У.бр.130/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 февруари 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 48 став 5 алинеја 2, од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015, 5/2016 и 142/2016).

2. Верче Божиновска од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 48 став 5 алинеја 2 во делот „непосредно“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорениот дел од член 48 став 5 алинеја 2 од Законот за административни службеници, се ограничувало правото на вработените во една институција да учествуваат како баратели, односно кандидати на интерен оглас за унапредување на одредено работно место во таа институција, бидејќи тоа право им било дозволено само на оние кои биле вработени исклучиво на работното место на непосредно пониското ниво од работното место за кое бил објавен интерниот оглас, а не можеле да учествуваат вработeните од сите пониски нивоа. Од овие причини со иницијативата се бара Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на член 48 став 5 алинеја 2 во делот „непосредно“ од Законот за административни службеници, како несогласен со член 32 став 2 од Уставот, кој се однесува на правото дека секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, и како несогласен со членот 51 од Уставот, според кој законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

3. Судот на седницата утврди дека со член 48 став 5 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, 199/2014, 48/2015, 154/2015, 5/2016 и 142/2016) било предвидено: „На интерниот оглас може да се јави административен службеник, вработен во истата институција, кој ги исполнува општите и посебните услови за пополнување на работното место пропишано за соодветното ниво во овој закон и во актот за систематизација како и:

– да е оценет со оцена „А“ или „Б“ при последното оценување,
– да е на работно место кое согласно актот за систематизација е на непосредно пониско ниво од работното место за кое е објавен интерниот оглас,
– да поминал најмалку две години на тековното работно место и
– да не му е изречена дисциплинска мерка во последната година пред објавувањето на интерниот оглас“.

4. Според член 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македнија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Законот за изменување и дополнување на Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2018) кој е објавен на 18 јануари 2018 година, а влегол во сила осмиот ден од денот на објавувањето, односно на 26 јануари 2018 година, со членот 15 ја изменил алинејата 2 на ставот 5 од членот 48 од Законот, и оваа одредба добила нова содржина, која е поинаква од оспорената одредба од Законот.

Од вака утврдената фактичка и правна состојба, произлегува дека во правниот поредок повеќе не егзистира одредбата од Законот која се оспорува со иницијативата, односно таа има нова нормативна содржина, поинаква од оспорената законска одредба и согласно наведената деловничка одредба се настапени условите за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.130/2016
14 февруари 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд Република Македонија
Никола Ивановски