У.бр.49/2017-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 февруари 2018 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.144/2014).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Игорчо Точев од Кочани со Решение У.бр.49/2017 од 5 јули 2017 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.144/2014). Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од Законот со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека членот 15 од оспорениот закон предвидува дека во членот 79 во ставот (3), зборовите: „став (5)“ се заменуваат со зборовите: „став (6)“.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Членот 51 од Уставот предвидува дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Членот 79 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005, 13/2007, 165/2008, 146/2009, 18/2011, 51/2011 и 27/2014), предвидува:

(1) Правото на користење на градежно земјиште во државна сопственост во целост или во дел може да престане по барање на корисникот на градежното земјиште.
(2) По барање на лице кое има правен интерес, правото на користење на градежното земјиште во државна сопственост во целост или во дел може да престане со согласност на корисникот на градежното земјиште.
(3) Престанокот на правото на користење градежно земјиште од ставовите (1) и (2) на овој член се утврдува со решение на органот на државната управа надлежен за имотно-правни работи.
(4) Правото на користење на градежното земјиште од членот 14 (став 6) од овој закон престанува со решението на органот на управата надлежен за имотно-правните работи со кои се врши приватизација на градежното земјиште на кое барателот има изградено објект со правна основа.
(5) Против решението од ставот (3) на овој член може да се изјави жалба во рок од 15 дена до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Со измените во Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште во државна сопственост објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.154/2014 од 30 септември 2014 година, во кој е содржан оспорениот член 15 од Законот, се предвидува:

„Во членот 79 во ставот 3, зборовите: „став (5)“ се заменуваат со зборовите: „став (6)“.

Од цитираната содржина на членот 79 од основниот текст на Законот, произлегува дека тој има вкупно (5) става и во ставот (3) кој претрпел измена со оспорениот член 15 од Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, егзистираат зборовите ставовите (1) и (2), а никаде не се споменува зборот став (5), на што основано се укажува во иницијативата во која оваа одредба се оспорува од аспект на принципот на владеењето на правото.

Владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, подразбира дека во правниот поредок треба да егзистираат само јасни , прецизни и недвосмислени норми. Во случај кога тие во себе содржат некакво повикување, упатување на друга норма, таа неминовно мора да е дел од правниот поредок за да таквото уредување претставува една логична, правно-функционална целина, што не е случај со оспорениот член 15 од оспорениот закон. Со оглед на тоа што оспорениот член 15 од Законот содржи повикување на ставот 6 од членот 79 од Законот, кој не постои во правниот поредок Судот оцени дека членот 15 од оспорениот закон не е во согласност со темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија предвиден во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните како нејзин составен дел.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.49/2017
7 февруари 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски