Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 7 февруари 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на: член 44 став 8, член 49 став 1, член 50 став 1, член 56 став 4, член 80 став 5, член 95 ставови 1 и 2 во делот „обука“ од Законот за јавно обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007 и 111/2008) и
– Член 2 во делот “обука на” од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр. 111/2008).
2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точката 1 од ова решение.
Во наводите на иницијативата се цитираат оспорените одредби од Законот за јавно обвинителство со образложение дека во делот „обука на“ овие одредби не биле конзистентни со Законот за Академија за судии и јавни обвинители (“Службен весник на Република Македонија” број 20/2015, 192/2015 и 231/2015) и од тие причини не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.
Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители (“Службен весник на Република Македонија” број 13/2006) како што се наведува во иницијативата, престанал да важи со влегувањето во сила на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители (“Службен весник на Република Македонија” број 88/2010, 166/2012 и 26/2013), а овој пак закон престанал да важи со влегувањето во сила на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители (“Службен весник на Република Македонија” број 20/2015, 192/2015 и 231/2015). Според наводите во иницијативата со овој закон се уредувало работењето на Академијата за судии и јавни обвинители како јавна установа за прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, континуирана обука и унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители, континуирана обука на стручните служби во судството и јавното обвинителство, обука на субјектите кои учествуваат во спроведување на законите од областа на правосудството, вршење на аналитичка дејност од областа на правосудната теорија и практика, органите на управувањето и финансирањето на Академијата.
Во иницијативата е наведено дека неконзистентноста на овие одредби со оспорените одредби од Законот за јавно обвинителсто („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007 и 111/2008) се однесувала во однос на називот на Академијата, кој бил утврден во законот кој бил во правниот промет.
Понатаму, во иницијативата се оспорува членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија“бр. 111/2008) од причина што во член 95 став 1 кој претрпел измени и дополнувања останал називот „Академија за обука на судии и јавни обвинители“ и истиот упатувал на примена на одредба од пропис кој повеќе не бил дел од правниот поредок од една страна, а од друга страна во правото суштествувала одредба која била беспредметна од причина што својството на кандидатите за јавни обвинители согласно Законот за јавно обвинителство било стекнато 2011 година, па оттука, постоењето на наведените одредби во правниот промет можело да доведе до забуна во операционализацијата на Законот, кое нешто не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Тоа, дотолку повеќе што во правниот поредок се применувал нов пропис, а тоа бил Законот за Академијата за судии и јавни обвинители кој бил објавен во “Службен весник на Република Македонија” број 20/2015 година, со изменување и дополнување на тој закон, објавени во “Службен весник на Република Македонија” 192/2015 и 231/2015 година кои во себе како пропис не ја предвидувале „Академијата“ како „Академија за обука на судии и јавни обвинители“ туку со тој закон се основала „Академија за судии и јавни обвинители“ како јавна установа кое произлегува од основната содржина на членот 1 од тој закон.
Поради наведените причини, подносителот на иницијативата предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените делови од одредбите и оспорениот член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија“бр. 111/2008) и истите да ги укине.
3. Судот на седница утврди дека согласно член 44 став 1 од Законот за јавно обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007 и 111/2008) за јавен обвинител може да биде именувано, односно избрано лице кое ги исполнува следниве услови: да е државјанин на Република Македонија, активно да го владее македонскиот јазик, да е работоспособен и да има општа здравствена способност, да има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник во Република Македонија или нострифицирана диплома од странство и да има положено правосуден испит во Република Македонија…(став 1). Додека согласно ставот 8 од истиот член, за јавен обвинител во основно јавно обвинителство може да биде избрано лице кое покрај условите од ставот 1 на овој член има завршено обука во Академијата за обука на судии и јавни обвинители (оспорен став 8).
Во членот 49 став 1 од овој закон, е уредено дека Јавниот обвинител може да биде едукатор или да држи предавања на Академијата за обука на судии и јавни обвинители, да изведува настава на високообразовните институции од јавнообвинителската област и да учествува во научни и стручни проекти од таа област.
Според член 50 став 1 од истиот закон, на јавен обвинител именуван или избран за член на Советот на јавни обвинители или за судија или обвинител во меѓународна правосудна институција, судија на Уставниот суд на Република Македонија или директор на Академијата за обука на судии и јавни обвинители на Република Македонија, функцијата јавен обвинител му мирува за време на вршење на должноста за која е именуван или избран.
Согласно член 56 став 4 од Законот за јавното обвинителство, на јавен обвинител кој посетува постдипломски студии на право и на специјалистички студии на право во државата и во странство, а кои не може да ги оствари во рамките на Академијата за обука на судии и јавни обвинители може да му се додели стипендија.
Според член 80 став 5 од овој закон, кандидат за јавен обвинител со завршена обука во Академијата за обука на судии и јавни обвинители до изборот за јавен обвинител се распоредува на работа во јавното обвинителство каде што ја вршел практичната обука со звање виш јавнообвинителски советник (оспорен став 5).
Согласно член 95 став 1 од Законот, до првото стекнување на својство на кандидати за јавни обвинители согласно со Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители, јавните обвинители во основните јавни обвинителства ќе се избираат согласно со условите од членот 34 ставови 1 и 2 од Законот за јавното обвинителство (“Службен весник на Република Македонија” број 38/2004). Според ставот 2 на овој член, во период од три години по денот на првото стекнување на својство на кандидати за јавни обвинители согласно со Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители, Советот на јавни обвинители на Република Македонија 50 проценти од утврдените слободни обвинителски места во основните јавни обвинителства ќе ги пополнува со лица кои ги исполнуваат условите за заменик јавен обвинител во основно јавно обвинителство согласно со членот 34 ставови 1 и 2 од Законот за Јавното обвинителство (“Службен весник на Република Македонија” број 38/2004) и кои не ја посетувале почетната обука во Академијата.
Според член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр. 111/2008), во членот 95 ставот 1 се менува и гласи: “До првото стекнување на својство на кандидати за јавни обвинители согласно со Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители, јавните обвинители во основните јавни обвинителства ќе се избираат согласно условите од член 34 став 1 од Законот за Јавното обвинителство (“Службен весник на Република Македонија” број 38/2004) и да имаат работно искуство со потврдени резултати по положениот правосуден испит на правни работи од над три години.” Во ставот 2 зборовите: “членот 34 ставови 1 и 2“ од Законот за Јавното обвинителство (“Службен весник на Република Македонија” број 38/2004) се заменуваат со зборовите: “ставот 1 на овој член“.
4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Според член 1 од Законот за јавното обвинителство обвинители („Службен весник на Република Македонија“ број 150/2007 од 12 декември 2007 година), со овој закон се уредуваат надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство, основите и постапката за именување и разрешување на jавниот обвинител на Република Македонија, основите за престанок на функцијата jавен обвинител на Република Македонија, основите за избор и разрешување на јавните обвинители, основите за престанок на функцијата јавен обвинител, како и други прашања во врска со работата на јавното обвинителство.
Согласно член 4 ставови 1 и 2 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ број 20/2015 од 12 февруари 2015 година), Академијата има својство на правно лице и седиштето на Академијата е во Скопје. Додека согласно членот 5 ставови 1 и 2 од истиот закон, основен акт на Академијата е Статутот и со Статутот се уредуваат: називот, внатрешната организација и начинот на вршењето на дејноста на Академијата.
Со иницијативата се оспоруваат: „член 44 став 8, член 49 став 1, член 50 став 1, член 56 став 4, член 80 став 5, член 95 ставови 1 и 2 во делот „обука“ од Законот за јавно обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007 и 111/2008) и член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр. 111/2008), во делот: “обука на” од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, бидејќи од објавените службени весници кои се однесувале на прописот кој претходел на актуелниот Закон за Академијата за судии и јавни обвинители, тие не биле дел од содржината на називот на Академијата, кој бил утврден во Законот кој бил во правниот промет, а кој е наведен во оспорените членови на Законот за јавното обвинителство и што можело да доведе до забуна во операционализацијата на овој закон, кое нешто не било во согласност со уставниот принцип на владеењето на правото.
Првиот закон кој ја регулираше материјата за работењето на Академијата за судии и јавни обвинители како јавна установа за прием и стручно усовршување на кандидатите за судии и јавни обвинители, чија суштинска цел претставува континуирана обука и унапредување на стручноста на судиите и јавните обвинители, како и на субјектите кои учествуваат во спроведување на законите од областа на правосудството, беше Законот за Академија „за обука“ на судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ број 13/2006).
Погоре наведениот закон престанал да важи со донесувањето на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ број 88/2010, 166/2012 и 26/2013), но и овој закон престанал да важи со донесувањето на „сега актуелниот“ Закон за Академијата за судии и јавни обвинители (“Службен весник на Република Македонија” број 20/2015, 192/2015 и 231/2015).
Законодавецот при уредувањето на содржината на: член 44 став 8, член 49 став 1, член 50 став 1, член 56 став 4, член 80 став 5, член 95 ставови 1 и 2 во делот „обука“ од Законот за јавно обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007 и 111/2008) и член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија“бр. 111/2008), во актуелниот закон во називот ги навел и зборовите “обука на”, кои oчигледно од цитираните службени весници во кој бил објавен основниот текст на Закон за Академијата за судии и јавни обвинители (“Службен весник на Република Македонија” број 20/2015) како и подоцнежните негови измени и дополнувања, наведените зборови „обука на“ во називот, не стојат. Тие зборови стоеле во називот на прводонесениот закон од оваа област, кој гласеше Закон за Академија за обука на судии и јавни обвинители („Службен весник на Република Македонија“ број 13/2006).
Во конкретниот случај, станува збор за очигледна терминолошка неусогласеност, која по оценка на Судот, не е од влијание во однос на правната сигурност на граѓаните, односно не може да предизвика забуна во однос на правилната примена на оспорените одредби од Законот за јавното обвинителство. Ова дотолку повеќе што од наведените службени весници број 88/2010, 166/2012 и 26/2013 (каде бил објавен прописот, како и неговите измени и дополнувања), јасно произлегува на кој закон се однесува уредувањето во оспорените членови од Законот за јавното обвинителство.
Подносителот со иницијативата бара, Уставниот суд, преку уставните механизми, да изврши корекција на цитираниот закон, со укинување на оспорениот дел: “обука на” содржани во оспорените членови во иницијативата од Законот за јавното обвинителство. Меѓутоа, тоа е во надлежност на законодавецот кој ги креира прописите, ги менува и дополнува, а воедно преку своите механизми, врши и технички исправки и корекции на прописите кои ги донесува.
Имајќи ги предвид утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 на Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата, со оглед дека наводите се сведуваат на барање за постапување кое е во надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.
У.бр.119/2016
07.02.2018 г.
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски