У.бр.21/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992,) на седницата одржана на 7 февруари 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/2015).

2. Давид Неделков од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на целината на Законот означен во точката 1 на ова решение.

Подносителот во иницијативата посебно се осврнува на неколку членови од оспорениот закон (членовите 6, 16, 25, 32 и 42) за кои смета дека се нејасни и конфузни наведувајќи ги причините за тоа. Во однос на целината на Законот, во иницијативата се укажува дека тој бил во спротивност со членот 105 од Уставот на Република Македонија.

Од овој член на Уставот произлегувало дека Судскиот совет е единствен орган кој е надлежен да решава за дисциплинската одговорност на судиите, така што било нејасно и неразбирливо од каде законодавецот го црпел правниот основ за донесувањето на овој противуставен закон. Извршната и законодавната власт со изготвувањето и изгласувањето на овој закон противуставно задирале во независноста на судот како една од трите независни власти која е загарантирана со Уставот на Република Македонија и му овозможувале монополска, а со самото тоа и манипулирачка улога на Советот. Советот имал за задача и цел да врши дополнителна контрола на работата и донесувањето одлуки на судиите, па за да ја оправда својата зададена улога и моќ, и покрај препораките на Венецијанската комисија, тој повел неколку постапки против судии во Врховниот суд и претседателот на Врховниот суд за донесени одлуки. Врховниот суд имал посебна улога во судската власт согласно Уставот и позитивните законски норми, а судиите на Врховниот суд и претседателот на Врховниот суд како функција која се наоѓа на врвот од пирамидата на третата власт, уживале посебна почит и углед во правниот, општествениот и политички систем. Одлуките на Врховниот суд како конечни никој немал право да ги корегира, така што во никој случај судиите, посебно не судиите на Врховниот суд, не би можеле да сносат одговорност за донесените одлуки, од каде што произлегувало дека основот за поведувањето на ваквите постапки бил противуставен. Ваквиот став бил во согласност со препораките на Венецијанската комисија како највисоко европско советодавно тело за легислатива кое советува дека “судијата не смее да сноси лична одговорност доколку неговата одлука биде изменета или биде предмет на обжалување”. Во однос на самиот Закон, Венецијанската комисија предупредила дека: “постои ризик Советот за факти де факто да го замени Судскиот совет во прашања на дисциплинска одговорност на судиите, што го покренува прашањето на компатибилноста на новата институција со сегашниот член 105 од Уставот на Република Македонија, кој му доверува на Судскиот совет и на никој друг да има моќ да решава за дисциплинската одговорност на судиите, па затоа Комисијата го потврдува својот предлог за укинување на законот за Советот за факти, да се врати претходниот систем за покренување дисциплинска постапка со истовремено вградување на механизми за спречување на судир на интереси”.

По однос на ова прашање, подносителот наведува дека Владата на Република Македонија изготвила Предлог-закон уште во средината на 2016 година за укинување на оспорениот закон, но и покрај правото како предлагач да му предложи на Собранието да расправа по предлог законот во скратена постапка, таа тоа не го направила. Подносителот смета дека Владата го изготвила Предлог-законот паушално, колку да го задоволи предлогот на Венцијанската комисија, но дека во суштина целта била да му се даде предност и можност на Советот да покрене нови постапки против судии, во најголем дел неосновани.

Во иницијативата се наведува дека оспорениот закон бил спротивен и на меѓународните конвенции кои ги прифатила Република Македонија, како што се Европската конвенција за човекови права која го гарантира правото на правична судска постапка од страна на “независен, непристрасен и воспоставен со закон”. Поимот “независен” означувал дека само судот може да носи обврзувачки одлуки кои не смеат да бидат изменети од несудска власт (извршна и законодавна власт). Судиите морало да имаат потполна слобода во одлучувањето во согласност со нивната свест и нивното толкување на фактите, а истовремено да постапуваат согласно законските норми, а тоа се доведувало во прашање со оспорениот закон.

Во начелото 33 од Брионската изјава за начелата на независност на судството било наведено дека законодавната и извршната власт со која може да се влијае врз судиите при вршењето на нивната должност, врз нивниот надоместок или условите или нивните ресурси, не смее да се користи на начин со кој ќе се упати закана или изврши притисок врз одреден судија, одредени судии или судството како целина, додека пак Начелото 22 предвидувало дека ниту еден судија не треба да биде предмет на дисциплинска постапка, ниту разрешен од својата функција поради работни активности што тој ги извршувал како судија, освен во случај на крајна небрежност во вршењето на неговата служба или намерно непридржување до законот.

За подносителот на иницијативата бил крајно загрижувачки и фактот што Република Македонија има висока бројка на разрешувања на судии, споредбено со останатите европски земји. Како за пример, во перидот од 2007 до 2014 година, биле иницирани 63 постапки, од кои 44 завршиле со разрешување на судии (изразено во проценти тоа е 69 % од иницираните постапки), бројка која е фрапантна во однос на големината на нашата земја и бројот на судии. За споредба, во Европа во 2012 година, 44 судии биле разрешени во 44 земји. Од наведеното подносителот заклучува дека Совет за утврдување на факти имал единствено за цел да изврши притисок врз судството како целина преку разрешувањето на судиите и покрај тоа што во законот била предвидена и дисциплинска мерка, што во практиката речиси никогаш не било средство за утврдување одговорност на судијата.

На крајот на иницијативата подносителот заклучува дека Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија бил спротивен на членот 105 од Уставот на Република Македонија и на меѓународните конвенции со кои се гарантира независност во работата на судиите, дека сите постапки кои биле спроведени или би биле во иднина спроведени од Советот за факти биле противуставни, поради што со иницијативата предлага Уставниот суд да донесе решение со кое ќе ја прифати иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија и со одлука истиот во целост ќе го поништи.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност на судија бил донесен на 11 февруари 2015 година и објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015. Законот се состои од 53 члена.

Според членот 1 од Законот, со овој закон се уредуваат постапката за изборот на Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија (дисциплинска постапка и постапка за нестручно и несовесно работење, согласно закон), начинот на остварување на неговите функции, изборот, престанокот, одлучувањето и други прашања поврзани со работата на Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија.

Во натамошните одредби на Законот се уредуваат целите, статусот и печатот на Советот (членови 2-5), составот и претседателот на Советот (членови 6-8), постапката за избор на членови на Советот (членови 9-27), службата за стручно помошно-технички работи на Советот (член 28), финансирање и средства за работа на Советот (членови 29–31), надлежноста, организацијата и начинот на работа на Советот (членовите 32–51) и преодни и завршни одредби (членови 52 и 53).

4. Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 11 јануари 2018 година го донесе Законот за престанување на важењето на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност за судија („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2018).

Согласно членот 1 на овој закон, со овој закон престанува да важи Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/15).

Според членот 3 на Законот, овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

5. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Законот за престанување на важењето на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност за судија бил објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2018 од 18 јануари 2018 година.

Од наведеното произлегува дека оспорениот Закон за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност за судија престанал да важи со денот на објавувањето на Законот за престанување на важењето на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност за судија, односно на 18 јануари 2018 година, од кој датум тој не е веќе во правниот поредок. Врз основа на тоа Судот утврди дека не постојат процесни претпоставки за одлучување по иницијативата, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.21/2017
07.02.2018 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски