У.бр.129/2016-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 24 јануари 2018 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 12 став 13 и член 20 став 1 точка „ѓ“ во делот: „и (13)“ од Законот за нотаријатот (”Службен весник на Република Македонија” број 72/2016 и 142/2016).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата поднесена од Нотарската комора на Република Македонија, со Решение У.бр.129/2016 од 1 ноември 2017 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 12 став 13 и член 20 став 1 точка „ѓ“ во делот: „и (13)“ од Законот за нотаријатот (”Службен весник на Република Македонија” број 72/2016 и 142/2016), затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 12 став 13 од Законот за нотаријатот, доколку нотарот од ставовите (8) и (9) на овој член, не го положи стручниот испит за проверка на знаењето во предвидените рокови, е должен најдоцна во рок од 30 дена од одржувањето на стручен испит за проверка на знаењето да плати казна од 3.000 евра во денарска противвредност на наменската сметка на Нотарската академија при Комората кои ќе се користат само за стручно оспособување на нотарите во рамките на Комората. По плаќањето на казната, нотарот се стекнува со право повторно да го полага стручниот испит за проверка на знаењето во рок од шест месеци по претходното полагање на стручниот испит за проверка на знаењето. Доколку нотарот не ја плати казната или повторно не го положи стручниот испит за проверка на знаењето истото е основ за поведување на постапка за разрешување согласно со член 20 став (1) точка ѓ) од овој закон.

Според член 20 став 1 точка ѓ) од Законот, нотарот ќе биде разрешен ако не го положи стручниот испит за проверка на знаењето во роковите утврдени во член 12 ставови (8), (9) и (13) од овој закон.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за нотаријатот се уредуваат организацијата на нотаријатот како јавна служба и неговите органи, постапката за именување и разрешување на нотарите, делокругот на работа и службените дејствија на нотарите, овластувањата на нотарите, составувањето на нотарски исправи, надзорот и дисциплинската одговорност на нотарите, како и други прашања кои се однесуваат на нотаријатот (член 1).

Според наводите во иницијативата, одредбата од член 12 став 13 од Законот не била во согласност со членот 14 од Уставот според кој, кое дело е казниво се утврдува со закон, а согласно Кривичниот законик (член 2), основа и граница на кривично-правната принуда била заштитата на слободите и правата на човекот и на другите основни вредности и примена на принуда само кога било нужно спречување на општествено-штетни дејствија. Како што било познато, според кривично-правната теорија и наука во законодавствата на државите, прифатени биле два вида на законски дефиниции на поимот казниво дело: според формалната дефиниција, казниво дело било она човечко поведение што со закон е прогласено како казниво дело, а според материјалната дефиниција, за да претставува казниво дело, покрај формалната забранетост, однесувањето на сторителот требало да биде општествено опасно дело.

Кривичниот законик на Република Македонија ја прифаќал (членовите 1 и 2) формално-материјалната дефиниција на казниво дело како општествено опасно-штетно дело. Се поставувало прашање дали „неположувањето на стручниот испит за проверка на знаењето“ било општествено-опасно штетно дејствие, за да се плати парична казна од 3000 евра во денарска противвредност.

Освен тоа, карактерот на оваа казна не бил јасно дефиниран во оспорената одредба, дали се работи за прекршок, кривично дело или дисциплинска повреда на службената должност, што не било во согласност со уставното начело на владеењето на правото кое подразбирало јасни и децидни правни норми.

Во однос на ваквите наводи во иницијативата, Судот го имаше предвид следното:

Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Од анализата на содржината на оспорениот член 12 став 13 од Законот, со која се предвидува казна за неположување на стручниот испит, произлегува дека неположувањето на стручниот испит за нотарите добива карактер на казниво дело, иако истото не е определено ниту како кривично дело, ниту како прекршок или како дисциплинска повреда на службената должност, како видови казниви дела во постојниот правен поредок, пропишани со закон. Дополнително, пропишаната казна е многу висока – 3.000 евра во денарска противвредност.

На нотарот кој нема да го положи стручниот испит, по плаќањето на казната, му се дава можност за повторно полагање на испитот. Тоа значи дека услов за повторно полагање на стручниот испит е претходно плаќање на паричната казна. Доколку нотарот не ја плати казната или повторно не го положи испитот, тоа е основ за поведување на постапка за негово разрешување согласно член 20 став 1 точка ѓ) од Законот.

Во таква ситуација, според Судот, основано се поставува прашањето дали неположувањето на стручниот испит на нотарот претставува такво општествено опасно дело за кое треба да се плати висока парична казна и дали ваквата казна може да биде оправдан инструмент за зголемување и подобрување на квалитетот на работата на нотарите.

Судот смета дека неположувањето на стручниот испит на нотарот не може да добие квалификација на казниво дело, односно дека не станува збор за дејствие кое по својата природа е општествено опасно и кое треба да биде санкционирано со парична казна. Последица од неположувањето на испитот е разрешување на нотарот, а плаќањето на парична казна во таква ситуација нема оправдување и не може да биде услов за стекнување на право за повторно полагање на стручниот испит, како услов за продолжување со вршењето на нотарската служба.

Оттука, според Судот, наведеното законско решение е непропорционално со целта која сака да се постигне, нема основ ниту според видот, ниту според висината на пропишаната казна и ваквата регулатива води кон повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Со оглед дека член 20 став 1 точка ѓ) во делот:„и (13)“ од Законот ја следи правната судбина на член 12 став 13 од Законот, Судот оцени дека натамошното опстојување на овој дел од одредбата би значел повреда на начелото на владеењето на правото.

Поради наведеното, Судот оцени дека член 12 став 13 и член 20 став 1 точка ѓ) во делот:„и (13)“ од Законот за нотаријатот не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

6. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точката 1 на оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.129/2016
24 јануари 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски