У.бр.81/2017-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија, член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 31 јануари 2018 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 169 став 4 во делот: „за утврдување и наплата на јавните приходи“ од Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2005, 81/2005, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 48/2010, 124/ 2010, 51/2011, 123/2012, 93/2013, 187/2013, 42/2014, 44/2015, 129/2015, 192/2015 и 39/2016).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по поднесена иницијатива на Игорчо Точев од Кочани, со Решение У.бр.81/2017 од 16 ноември 2017 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 169 став 4 во делот: „за утврдување и наплата на јавните приходи“ од Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2005, 81/2005, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 48/2010, 124/ 2010, 51/2011, 123/2012, 93/2013, 187/2013, 42/2014, 44/2015, 129/2015, 192/2015 и 39/2016). Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од Законот со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека во член 169 став 4 од Законот за животната средина се предвидува дека: „Во поглед на наплатата на пристигнатите неплатени износи на надоместоците, присилната наплата на надоместоците и трошоците за присилна наплата, каматата и роковите на застареност и враќањето на погрешно пресметаниот надоместок, соодветно се применуваат одредбите од Законот за утврдување и наплата на јавните приходи, освен доколку поинаку не е определено со овој закон“.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Членот 169 од Законот за животна средина предвидува дека:

(1) Наплатата на пристигнатите неплатени износи на надоместоците, утврдени врз основа на решенијата од членот 167 на овој закон, заедно со каматите кои им припаѓаат, ги врши банката кај која обврзникот врши платен промет.
(2) Наплатата од ставот (1) на овој член се врши со пренос на средствата од сметката на обврзникот на соодветната уплатна сметка во рамките на трезорската сметка,согласно со членот 162 став (4) од овој закон, врз основа на извршното решение на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина.
(3) Извршното решение од ставот (2) на овој член се спроведува со извршен налог на банката, за пренос на средствата од сметката на обврзникот.
(4) Во поглед на наплатата на пристигнатите неплатени износи на надоместоците, присилната наплата на надоместоците и трошоците за присилна наплата, каматата, роковите на застареност и враќањето на погрешно пресметаниот надоместок, соодветно се применуваат одредбите од Законот за утврдување и наплата на јавните приходи, освен доколку поинаку не е определено со овој закон.

Согласно член 180 од Законот за даночната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006) со денот на примената на овој закон престануваат да важат: Законот за утврдување и наплата на јавните приходи („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2001, 61/2002, 24/2003, 77/2003 и 19/2004), одредбите од членовите 44, 50, 57 и 58 на Законот за данокот на додадената вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/99, 55/99, 86/99, 11/2000, 8/2001, 21/2003 и 19/2004), членот 42 од Законот за данок на добивка („Службен весник на Република Маккедонија“ бр.80/93, 33/95, 43/95, 71/98, 5/97, 28/98, 11/2001, 2/2002, 44/2002 и 51/2003), одредбите од членовите 56, 91, 92, 93, 94, 136, 142, 143 и 143-а на Законот за пресонален данок на доход („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/93, 3/94, 70/94, 71/96, 28/97 8/2001, 50/2001, 2/2002, 44/2002 и 96/2004), членот 57 од Законот за акцизите („Службен весник на Република Македонија“ бр.32/2001, 50/2001, 52/2001, 45/2002, 98/2002, 24/2003 и 96/2004), одредбата на член 36 став 2 од Законот за концесии („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2002и 24/2003) и одредбата на член 26 став 5 од Законот за електронските комуникации („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2005).

Од наведеното произлегува дека Законот за утврдување и наплата на јавните приходи престанал да се применува со денот на примената на Законот за даночната постапка – 1 април 2006 година, што значи дека оспорениот член 169 став 4 од Законот за животна средина упатува на пропис кој воопшто не постои во правниот поредок, што според Судот, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, односно со принципот на владеењето на правото.

Имено, во конкретниот случај не станува збор за незначителен технички пропуст на законскиот текст, кој закон повеќе пати е менуван и дополнуван, но и понатаму оспорената одредба упатува на примена на непостоечки пропис, односно пропис кој не е дел од правниот поредок што доведува до правна несигурност, нејаснотии и забуни во практикувањето на правото за субјектите кои се засегнати со конкретната правна проблематика.

Од наведените причини, Судот оцени дека оспорениот дел од член 169 став 4 од Законот за животна средина, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно со принципот на владеењето на правото.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.81/2017
31 јануари 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски