У.бр.85/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 24 јануари 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на: член 46, член 47, член 48, член 49, член 50 ставови 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10,11, 12, 13, 14, 15, 16, 18, 19, 20, 21, 22, 25, 26, 29, 30, 31, 32 и 33, член 51, член 54, член 55 и член 56 од Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ бр.188/2013, 148/2015, 192/2015 и 55/2016).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 50 ставови 17, 23, 24, 27 и 34 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Здружение за посредување во медијација и медијатори „Медијатор“ РС-Скопје, преку претседателот на Здружението, м-р Сандра Рилкова од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на повеќе одредби од Законот за медијација означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорените одредби се предизвикувала повреда на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени во Уставот, се попречувало владеењето на правото и правната заштита на човекот и граѓанинот пред институциите на системот. Поради наведените причини се предлага поништување на оспорените одредби.

По однос на оспорениот член 54 од Законот се наведува дека бил во спротивност со: член 50, член 51 и член 54 од Уставот. Ова особено се однесувало на точката 3 (станува збор за став 3). Сето од причина што со оспорената одредба не можеле да се остварат правата и гаранциите на основните слободи и права содржани во Уставот. Тоа било во директна спротивност со членот 54 од Уставот, бидејќи не било можно одредена институција да ги ограничува или пак пропишува правата на човекот и граѓанинот што произлегувале од уставната категорија-еднаквост на сите граѓани пред институциите на системот. Не било возможно Одборот, според слободно убедување и одлучување, да одлучува кој ќе остварува некое право, а кој немало да го оствари тоа право, а притоа да не бидат пропишани критериуми утврдени со закон. Бидејќи не била предвидена правна заштита против одлуките на Одборот се повредувал и членот 50 од Уставот.

По однос на оспорениот член 55 од Законот се наведува дека бил во спротивност со: член 50, член 51 и член 54 од Уставот. Според подносителот на иницијативата во оваа одредба не биле утврдени правила и критериуми врз основа на кои се стекнувало правото. Особено бил спорен ставот 2 од одредбата бидејќи во него не било утврдено кое министерство е надлежно за спроведување на постапката за запишување во Регистарот. Оваа надлежност веќе му припаѓала на Министерството за образование и била веќе уредена во Законот за образование, за што постоеле и правилници. Оттаму, со одредбата се воспоставувала двојна надлежност и двојно законодавство кое било во колизија едно со друго.

Членот 56 од Законот не бил во согласност со членот 50, членот 51 и членот 54 од Уставот од причина што не постоеле критериуми врз основа на кои надлежниот орган би им гарантирал на субјектите еднаквост пред институциите и правниот систем. Оттаму, се поставувало прашањето дали воопшто било во согласност постоењето на вакво тело (Одбор за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работата на медијацијата) бидејќи истите надлежности ги имале и Управниот одбор на Комората на медијатори и Надзорниот одбор. Подносителот на иницијативата смета дека било противуставно постоењето на вакво тело кое навлегувало во делокругот на работа на Управниот одбор на Комората на медијатори и Надзорниот одбор.

Оспорените членови: 46, 47, 48, 49, 50 и 51 од Законот биле во спротивност со: членовите 50, 51 и 54 од Уставот. Имено, противуставно било воведување на испит за медијатори, бидејќи медијацијата била вештина, а не стручна оспособеност. Таа вештина се добивала со обука и за неа не се утврдувал степен на стручна подготовка, туку само се констатирало дека лицето ја поминало обуката, а од неговата вештина зависело како ќе ја применува во практиката. Согласно наведеното сосема било непотребно и противуставно воведувањето на испит за медијатори, особено што таков испит никаде не постоел, туку постоела само обука.

Поради сето наведено се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби, а потоа истите да ги поништи. Воедно се предлага донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на овие одредби, а како во оспорените одредби не било предвидено правото на жалба, согласно членот 15 од Уставот од каде граѓаните трпеле ограничувања на правата.

Во поднесокот за појаснување на иницијативата се наведува дека со одредбите се повредувале член 8 став 1 алинеи 1 и 3 и член 9 од Уставот од причина што Одборот, како тело на Владата на Република Македонија не можел да одлучува по свој избор за правата на граѓаните, без утврдени критериуми.

4. Судот на седницата, утврди дека според член 46 став 1 од Законот за медијација, медијатор може да биде деловно способно физичко лице кое поседува лиценца за вршење на медијаторски работи (во натамошниот текст: лиценца за медијатор).

Лиценца за медијатор му се издава на лицето кое ќе го положи испитот за проверка на теоретските познавања и практичните вештини на медијацијата (во натамошниот текст: испит за медијатори) пред Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата (во натамошниот текст: Одборот) и ќе презентира склучен договор за осигурување од одговорност за штета согласно со членот 24 став 4 од овој закон (став 2).

Издадената лиценца важи пет години и истата може да се продолжи или одземе во зависност од резултатите од евалуацијата на квалитетот на работењето на медијаторот (став 3).

Евалуацијата на квалитетот на работењето на медијаторите ја врши Одборот најмалку еднаш во пет години согласно со методологијата и постапката за вршење на мониторинг и евалуација на квалитетот на работењето на медијаторите (став 4).

Формата и содржината на лиценцата за медијатор ги пропишува министерот за правда (став 5).

Во член 47 став 1 од Законот е предвидено дека, испитот за медијатор можат да го полагаат лицата кои до Одборот доставиле пријава за полагање испит заедно со доказ за:

а) завршено високо образование VII/I или 300 кредити според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС) во Република Македонија или решение за признавање на соодветна високо-образовна квалификација стекната во странство издадено од Министерството на образование и наука;
б) завршена обука според акредитирана програма за обука на медијатори од најмалку 70 часа во Република Македонија, односно странство, или решение за признавање на соодветна обука завршена во странство донесено од Одборот;
в) најмалку три години работно искуство по дипломирањето;
г) проследени најмалку четири постапки за медијација спроведени од медијатор за што е издадена потврда од медијатор поткрепена заедно со извод од Регистарот за евиденција на постапките за медијација за соодветните постапки;
д) спроведен психолошки тест и тест на интегритет издаден од лиценцирано стручно лице;
ѓ) уверение за државјанство на Република Македонија и
е) најмалку пет препораки од лица кои професионално го познаваат апликантот.

Кандидатите на кои им е одобрено барањето за полагање на испитот и јавноста се информираат за датумот и времето на полагање на испитот, најмалку осум дена пред одржување на испитот преку веб страната на Министерството за правда и Јавниот радиодифузен сервис (став 2).

Со испитот за медијатор се проверува познавањето и разбирањето за општата теорија, правните прописи со кои се уредува дејноста медијатор, процесот и постапката на медијација и практика за медијацијата, врз основа на писмени тестови, есеи и извештаи (став 3).

Лицето од ставот 1 на овој член е должно да ги надомести трошоците за полагање на испитот (став 4).

Министерот за правда ја утврдува висината на реално направените трошоци за полагање на испитот, неопходни за спроведување на првиот и вториот дел од испитот, подготовката на базите на прашања и студии на случај, спроведувањето на електронскиот тест, подготовка на материјали и покани и подготовка на уверенија (став 5).

Трошоците за полагање на испитот се уплатуваат на сметката на сопствени приходи на Министерството за правда (став 6).

Ако трошоците не се уплатени на соодветната сметка на Министерството за правда, најдоцна 15 дена пред денот определен за почеток на испитната сесија, на лицето нема да му се дозволи полагање на испитот (став 7).

Ако лицето во рок од една година од денот на уплатата на средствата не го полага испитот, уплатените средства се враќаат согласно со закон (став 8).

Според член 48 став 1 од Законот за медијација, испитот се состои од три дела, и тоа:

-прв дел (теоретски дел), со кој се проверува теоретското знаење,
-втор дел (студија на случај), со кој се проверува способноста за спроведување на процес на медијација во практиката и
-трет дел, во кој се оценуваат личните особини и карактеристики и практичните вештини, способности и знаења за медијација.

Според ставот 2 од истиот член од Законот, испитот од ставот 1 алинеи 1 и 2 на овој член се полага писмено по електронски пат со одговарање на определен број прашања во вид на решавање на електронски тест на компјутер од сферата на:

1) знаење за медијација;
2) вештини на медијаторот;
3) градење на добри односи;
4) мотивирање на учесниците за процесот на медијација;
5) реализирање на комуникацијата меѓу учесниците;
6) регулирање на процесот на медијација и
7) разбирање со содржината на конфликтното прашање.

Вториот дел на испитот се состои од студија на два индивидуални случаи за спроведување на постапка на медијација и прашања што треба лицето да ги одговори врз основа на анализата на случајот (став 3).

Според ставот 4 од членот 48 од Законот, третиот дел на испитот се реализира како интервју со лицето со цел да се оценат неговите лични особини, карактеристики и потребните вештини и способности за медијатор да ги слуша страните, да го разбере кажаното од нив и да го парафразира, сублимира и елоквентно презентира пред нив во форма што ги изразува нивните интереси. Лицето преку одреден случај (играње на улога) треба да ги демонстрира и презентира постапките и техниките на медијацијата.

Испитот се полага најмалку два пати во текот на годината според програма во која се содржани градивото и прописите (став 5).

Програмата за полагање на испитот ја донесува министерот за правда (став 6).

Во член 49 став 1 од Законот за медијација е предвидено дека, базата на прашања за првиот дел и базата на студии на случај за вториот дел од испитот ја формира Одборот.

За подготвување на прашањата од првиот дел од испитот, студиите на случај од вториот дел на испитот и случаите за оцена на вештините министерот за правда ангажира судии, професори од факултети на акредитираните универзитети во Република Македонија, социолози, психолози, педагози, адвокати, стопанственици, медијатори и други (став 2).

Одборот врши ревизија и ажурирање на базите на прашања и базите на студии на случај од член 48 на овој закон најмалку двапати годишно (став 3).

При ревизијата Одборот особено ги има предвид измените на правните прописи на кои е засновано прашањето, односно случајот, бројот на лицата кои го одговарале, успешноста во одговарањето на истите, како и други критериуми кои можат да влијаат на подобрувањето на квалитетот на базите од членот 48 од овој закон (став 4).

Врз основа на извршената ревизија и ажурирање на базите на прашања и базите на студии на случај, Одборот одлучува најмалку 30% од прашањата и студиите на случај да бидат изменети или целосно отстранети и заменети со нови од базите од член 51 на овој закон (став 5).

Лицата од ставот 2 на овој член и членовите на Одборот имаат право на паричен надоместок што го определува министерот за правда (став 6).

Износот на паричниот надоместок од ставот 5 на овој член се определува врз основа на бројот на изготвени прашања и студии на случај (став 7).

Годишниот износ на паричниот надоместок од ставот 5 на овој член не го надминува нивото на месечна плата на судија во апелационен суд (став 8).

Според член 50 став 1 од Законот за медијација, стручните и административните работи за потребите на спроведување на испитот за медијатори ги врши Министерството за правда, за што министерот за правда определува одговорно лице кое утврдува дали кандидатот ги исполнува условите за полагање на испитот, а испитот технички го спроведува правно лице регистрирано во Централниот регистар избрано од министерот за правда.

Со глоба од 2.000 до 3.000 евра денарска противвредност ќе се казни лицето од ставот 1 кое ќе дозволи да полага кандидат кое не ги исполнува пропишаните услови од овој закон (став 2).

На одговорното лице од став 1 на овој член за секоjа одржана испитна сесија му следува паричен надоместок, во износ од една третина од просечната нето плата во Република Македонија, за што Министерството за правда донесува решение (став 3).

Испитот се полага во просторија за полагање на испит, посебно опремена за полагање на стручен испит со материјално-техничка и информатичка опрема, интернет врска и опрема за снимање на полагањето (став 4).

Полагањето на испитот се снима и во живо се емитува на веб страницата на Министерството за правда, а ако поради технички причини снимањето се прекине, снимката од целиот испит се поставува на веб страницата на Министерството за правда (став 5).

Критериумите во однос на просторните услови и материјално-техничката и информатичката опрема на просториите за полагање на испит за медијатори ги пропишува министерот за правда (став 6).

Според ставот 7 од членот 50 од Законот, за време на полагањето на испитот на лицето не му се дозволува користење на мобилен телефон, преносни компјутерски уреди и други технички и информатички средства, законски текстови, претходно подготвени предмети и слично. Воедно не е дозволено меѓусебно контактирање на лицата кои го полагаат испитот.

Во просторијата за полагање на испитот за време на полагањето присутни се по еден претставник на Министерството за правда и Министерството за информатичко општество и администрација и еден претставник од Владата на Република Македонија на предлог на Канцеларијата на претседателот на Владата (став 8).

На претставниците од ставот 8 на овој член за секоја одржанa испитна сесија им следува паричен надоместок, во износ од една третина од просечната нето плата во Република Македонија, за што Министерството за правда донесува решение (став 9).

Овластеното правно лице кое технички го спроведува испитот е должно да го блокира радио фреквенцискиот опсег во просторијата за полагање на испитот за време на спроведување на испитните сесии (став 10).

Агенцијата за електронски комуникации (во натамошниот текст: АЕК) врши постојан мониторинг на блокирањето на радио фрекфенцискиот опсег во просторијата за полагање на испитот, со цел да се спречи секаков вид на електронска комуникација со околината надвор од просторијата за полагање на испитот (став 11).

АЕК во просторијата за полагање на испитот инсталира мерна опрема која обезбедува електронски запис од извршените мерења во траење од 30 дена и истите се складираат во централниот контролен систем на АЕК (став 12).

АЕК формира тричлена комисија која изготвува извештај врз основа на електронските записи складирани во централниот контролен систем на АЕК и истиот го доставува до Министерството за правда најдоцна во рок од 15 дена од завршување на испитната сесија (став 13).

Глоба во износ од 10.000 евра во денарска противредност ќе се изрече на овластеното правно лице кое технички го спроведува испитот од ставот 1 од овој член доколку не го блокира радио фрекфенцискиот опсег во просторијата за полагање на испитот (став 14).

Овластените претставници од ставот 8 на овој член за време на полагањето на испитот не смеат да се задржуваат подолго од пет секунди во непосредна близина на лицето кое го полага испитот, освен во случај на отстранување на технички проблем кога не смеат да се задржат подолго од пет минути (став 15).

Според ставот 16 од истиот член од Законот, ако техничкиот проблем со компјутерот биде отстранет за пет минути, испитот продолжува, а доколку не биде отстранет во овој рок испитот само за тоа лице прекинува и ќе се одржи во рок од најмногу три дена од денот на прекинатиот испит. Ако има технички проблеми на повеќе од пет компјутери и тие не бидат отстранети во рок од пет минути испитот се прекинува за сите лица кои го полагаат испитот и ќе се одржи во рок од најмногу три дена од денот на прекинатиот испит.

Доколку лицето кое го полага испитот постапува спротивно на ставот 7 на овој член, не му се дозволува натамошно полагање на испитот и се констатира дека лицето не го положило испитот во записникот од полагање и му се изрекува забрана за полагање на испитот во траење од три години, за што Министерството за правда донесува решение против кое може да се поведе управен спор пред надлежен суд во рок од 30 дена од денот на приемот на решението (став 17).

Глоба во износ од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе им се изрече на овластените претставници од ставот 8 од овој член ако постапат спротивно на ставот 7 од овој член (став 18).

Глоба во износ од 100 до 200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на кандидатот кој постапува спротивно на ставот 7 од овој член (став 19).

Првиот дел од испитот содржи најмалку 50 прашања со пет опции за избор од кои една е точна, две се слични, една не е точна во мал обем (на неа се губат мал број поени) и една не е точна во голем обем (на неа се губат поголем број поени). Ако лицето при полагање на првиот дел од испитот за медијатор освои повеќе од 70% од вкупниот број поени, тогаш се стекнува со право да го полага вториот дел од испитот (став 20).

Според ставот 21 од членот 50 од Законот, вториот дел од испитот од членот 48 став 3 од овој закон се состои од две студии на случај кои се однесуваат на спроведување на процес на медијација. Прашањата кои се составен дел од студиите на случај имаат десет можни опции на одговори од кои едната е точна, пет се слични и четири се различни. Ако лицето при полагање на двата дела од испитот за медијатор освои повеќе од 70% од вкупниот број поени, тогаш се стекнува со право да го полага третиот дел на испитот.

Во ставот 22 од членот 50 од Законот е предвидено дека, третиот дел од испитот лицето за медијатор го полага пред Комисија од пет члена, составена од претставници на Одборот. Комисијата лицето за медијатор го оценува со оцена „задоволува“, односно „не задоволува“, согласно со вредносните критериуми за оцена на личните особини, карактеристики и потребните вештини и способности за медијатор, утврдени од страна на министерот за правда. Лицето кое добило оцена „задоволува“ го положил испитот за медијатор и се стекнува со право да аплицира за лиценца за медијатор.

Министерот за правда формира Комисија за ревизија на одржаните испити, во која членуваат: два претставника на Одборот, претставник на Владата на Република Македонија, претставник на Министерството за правда и претставник на Министерството за информатичко општество и администрација (став 23).

Комисијата од став 2 на овој член се состанува по секоја одржана испитна сесија и врши ревизија на спроведување на испитот, вклучувајќи и дали испитот го полагале кандидати кои не ги исполнуваат условите за полагање на испитот согласно член 47 од овој закон, за што доставува извештај до министерот за правда (став 24).

Со глоба од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе се казнат членовите на Комисијата од став 23 на овој член доколку утврдат неправилности во спроведувањето на испитот, а за тоа не го известат министерот за правда (став 25).

На членовите на Комисијата од ставот 23 на овој член им следува паричен надоместок, кој на годишно ниво изнесува една просечна нето плата во Република Македонија, за што Министерството за правда донесува решение (став 26).

Доколку Комисијата од став 23 утврди нерегуларности во спроведувањето на испитот од страна на поединци во смисла на ставот 7 на овој член, ќе предложи одземање на уверението за положен испит (став 27).

Според ставот 28 од членот 50 од Законот, министерот за правда донесува решение за одземање на уверението врз основа на предлогот на Комисијата од став 23 во рок од три дена од приемот на предлогот. Против решението може да се поведе управен спор пред надлежен суд во рок од 30 дена од приемот на решението.

Глоба во износ од 1.000 до 1.500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на министерот за правда ако не го донесе решението во рок утврден во ставот 28 на овој член (став 29).

Глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на овластеното правно лице од ставот 1 на овој член кое технички го спроведува испитот доколку не го снима, емитува во живо на веб страницата на Министерството за правда или не ја постави снимката на целиот испит на веб страницата на Министерството за правда согласно со ставот 3 на овој член (став 30).

Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на овластениот претставник од ставот 8 на овој член, доколку постапи спротивно на ставот 7 на овој член (став 31).

Глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на овластеното правно лице од ставот 1 на овој член кое технички го спроведува испитот доколку не го прекине испитот согласно со ставот 16 на овој член (став 32).

За прекршоците пропишани со овој член прекршочна постапка ќе води и прекршочна санкција ќе изрече надлежен суд (став 33).
Надзор врз спроведувањето на одредбите на овој член врши Министерството за правда (став 34).

Во членот 51 став 1 од Законот е предвидено дека, полагањето на првиот дел од испитот за медијатори се врши со одговарање на прашањата.

Прашањата од тестот зависно од тежината, се вреднуваат со определен број поени и се полагаат електронски (став 2).

Прашањата содржани во тестовите за полагање на првиот дел на испитот за медијатори и нивните одговори се чуваат во единствениот електронски систем за полагање на испит за медијатори (став 3).

Електронскиот систем од ставот 3 на овој член содржи и јавно достапна база од најмалку 2.000 прашања за потребите од првиот дел од испитот, како и јавно достапна база од најмалку 100 студии на случај за потребите на вториот дел од испитот (став 4).

Во електронскиот систем е содржано и посочување на прописите и стручната литература во кои се содржани одговорите на прашањата од првиот дел од испитот и прописите за вториот дел од испитот (став 5).

Резултатите од полагањето на првиот и вториот дел од испитот му се достапни на лицето, на компјутерот на кој го полагал испитот, веднаш по неговото завршување (став 6).

Електронскиот систем за полагање на испитот не може да дозволи постоење на идентична содржина на електронскиот тест за првиот дел на испитот, односно електронска студија на случај за вториот дел од испитот, во еден термин за повеќе од едно лице (став 7).
Условите и начинот на полагање на испитот за медијатори ги пропишува министерот за правда (став 8).

Во член 54 став 1 од Законот е предвидено дека, обуката на медијатори се врши според акредитирани програми за обука на медијатори.

Акредитација се издава на програми кои ќе ги исполнат условите за акредитација на програмите за обука на медијатори (став 2).

Условите за акредитација на програмите за обука на медијатори и кругот на лицата кои можат до Одборот да поднесат барање за акредитација на програми ги утврдува Одборот (став 3).

Издадената акредитација може да се продолжи или одземе во зависност од резултатите од евалуацијата на квалитетот на спроведувањето на акредитираните програми за обука на медијатори (став 4).

Евалуацијата на квалитетот на спроведувањето на акредитираните програми за обука на медијатори ја врши Одборот најмалку еднаш во пет години согласно со методологијата и постапката за вршење на мониторинг и евалуација на квалитетот на спроведувањето на акредитираните програми за обука на медијатори (став 5).

Според член 55 став 1 од Законот за медијација, лицата на кои им е издадена лиценца за обучувач се запишуваат во Регистарот на обучувачи на медијатори.

Програмите за обука на медијатори на кои им е издадена акредитација се запишуваат во Регистарот на акредитирани програми за обука на медијатори (став 2).

Лицата, односно програмите на кои им е одземена лиценцата, односно акредитацијата се бришат од соодветниот регистар (став 3).

Регистарот на обучувачи на медијатори и Регистарот на акредитирани програми за обука на медијатори ги води Одборот (став 4).

Во член 56 став 1 од Законот е предвидено дека, квалитетот на работите на медијацијата го обезбедува, следи и оценува Одборот.

Одборот има печат кој содржи натпис Република Македонија-Одбор за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата-Скопје (став 2).

Во средината на печатот е грбот на Република Македонија (став 3).

5. Согласно член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и владеењето на правото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 50 од Уставот секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд во постапка заснована врз начелото на приоритет и итност.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1). Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2). Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3).

Од анализата на цитираните уставни одредби произлегува дека медијацијата, како еден од начините на решавање на спорови, не е уредена со Уставот. Оттаму, Собранието на Република Македонија, како носител на законодавната власт е овластено, меѓу другото, да ги уреди и прашањата кои се однесуваат на тоа кои услови треба да ги исполнува медијаторот, да предвиди обука за медијатори, да определи кој ќе ја организира и спроведува обуката за медијатори и слично. Во наведената смисла е и ставот на Судот изразен во постапката по предметот У.бр.231/2009.

Во иницијативата се оспоруваат членовите: 54, 55 и 56 од Законот за медијација од причина што вршење на дејноста на медијатор не биле предвидени критериуми во Законот, не било утврдено кој е надлежен за спроведување на постапка за запишување во Регистарот, не постоеле критериуми кои би гарантирале еднаквост за стекнување на правото за вршење на медијација, а имало и поклопување на надлежностите.

Според Судот ваквите наводи се неосновани. Имено, членот 47 од Законот уредил кои услови треба да ги исполнува кадидатот за медијатор за да може да полага испит за медијатори, а член 48 и член 50 ставови 20, 21 и 22 од Законот уредуваат во што се состои испитот за медијатори и како се вреднува секој од предвидените три дела од испитот за медијатор. Според тоа во Законот во овие и други одредби има доволна рамка по однос на критериумите за стекнување на правото за вршење на дејноста медијатор.

Во постапката по предметот У.бр.138/2016 Судот заземал став дека Законот за медијација има доволна рамка за спроведување на испит за медијатори кога ја оценувал уставноста и законитоста на Правилникот за условите и начинот на полагање на испитот за медијатор, во целина и посебно на член 7 став 4 („Службен весник на Република Македонија“ бр.223/2015). Наводите во предметната иницијативата не нудат аргументи за промена на вака изнесениот став.

За споведување на постапката за запишување во Регистарот на обучувачи на медијатори и Регистарот на акредитирани програми за обука на медијатори надлежен е Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата, до кој заклучок се доаѓа од целосната анализа на оспорениот член 55 и други одредби од Законот, кој, пак, не предвидел било какви надлежности за било кое министерство, како што се наведува погрешно во иницијативата.

Доколку пак, постојат поклопувања во надлежностите на одделни органи во Комората на медијатори, тоа не е прашање од надлежност на Уставниот суд, согласно членот 110 од Уставот, туку е евентуално прашање за неусогласеност на одредби од еден ист закон што би било надлежност на законодавниот дом.

По однос на оспорените членови: 46, 47, 48, 49, 50 и 51 од Законот се наведува дека не се водело сметка дека медијацијата е вештина, а не оспособеност за вршење на оваа дејност, бидејќи од вештината зависело како ќе се применувала медијацијата во практиката. Според оцена на Судот ваквите наводи се неосновани.

Ова од причина што Законот за медијација во повеќе одредби (член 46 став 2, член 48 став 2 точка 2, член 49 став 2, член 50 став 22 и други) ја имал во предид стекнатата вештина во врска со добивањето на лиценцата за медијатор и обуката на медијаторот. Но прашањето за тоа каква вештина ќе покаже секој одделен медијатор, во секој конкретен случај, во практикувањето на медијацијата е фактичко и поединечно прашање во кое овој суд нема надлежност да навлегува.

Врз основа на направената анализа на уставните и законски одредби произлегува дека оспорените: член 46, член 47, член 48, член 49, член 50 ставови 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10,11, 12, 13, 14, 15, 16, 18, 19, 20, 21, 22, 25, 26, 29, 30, 31, 32 и 33, член 51, член 54, член 55 и член 56 од Законот за медијација се во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 50, член 51 став 1 и член 54 од Уставот.

-Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во постапката по предметот У.бр.7/2017 предмет на уставно-судска оцена, меѓу другото бил и член 50 ставови 17, 23, 24, 27 и 34 од Законот за медијација за кои Судот оценил дека се во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 95 став 3 и член 96 од Уставот.

Оттаму, за оспорениот член 50 ставови 17, 23, 24, 27 и 34 од Законот за медијација Уставниот суд веќе одлучувал. Судот, оценувајќи ги повторно овие одредби по однос на нивната согласност со: член 8 став 1 алинеја 1, член 9, член 50, член 51 став 1 и член 54 од Уставот, од аспектите на предметната иницијатива, оцени дека нема основи за понакво одлучување, од каде се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот за отфрлање на иницијативата во овој дел.

Наводите во иницијативата за несогласност на оспорените одредби од Законот со други одредби од истиот закон, или пак со други закони претставуваат барање за оцена на меѓусебна согласност на одредби од ист закон или два закони, за што, Уставниот суд, согласно надлежностите утврдени во член 110 од Уставот, не е надлежен.

Тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд утврдена во членот 110 од Уставот, произлегува и тоа дека Судот нема надлежност да оценува законитост на закон што е едно од барањата на иницијативата.

Според член 15 од Уставот, на кој се повикува подносителот на иницијативата за донесување на решение за времена мерка, се гарантираше правото на жалба против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или друга институција што врши јавно овластување. Членот 15 од Уставот е заменет со Амандман XXI на Уставот, според кој се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид правна заштита против поединечните правни акти донесени во постапка пред орган на државната управа или организација и други органи што вршат јавни овластувања се уредува со закон.

Во контекст на сето наведено не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Судот за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорените одредби.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

 

У.бр.85/2017
24 јануари 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски