанистички план како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план, односно, со регулацискиот план на генерален урбанистички план доколку истиот е донесен.

Во главата VI од Законот (членови 24-43) е пропишана постапката за изработување и донесување на урбанистички планови и урбанистичко-плански документации.

Според член 38 став 1 од Законот, на плановите од член 7 став (1) точка 2 на овој закон изработени во форма на предлог-план и за кои е изготвен позитивен извештај за стручна ревизија согласно член 37 на овој закон, согласност дава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека истите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според член 41 став 4 од Законот, советите на општините во Градот Скопје донесуваат:
– детален урбанистички план,
– урбанистички план за село и
– урбанистички план вон населено место.

Согласно член 43 став 1 алинеја 3 од Законот, планирањето на просторот се врши за период од најмалку пет години за детален урбанистички план., а според ставот 3 на истиот член, урбанистичкиот план важи до донесување на нов урбанистички план.

Во членот 76 од Законот се пропишува:

(1) Детален урбанистички план донесен согласно со генерален урбанистички план кој престанал да важи, може да се применува само доколку намените на деталниот урбанистички план се во согласност со намените утврдени во новиот генерален урбанистички план.
(2) Во случаите од ставот (1) на овој член кога со генерален урбанистички план се планира проширување на сообраќајната мрежа, деталниот урбанистички план донесен пред влегувањето во сила на генералниот урбанистички план од ставот (1) на овој член, може да се применува само доколку со реализација на планираните градби или деловите од планираните градби од деталниот урбанистички план не се попречува реализацијата на сообраќајната мрежа од генералниот урбанистички план.
(3) По исклучок од ставот (1) на овој член, детален урбанистички план донесен согласно со генерален урбанистички план кој престанал да важи, може да се применува и доколку намените на деталниот урбанистички план не се во согласност со намените утврдени во новиот генерален урбанистички план, во случаите кога е отуѓено градежно земјиште сопственост на Република Македонија по пат на јавно наддавање согласно со одредбите од Законот за градежно земјиште и купувачот преземал обврски за изградба на објектот согласно со намената во деталниот урбанистички план, а со новиот генерален урбанистички план е утврдена подземна или надземна линиска инфраструктурна градба.

Според член 77 од истиот закон, доколку во текот на постапката за донесување на детален урбанистички план се донесе нов генерален урбанистички план, постапката за донесување на деталниот урбанистички план ќе продолжи само доколку истиот е во согласност со новиот генерален урбанистички план.

Во членот 20 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), е предвидено дека општините, во рамките на законот, во согласност со начелото на супсидијарност, имаат право на своето подрачје да ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт.

Во членот 21 од наведениот закон се пропишува дека:

(1) Општините самостојно, во рамките на законот, ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење, утврдени со овој или друг закон и се одговорни за нивното вршење
(2) Со законот со кој се утврдуваат други надлежности на општината се определуваат и изворите на финансирање за вршење на тие надлежности.
(3) Надлежностите од ставот (1) на овој член по правило се целосни и исклучиви и не смеат да бидат одземени или ограничени, освен во случаите утврдени со закон.

Во членот 22 од Законот таксативно е утврдена листа на надлежности на општините, при што, покрај другото, општините се надлежни за вршење на урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште.

Во членот 15 од Законот за Градот Скопје (“Службен весник на Република Македонија” број 55/2004 и 158/2011), утврдени се надлежности на општините во Градот Скопје, при што, надлежности, односно, работи од јавен интерес од локално значење на општините во Градот Скопје се:

1. Планирање и уредување на просторот
– покренување иницијативи за донесување, измена и дополнување на просторниот план на Градот Скопје и генералниот урбанистички план на градот Скопје;
– давање мислења по нацртите на просторниот план на Градот Скопје и генералниот урбанистички план на Градот Скопје;
– донесување детални урбанистички планови, урбанистички проекти и урбанистички планови за населените места во општината;
– спроведување урбанистички планови и проекти и издавање документација за изградба на објекти од локално значење (услови за – спроведување урбанистички планови и проекти и издавање документација за изградба на објекти од локално значење (услови за градба, урбанистичка согласност, одобренија за градење).

Советот на Општина Центар–Скопје, на 22.03.2017 година ја поништил Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план „Голем ринг-Јужен дел-Запад“-Општина Центар-Скопје, бр.07-5569/18 од 18.07.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар и определил дека со поништување на наведената одлука влегува во сила Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план „Голем ринг-Јужен дел-Запад“-Општина Центар-Скопје бр. 07-684 од 4.07.2001 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје („Службен гласник на Град Скопје” бр. 12/01).

Како причина за поништување на Одлуката е наведено дека Деталниот урбанистички план донесен со оваа одлука бил спротивен на Законот и Уставот затоа што не бил во согласност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје, а оваа несогласност на план од пониско ниво со план од повисоко ниво била спротивна на Законот за просторно и урбанистичко планирање, според кој деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план, а тоа значи дека спорната одлука била спротивна и на членот 51 од Уставот на Република Македонија според кој „законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите”. За донесената одлука биле известени Архивата на Општина Центар, Секторот за урбанизам во Општина Центар, надлежниот Државен архив, органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот и Агенцијата за катастар на недвижности, кои требало да го повлечат од употреба како важечки поништениот план и да ги вратат во употреба претходните изменувања и дополнувања на планот од 2001 година. Секторот за урбанизам на Општина Центар бил задолжен во рок од 15 дена од донесувањето на Одлуката за поништување да ја повлече од употреба картираната подлога на Деталниот урбанистички план од 2012 година и да ја обезбеди картираната подлога од измените и дополнувањата на планот од 2001 година. Понатаму, со оспорената одлука се задолжува Секторот за урбанизам во Општина Центар веднаш по стапување во сила на оспорената одлука да ги прекине управните постапки за спроведување на планот од 2012 година и да ги продолжи кога документациите предмет на управните постапки ќе бидат усогласени. Исто така со оспорената одлука се задолжува Секторот за инспекциски работи во Општина Центар во рок од 7 дена од стапување во сила на оспорената одлука да достави предлог до градоначалникот на Општина Центар-Скопје за поништување на издадените одобренија од Општината, а за другите во соработка со Секторот за правни и организациски работи да подготви соодветна документација со која ќе побара од Град Скопје и од Министерството за транспорт и врски да ги поништат одобренијата од нивна страна.

Градоначалникот на Општината донел Решение, ваквата одлука донесена од Советот на Општина Центар да се објави во службеното гласило на општината.

Од анализата на оспорената одлука, произлегува дека истата е донесена на 22.03.2017 година, и дека со неа се поништува Деталниот урбанистички план донесен на 18.07.2012 година, поради неговата неусогласеност со Генералниот урбанистички план донесен на 03.12.2012 година, односно по донесувањето на Деталниот урбанистички план. Со истата одлука се враќа во сила Деталниот урбанистички план од 2001 година.

Тргнувајќи од направената анализа на оспорената одлука, наведените уставни одредби, како и одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање, Законот за Град Скопје и Законот за локалната самоуправа, наспрема наводите во иницијативата, Судот оцени дека наводите се основани.

Ова од причини што деталните урбанистички планови се носат во точно определена постапка пропишана со Законот за просторно и урбанистичко планирање. Во Законот е уредено прашањето за натамошната примена или запирање на примената на детален урбанистички план донесен согласно со генерален урбанистички план кој престанал да важи, но во Законот нема пропишана можност и постапка за поништување на донесен детален урбанистички план кој е во примена подолг период, поради негова неусогласеност со новодонесен генерален урбанистички план и за враќање во правен поредок на претходно донесен урбанистички план кој престанал да важи.

Оттука, произлегува дека општините имаат овластување во постапка определена со закон, да донесуваат, изменуваат и дополнуваат детален урбанистички план, но законодавецот не пропишал овластување за општините да поништат веќе донесен план во законски пропишана постапка кој започнал да се применува и тоа подолг период и да вратат во правен поредок претходно донесен урбанистички план кој престанал да важи, како што е случај со оспорената одлука.

Со оглед дека не постои законско овластување и пропишана постапка за поништување на легално донесен урбанистички план кој бил во сила и се применувал повеќе години, поради негова неусогласеност со новодонесен генерален урбанистички план, Судот оцени дека Советот на Општина Центар немал правен основ за донесување на оспорената одлука со која во 2017 година се поништува Деталниот урбанистички план донесен во 2012 година и се враќа во примена планот од 2001 година. Ваквото поништување на Деталниот урбанистички план и последиците од ваквата одлука, грубо ја нарушуваат правната сигурност на граѓаните, неосновано го доведуваат во прашање правото на сопственост, на кој начин се повредува владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок во Република Македонија.

Поради наведеното, Судот оцени дека оспорената одлука и Решението не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 30 и член 51 од Уставот, како и со членовите 24-43 и член 76 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, со член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа и со член 15 став 1 точка 1 алинеја 3 од Законот за Градот Скопје.

7. Тргнувајќи од изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.37/2017
24 јануари 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски