Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Одлуката У.бр.135/2016 донесена на ден 24.01.2018 за укинување на член 28 став 1 во дел, член 86 став 1 во дел и член 87 став 1 во дел од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија” број 72/2016 и 142/2016) го издвојувам и писмено го образложувам следното:
ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ
Уставниот суд на Република Македонија постапувајќи по иницијативата на подносителите Георги Манасов, Трајан Рибарев и Никола Петров сите од Прилеп, за поведување на постапка за оценување на уставност и ги укина член 28 став 1 во делот: „Барањето за извршување на извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 eвра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога доверител при извршувањето е Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице”; член 86 став 1 во делот: „Приговорот на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога како странка во извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице и член 87 став 1 во делот: „Жалбата против решението донесено по приговор на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис освен во случаите кога жалбата ја поднесува извршителот кој преземал извршни дејствија, или кога како странка при извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице, од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија” број 72/2016 и 142/2016) со мнозински гласови донесе со Одлука за укинување на оспорените одредби од Законот, бидејќи оцени дека тие одредби по сите основи не се во согласност со одредбите на член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 51, член 54 став 3 и член 55 од Уставот на Република Македонија.
Изразувајќи несогласност со таквата одлука гласав против и го издвојувам своето мислење, зошто сметам дека оспорените одредби од Законот се во согласност со Уставот, поради што не требаше да се поведе постапка за оценување на нивната уставност односно да се укинат, и врз основа на изведување на правно издржани аргументи да се донесе правилна одлука.
Помеѓу другото Судот во својата одлука искажа дека „целта на уредувањето на оспорените законски решенија, е воспоставување на повисока заштита на правата и интересите на граѓаните и правните лица заради нивните повисоко истакнати побарувања, селективниот пристап за воспоставување на заштита на правата на граѓаните во иста процедурална ситуација, не наоѓа уставно оправдување од аспект на принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите. Ова, дотолку повеќе што начинот на воспоставување на заштитата на субјектите пред извршител и кругот на опфатените субјекти со таа заштита, води кон други повреди на правата на граѓаните и правните лица, така што мотивите и целите за уредување на оспорените законски решенија, го губат своето значење и смисла, дотолку повеќе што целта која законодавецот сакал да ја постигне преку нивното уредување, се воспоставува преку личниот буџет на граѓаните и правните лица, а тоа води кон дополнителни зголемени трошоци во извршната постапка за субјектите на кои се однесуваат оспорените законски решенија, што е уште една причина за нееднаков третман на граѓаните и правните лица во постапка пред извршител и причина за нивната неуставност“.
Моето спротивно мислење го темелам на ставот дека одлуката на Судот е во спротивност на член 8 став 1 алинеите 3, 6 и 11 (владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок, правна заштита на сопственоста и почитување на општо прифатените норми на меѓународното право), член 9 став 2 (начела на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите), член 30, член 51 став 1 (Во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот.) и член 53 од Уставот на Република Македонија.
Како спорни правни прашања при одлучувања се поставуваат:
– Дали со одредбите од Законот за извршување со кои се предвидува задолжително присуство односно составување на барањето за извршување предвиден во член 28 став 1 во дел, составување на приговорот на извршно дејствија предвиден во член 86 став 1 во дел и жалбата против решението донесено по приговорот предвиден во член 87 став 1 во дел каде во сите три случаи се предвидува наведените поднесоци да бидат задолжително составени од страна на адвокат и да го содржи адвокатски печат и потпис, во постапката пред извршител се повредуваат темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија предвидени во член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот?
– Дали се повредува член 9 од Уставот, односно дали има дискриминација по основ на општествен статус и дали е нарушена еднаквата положба на субјектите на пазарот?
– Дали со одредбата од Законот за извршување со која се предвидува задолжително составување на задолжителни поднесоци од страна на адвокат како полномошник во извршната постапка се повредуваат основните права на граѓанинот?
За да се даде одговор на овие прашања според моето мислење оспорени одредби требало да се анализираат согласно уставни одредби и тоа:
Според темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, во смисла на член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и 11 од Уставот се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.
Со член 30 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Во член 50 од Уставот се предвидува дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност. Се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања. Граѓанинот има право да биде запознаат со човековите права и основни слободи и активно да придонесува, поединечно или заедно со други за нивно унапредување и заштита.
Членот 53 од Уставот предвидува дека адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.
Според член 54 од Уставот предвидува, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот… и дека со членот 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото…
Тргнувајќи од анализата на цитираните уставни норми, како и на одредбите од Законот за извршување сметам дека изнесените наводи во одлуката по однос на член 28 став 1 во дел, член 86 став 1 во дел и член 87 став 1 во дел од Законот за извршување се неосновани. Ова од причина што, според моето мислење од содржината на оспорените членови од Законот, јасно и недвосмислено произлегува интенцијата на законодавецот за заштита на слободите и правата на граѓанинот во постапката пред извршител. Но, што се однесува до содржината на правните акти задолжително да ги состави адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, со вака пропишаните одредби се обезбедува поголема правна сигурност од причина што адвокатот во смисла на одредбите од Законот за адвокатурата, гарантира за содржината на правниот акт. Имено дека списите ги содржи сите потребни елементи кои се неопходни за склучување на истите, дека нивната содржина ја инволвира волјата на странките, по кое се превземаат извршни и други дејствија, како втора фаза, од страна на извршител и други субјекти, што се всушност вклучени во нивната надлежност.
На овој начин, адвокатите согласно член 18 од Законот за адвокатурата ставаат свој потпис и печат на секоја исправа и поднесок, со што се гарантира дека содржината на правниот акт е во согласност со позитивната законска регулатива на Република Македонија. Ова дотолку повеќе што со Законот за адвокатурата се предвидува и одговорност за адвокатот за причинета штета на странките во случај на незаконски составен акт, на кој начин странките се заштитени и од одговорност за штета причинета од адвокатите. Оттука, не може да се прифати тврдењето во одлуката дека со оспорените законски решенија се повредувале основните права и слободи на човекот и граѓанинот, туку напротив, според моето мислење, истите на овој начин се заштитуваат и се обезбедува нивната правна сигурност во постапката пред извршител.
По однос на наводите во одлуката дека во оспорените законски одредби каде се врши определување кај кои правни лица има исклучок за обврска за задолжително составување на поднесоци од страна на адвокат, според моето мислење, не се основани и не е сторена повреда на член 9 од Уставот на Република Македонија, односно не се доведуваат наведените правни лица во привилегирана положба, како што се наведува во одлуката. Ова од причина што, според мене, не постои во овој случај дискриминација и доведување во нееднаква правна положба на останатите правни лица и граѓани од причина на што сите правни лица немаат ист-еднаков општествен статус од причина што не вршат иста дејност. Во случајов се работи само за правни лица кои вршат дејност од областа на финансиите, поради што имаат и различен, поинаков третман со Законот за извршување, од другите правни лица. Имено, не може да стане збор за нееднаквост, бидејќи за да има еднаквост во правата, правните и други лица треба да имаат и еднаков статус, што не е случај со конкретните оспорени законски одредби.
Од анализата на оспорениот закон, vis a vis одредбите од Уставот на кои се укажува во одлуката, мислам дека неосновани се тврдењата во одлуката за повреди на член 8 став 1 алинеи 1 и 3 и член 9 од Уставот, од причина што со присуството на адвокат во задолжително составување на правни акти е само во интерес на правната сигурност на граѓаните и на кој начин се обезбедува правна заштита на странките во постапката пред извршител. Имено, на овој начин, сите странки, учесници во постапката пред извршител се заштитени од правен аспект. Со задолжителното составување на правни акти од страна на адвокат е само и единствено во интерес и дополнителна заштита на правната сигурност на сите учесници во постапката пред извршител. Присуството на адвокатите во постапката пред извршител е со цел обезбедување правна помош од страна на адвокатурата на физички и правни лица во остварувањето и заштитата на нивните права и врз закон заснованите интереси во постапката пред органите во вршењето на јавно овластување утврдено со Законот за адвокатурата и друг закон. Оттука, целта за присуство на адвокатите односно задолжително составување на наведените правни акти во постапката пред извршител е обезбедувањето и давање на правна помош. Така, во член 3 од Законот за адвокатурата правната помош се состои во давање на правни совети, застапување во водење преговори и вршење услуги од областа на деловен бранител, составување на исправа за правни дела, составување на договори за основање, партнерство, се работи и слични акти во врска со основањето или работење на деловните субјекти, составување на поднесоци во судска и други постапки, застапување на странките пред судовите, државните органи, органите на единиците на локалната самоуправа и други правни и физички лица, одбрана на осомничените и обвинети лица и вршење на други работи на правна помош.
Во членот 4 од Законот за адвокатурата, се предвидува дека јавните овластувања и меѓу друго се состојат во вршење на правните работи, правно составување на исправи со изјава за потврда на факти, освен за залог за подвижни предмети и права и хипотека, потврдување на заклучоци на собранија на трговските друштва, здруженија на граѓани, фондации и други правни лица и заверување на адвокатско полномошно. Во ставот 2 на членот 4 од овој закон, се предвидува дека во вршењето јавни овластувања адвокатот остварува службени контакти и соработка со судовите, органите за внатрешни работи, други државни органи и организации или други институции кои вршат јавни овластувања и правни лица во текот на целото работно време.
Од анализата на содржината на наведените законски норми јасно произлегува дека оспорените членови од Законот за извршување кои предвидуваат задолжително составување на наведените правни акти од страна на адвокат и присуство на адвокат во постапката пред извршител, не е во спротивност со принципот на владеењето на правото, туку напротив истото е со цел обезбедување на правна сигурност на граѓаните. Ова дотолку повеќе што и во смисла на член 53 од Уставот, адвокатурата е независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши овластувања во согласност со закон. Во оваа смисла е и уредувањето на Законот за извршување и со цел обезбедување на правна помош на граѓаните во постапка пред извршител.
Исто така сметам дека истите оспорени одредби не се во спротивност со начелата на ефикасност и економичност во постапката, што е едно од основните начела за постапката кон што тежнее и целиот правосуден систем и истовремено ќе се намали бројот на судски постапки, со што ќе се остваруваат, односно побрзо реализираат побарувањата на доверителите. Според моето мислење, ова е и уредено и предвидено во меѓународните акти, односно со наведените оспорени одредби од Законот за извршување се врши поедноставување, забрзување на постапките со цел правилно функционирање на внатрешниот пазар, добро функционирање на постапките заради потребата од брза ефикасна наплата на неподмирените долгови, од причина што јасно е дека задоцнетото плаќање на долговите е причина за неликвидност која е опасност за опстанувањето на субјектите на пазарот. Оттука, сметам дека на овој начин како е уредено во оспорените одредби од Законот се овозможува решавање на проблемите со масовната наплата на неспорните побарувања, што е и основна цел на Законот.
Од друга страна во вршењето на јавното овластување државата го задржува правото да врши надзор над законитоста на работењето на субјектите на кого му е доверено тоа овластување. Според тоа, законодавецот поаѓајќи од уставните овластувања во смисла на член 53 од Уставот со цел заштита на правата на граѓаните ги овластува адвокатите, која дејност е независна јавна служба, да обезбедуваат правна помош и да вршат јавни овластувања во согласност со закон.
Оттука, не може да се прифати тврдењето во одлуката дека оспорените одредби од Законот се во спротивност со Уставот на Република Македонија, бидејќи со ваквото законско решение се овозможува поефикасно, поекономично и побрзо преземање на потребни дејствија во текот на извршната постапка пред овластен извршител.
Од наведените причини, а врз основа на изнесената анализа на уставните и законски одредби и силните аргументи за согласност на оспорените одредби со Уставот и околноста што Судот поведе постапка за оценување на уставност и законитост и со одлука ги укина наведените одредби од Законот за извршување, согласно член 25 став 6 од Деловникот на Судот го издвојувам своето мислење од донесената одлука за укинување на наведените одредби.
Судија на Уставниот суд на
Република Македонија,
Сали Мурати