Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 31 јануари 2018 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на цени за чистење на снег на локални патишта и улици во зимскиот период на ЈПКД „МАВРОВО“ од Маврови Анови, бр.08-363/7 од 26.12.2016 година, донесена од Советот на Општина Маврово и Ростуше („Службен гласник на Општина Маврово и Ростуше“ бр.12/2016).
2. Милена Давидовска од Гостивар, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одлука не била во согласност со член 9 ставови 1 и 2 од Уставот, од причина што се кршело уставното начело на недискриминација на начин што само за оние лица кои имале викендици во с.Маврово, односно за оние кои не биле жители на општината, биле задолжени да го плаќаат надоместокот (две цени за иста намена и тоа 600,00 денари и 2.450,00 денари, без да се наведат критериумите и параметрите).
Во иницијативата е наведено дека со вака донесената одлука биле повредени член 7, член 18 и член 20 од Законот за облигациони односи, од едноставна причина што за настанување на должничко- доверителски однос била потребна согласност на волјата на двете страни, додека во конкретниот случај без никаква волја од страната на подносителот на иницијативата било донесено решение за чистење на снег и за наплата на истото.
Понатаму во иницијативата се наведува дека тие како сопственици на викенд куќа во ниеден момент немале потпишано било каков договор со ниту едно претпријатие за чистење на снег и сметаат дека е тоа дел од обврските на самата Општина Маврово и Ростуше. Во иницијативата е наведено оспорената одлука да биде укината во што покус можен рок.
3. Судот на седница го утврди текстот на оспорениот акт кој е донесен врз основа на член 11, став 1, точка 6 од Законот за Јавни Претпријатија („Сл.Весник на РМ бр.38/96), а во согласност со член 62, став 1 од Законот за локална самоуправа („Сл.Весник на РМ бр.05/2002) и член 25, став 1, точка 5 од Статутот на Општина Маврово и Ростуша /пречистен текст Сл.Гласник бр.03/2015 година/, Во согласност со Предлог-Одлуката бр.0202-604/3 од 04.10.2016 година донесена од страна на УО на ЈПКД Маврово.
Советот на Општина Маврово и Ростуше на седницата одржана на ден 26.12.2016 година, ја донесе следната
О Д Л У К А
За утврдување на цени за чистење на снег на локални патишта и улици во зимскиот период на ЈПКД „МАВРОВО“ од Маврови Анови
Член 1
Со оваа Одлука се утврдуваат цените на услуги за чистење на снег на локални патишта и улици во зимскиот период кога има снег и тоа во Декември, Јануари и Февруари во континуитет.
Износот на надоместокот е 600,00 денари линеарно за секоја викенд куќа.
За секоја дополнителна услуга за индивидуално чистење ќе се наплатува по 2.450,00 денари по барање на корисникот.
Член 2
Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во Службен гласник на Општина Маврово и Ростуша.
Совет на Општина Маврово и Ростуше
П р е т с е д а т е л
Неџат Исмаили
4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија,Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр. 70/2017 од 20 декември 2017 година која е објавена во („Службен весник на Република Македонија“ бр. 193/2017), ја укина оспорената одлука. Во оваа одлука Судот утврди: „ дека „комуналната дејност – одржување на јавна чистота во градски и други населби под кое се подразбира чистење на јавни и сообраќајни површини, одржување на пешачки патеки, детски игралишта, отворени одводни канали, кејови, како и чистење на снегот во зимски услови, можат да ја вршат јавни претпријатија за комунални дејности основани од општините кои како даватели на услугите се овластени да ја утврдуваат висината на цената и начинот на плаќањето на оваа комунална услуга и тоа по претходна согласност на основачот.
Од содржината на оспорената одлука јасно произлегува дека висината на цената на комунална услуга ја утврдува Советот на Општината, а не ЈПКД „Маврово“ од Маврови Анови, како што предвидува Законот, со што се повредуваат законските одредби на членот 11 став 6 од Законот за јавните претпријатија. Имено, во овој случај Советот на Општината треба да даде само согласност, а не и да ја утврди висината на цената на комуналните услуги.
Понатаму, според Судот, од содржините на оспорената одлука неоспорно произлегува дека со истата се создаваат обврски само за ВИКЕНД КУЌИТЕ, но не и за другите индивидуални или хотелски објекти, кои, исто така, се корисници на наведените локални патишта и улици. Со ваквиот начин на утврдување на цените, се повредува принципот на еднаквост на граѓаните што не е во согласност со членот 9 од Уставот на Република Македонија, според кој сите граѓани во Република Македонија се еднакви пред Уставот и законите, бидејќи во случајов станува збор за еден вид на комунална услуга – одржување на јавна чистота – чистење на снегот во зимски услови, во интерес на урбаното живеење на сите корисници еднакво во рамките на законските критериуми ќе треба да го понесат финансискиот товар на надоместокот, а не само ВИКЕНД КУЌИТЕ, како што определува оспорената одлука.
Од наведеното, Судот оцени дека оспорената одлука основано може да се доведе под сомнение во однос на член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот на Република Македонија, како и со член 24, член 25 и член 29 алинеја 8 од Законот за комунални дејности, како и со одредбите од Законот за јавна чистота.
Поради наведените аргументи Судот утврди дека во случајов се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за донесување на решение за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија, донесени односно преземени врз основа на оспорената одлука, бидејќи со тоа би можело да настанат тешко отстранливи последици.“
Оттука, имајќи предвид дека Уставниот суд по предметот У.бр.70/2017 веќе ја укинал оспорената одлука и истата не е повеќе во правниот поредок, Судот оцени дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и се исполнети условите за отфрлање на истата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, и Владимир Стојаноски.
У.бр.51/2017
31.01.2018 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски