У.бр.147/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 31 јануари 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членoт 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за архивски материјал („Службен весник на Република Македонија“ бр.148/2015).

2. Дарко Јаневски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува: „Од самиот член веднаш може да се забележи дека интенцијата на законодавецот била да додаде нов член 3, но во Законот за архивски материјал („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2012) веќе постои член 3 со кој се утврдува значењето на одделни поими утврдени во истиот закон односно дефинициите на истите.“ … „Во таа смисла, доколку интенцијата на законодавецот била да го измени истиот член, од номотехничка (јазична) гледна точка, истиот би ги употребил зборовите членот 3 се менува и гласи, но од самиот текст на членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за архивски материјал („Службен весник на Република Македонија“ бр.148 од 31.08.2015 година), веднаш може да се забележи интенцијата на законодавецот била да додаде нов член во основниот текст на Законот за архивски материјал. Од формално-правна гледна точка, како што гласи моментално членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за архивски материјал („Службен весник на Република Македонија“ бр.148 од 31.08.2015 година), моментално има два члена 3, со два различни текста, и тоа еден од основниот текст, а другиот е од Законот за изменување и дополнување на Законот за архивски материјал, и кога ќе се повика некој на членот 3, тука се поставува прашањето кој од двата текста има приоритет во однос на повикување и на кој член 3 се мисли, како што гласи во основниот текст од Законот за архивски материјал или се мисли на текстот на измените и дополнувањата на истиот закон? Токму од тие причини, и забуната што настанува од истото, граѓаните се доведуваат во правна несигурност, а со тоа членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за архивски материјал („Службен весник на Република Македонија“ бр.148 од 31.08.2015 година) е во директна спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, односно владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија. Исто така членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за архивски материјал („Службен весник на Република Македонија“ бр.148 од 31.08.2015 година) е во спротивност и со членот 51 од Уставот на Република Македонија. Според тоа, членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за архивски материјал („Службен весник на Република Македонија“ бр.148 од 31.08.2015 година) не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија.“

3. Судот на седницата утврди дека членот 3 од наведениот закон гласи: „По член 2 се додава нов член 3, кој гласи:

„Член 3
Одмерувањето на глобата ќе се врши согласно Законот за прекршоците.“

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законските одредби со уставните норми. Од наведената одредба на Деловникот на Уставниот суд, пак, произлегува дека за барањето кое не е во надлежност на Уставниот суд, Судот ќе одлучи со отфрлање на иницијативата.

Во конкретниот случај, со иницијативата се проблематизира нормативната техника применета во членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за архивски материјал („Службен весник на Република Македонија“ бр.148/2015), а не содржината на наведената законска одредба во однос на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Имајќи предвид дека според член 110 алинеја 1 од Уставот Уставниот суд одлучува за согласноста на законските одредби со уставните одредби според нивната содржина, Судот оцени дека иницираното прашање излегува надвор од надлежноста на Уставниот суд, поради што утврди дека се исполнети условите определени во член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.147/2017
31 јануари 2018 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски