У.бр.71/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 февруари 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на висината на надомест за приклучок на објект на водоводна мрежа, бр.0202-298 од 27.04.2012 година, донесена од Управниот одбор на Јавното претпријатие за комунални дејности „Маврово“ од Маврови Анови.

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука која била донесена од Јавното претпријатие за комунални дејности „Маврово“од Маврови Анови, не била објавена во „Службен гласник на Општина Маврово и Ростуше“, а со тоа бил повреден член 52 став 1 од Уставот, според кој законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Во иницијативата, исто така се наведува дека оспорената одлука немала согласност од Општината која го основала наведеното јавно претпријатие, и со тоа биле повредени членот 7 став 3 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на отпадни води („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2004, 28/2006, 103/2008, 17/2011, 54/2011, 163/2013, 10/2015, 147/2015 и 31/2016) и членот 11 точка 5 од Законот за јавните претпријатија („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1996, 6/2002, 40/2003, 49/2006, 22/2007, 83/2009, 97/2010, 6/2012, 119/2013, 41/2014, 138/2014, 25/2015, 61/2015 и 39/2016).

Поради наведеното, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, а потоа и да ја поништи, но до конечното одлучување, Судот да донесе и решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука.

3. Судот на седницата утврди дека Јавното претпријатие за комунални дејности „Маврово“ од Маврови Анови, ја донело оспорената одлука бр.0202-298 од 27.04.2012 година, со која било определено во членот 1 дека со оваа одлука се утврдувала висината на надомест за приклучок на објект на водоводна мрежа со кој стопанисувало ова јавно претпријатие. Во членот 2 било детално определено кој надомест се плаќал за различни видови приклучок според профилите на инсталацијата за водоводната мрежа, а во членот 3 било утврдено дека приклучувањето се вршело на барање на странката и начинот на наплата за извршената услуга. Во членот 4 било утврдено дека исклучените корисници на водоводната мрежа можеле повторно да се приклучат по плаќање на неподмирениот долг, со можност и на плаќање на рати. Во членот 5 од Одлуката било утврдено дека истата влегува во сила со денот на донесувањето од страна на Управниот одбор на Јавното претпријатие, а во членот 6, дека со донесување на оваа одлука престанала да важи поранешната Одлука за утврдување на цените за вода од 23.09.2009 година.

4. Според член 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијтивата.

Јавното претпријатие за комунални дејности „Маврово“ од Маврови Анови, донело Одлука за утврдување на висината на надомест за приклучок на објект на водоводна мрежа, бр.0202-408/2 од 20.06.2017 година, на која Советот на Општината Маврово и Ростуше, дало Согласност бр.08-231/3 од 20.09.2017 година. Во членот 5 од Одлуката, било утврдено дека оваа одлука влегува во сила со денот на нејзиното донесување, а во членот 6 од Одлуката било утврдено дека со влегувањето во сила на оваа одлука, престанува да важи Одлуката за утврдување на цените за вода бр.0202-298 од 27.04.2012 година.

Од вака утврдената фактичка состојба произлегува дека оспорената Одлука број.0202-298 од 27.04.2012 година престанала да важи и веќе не е во правниот поредок, поради што согласно наведената деловничка одредба се настапени условите за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување.

Имајќи ја во предвид утврдената правна и фактичка состојба произлегува дека во случајов не се исполнети условите за донесување на времена мерка согласно членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.71/2017
7 февруари 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски