У.бр.139/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 21 февруари 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 112 став 2 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 124/2015)

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека според член 112 став 2 од Законот за општата управна постапка, кога второстепениот орган нема да го реши предметот во рамки на рокот од ставот (1) на овој член, странката има право да поведе управен спор.

Меѓутоа, согласно член 22 став 1 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2006 и 150/2010), ако второстепениот орган во рок од 60 дена или во пократок рок определен со посебен пропис не донел решение по жалбата на странката против првостепеното решение, а не го донесе ниту во рок од седум дена по повторното барање, странката може да поведе управен спор како да е одбиена жалбата.

Од наведеното можело да се заклучи дека оспорената одредба од Законот за општата управна постапка во практика била неспроведлива, затоа што не бил исполнет законскиот услов од членот 22 став 1 од Законот за управните спорови, бидејќи пред да се поведе управен спор, неопходно било да се поднесе и повторно барање до второстепениот орган и дури по истекот на рокот од седум дена од поднесувањето на повторното барање да се поведе управен спор. Тоа значело дека оспорената законска одредба не била усогласена со член 22 став 1 од Законот за управните спорови.

Според тоа, оспорената законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, поради што се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на член 112 став 2 од Законот за општата управна постапка и истиот да го укине или поништи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 112 став 2 од Законот за општата управна постапка, кога второстепениот орган нема да го реши предметот во рамки на рокот од ставот (1) на овој член, странката има право да поведе управен спор.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Во согласност со член 50 став 2 од Уставот, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015), се уредува постапката за остварување на заштита на правата и правните интереси на физичките лица, правните лица и другите странки, како и заштита на јавниот интерес по која се должни да постапуваат министерствата, органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и органите на општината, на градот Скопје и општините во градот Скопје, кога во вршењето на своите законски надлежности, постапуваат, решаваат и преземаат други управни дејствија во управни работи (член 1).

Според член 2 став 2 од овој закон, со посебните закони одделни работи може да се уредат поинаку од овој закон, доколку не се во спротивност со основните начела и целта на овој закон и не ја намалуваат заштитата на правата и правните интереси на странките загарантирана со овој закон.

Главата XIII од Законот носи наслов: Правни лекови (членови 104-120), поделени во четири наслови: Право на правни лекови, Жалба, Повторување на постапката и Управен приговор.

Во насловот 1, Право на правни лекови (член 104) се пропишани овластените лица и видовите на правни лекови, и тоа:

„(1) Странката има право на правна заштита против секое управно дејствие или пропуштање на управно дејствие, ако тврди дека со тоа дејствие или пропуштање се повредени нејзините права или правни интереси.
(2) Правни лекови се:
– жалбата;
– повторувањето на постапката и
– приговорот.
(3) Исцрпувањето на жалбата, односно приговорот е предуслов за поведување спор пред надлежниот суд, ако со закон е загарантирана жалбата, односно приговорот.
(4) Кога жалбата, односно приговорот не се загарантирани со закон, странката има право да поведе управен спор.“

Во насловот 2. Жалба, се пропишани содржината и формата на жалбата (член 105), рокот за изјавување на жалба и откажување од жалбата (член 106), предавањето на жалбата (член 107), одложното дејство на жалбата (член 108), работата на второстепениот орган по жалбата (член 109), работата на првостепениот орган по целосно или делумно уважена жалба (член 110), жалба во случај на молчење на управата (член 111), рок за постапување по жалбата (член 112) и достава на решението по жалба (член 113).

Според член 111 став 1 од Законот, кога второстепениот орган ќе утврди дека првостепениот орган не го донел управниот акт во законскиот рок, тој треба да му наложи на првостепениот орган да донесе управен акт и да одреди рок за тоа од најмногу 30 дена по приемот на налогот. Според став 2 на истиот член, кога второстепениот орган ќе утврди дека причините поради коишто првостепениот управен акт не бил донесен не се оправдани, тој самиот решава за барањето на странката во рок од 30 дена по приемот на жалбата, или ќе му наложи на првостепениот орган да го донесе бараниот управен акт во рок од 15 дена по приемот на налогот, а согласно ставот 3, во случај на повторно молчење на првостепениот орган, второстепениот орган е должен самиот да ја реши работата.

Во согласност со членот 112 од Законот, постапката по жалбата на второстепениот орган треба да се заврши без одлагање, а најдоцна во рок од 60 дена од денот на предавање на жалбата и сите списи на предметот од првостепениот орган на второстепениот орган (став 1). Кога второстепениот орган нема да го реши предметот во рамки на рокот од ставот (1) на овој член, странката има право да поведе управен спор (став 2).

Со иницијативата се оспорува уставноста на ставот 2 на членот 112 од Законот, затоа што одредбата не била усогласена со член 22 став 1 од Законот за управните спорови, според кој, ако второстепениот орган во рок од 60 дена или во пократок рок определен со посебен пропис не донел решение по жалбата на странката против првостепеното решение, а не го донесе ниту во рок од седум дена по повторното барање, странката може да поведе управен спор како да е одбиена жалбата. Од наведеното можело да се заклучи дека оспорената одредба од Законот за општата управна постапка во практика била неспроведлива, поради што не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Ваквите наводи во иницијативата Судот ги оцени како неосновани. Ова од причина што од анализата на одредбите од Законот за општата управна постапка, во делот кој се однесува на правните лекови, произлегува дека законодавецот, при пропишување на инструментите за заштита на странката во управната постапка, го имал предвид и институтот „молчење на администрацијата“, и тоа и во случај кога постапува првостепениот орган, и во случај кога второстепениот орган одлучува во постапка по жалба, во која смисла пропишал дека ако второстепениот орган нема да го реши предметот во законски утврдениот рок, странката има право да поведе управен спор.

Ваквото законско решение со кое се овозможува право на судска заштита во управните предмети и во случај кога второстепениот орган нема да го реши предметот во законски пропишаниот рок, според Судот, претставува јасна норма, со која е воведен инструмент за заштита на правата и правните интереси на граѓаните и правните лица од незаконско, самоволно и арбитрарно постапување на управните органи во управни работи, и ваквото законско решение е во функција на обезбедување на правната сигурност, како елемент на владеењето на правото, што е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Поради тоа, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 112 став 2 од Законот за општата управна постапка со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Според член 8 став 3 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2006, 27/2008, 231/2008, 150/2010 и 171/2010), управен спор може да се поведе и кога надлежниот орган по барањето, односно по жалбата на странката не донел соодветен управен акт, под условите предвидени со овој закон.

Според член 22 став 1 од истиот закон, ако второстепениот орган во рок од 60 дена или во пократок рок определен со посебен пропис не донел решение по жалбата на странката против првостепеното решение, а не го донесе ниту во рок од седум дена по повторното барање, странката може да поведе управен спор како да е одбиена жалбата.

Наводите за евентуалната неусогласеност на член 112 став 2 од Законот за општата управна постапка со член 22 од Законот за управните спорови, претставуваат барање за оценување на меѓусебна согласност на два закони, што е прашање од надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд, кој согласно член 110 од Уставот единствено одлучува за согласноста на законите со Уставот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.139/2017
21 февруари 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски